41.8 C
Skopje
сабота, 26 јули 2025
Дома Blog Страница 9576

Јагањац се прости од Металург со победа во СЕХА

Металург конечно победи во меч што не е од домашното првенство, а сефте скопјани забележаа во СЕХА лигата против фаворитот Татран Прешов.

Халил Јагањац се прости од Металург со шест погодоци и победа, а ќе замине во хрватски Нексе. Трансферот е тежок 120 илјади евра.

Покрај Јагањац расположен за голови беше и Анте Токиќ и со 9 погодоци беше најефикасен во победата од 30:28.

Томас Чип со 8 и Лапајне со 7 голови беа најефикасни кај Татран.

Матераци го спореди Наинголан со српска легенда

Во исчекување на миланското дерби на „Џузепе Меаца“, се огласи и ексфудбалерот на „нероаѕурите“, Марко Матераци, кој ја искористи приликата да го пофали новиот фудбалер на Интер, Раџа Наинголан. Пензионираниот Италијанец смета дека Наинголан е клучен играч за тимот на Спалети, а неговата игра го потсетува на неговиот некогашен колега, Дејан Станковиќ.

„Наинголан во Интер е она што некогаш беше Дејан Станковиќ. Краде топки, започнува контранапади, дава голови, како лав се бори на теренот“, вели Матераци.

Дербито Интер – Милан е закажано за утре, со почеток во 20.30 часот.

Сефте гол за Аријан Адеми во новата сезона (Видео)

Аријан Адеми го постигна првиот гол сезонава за Динамо Загреб, трет по ред во победата од 4:1 против Истра во Пула.

Нашиот репрезентативец одлично реагираше по долгата акција на гостите и со глава ја затресе домашната мрежа.

Адеми имаше проблеми со повреди, но се врати и во составот со национално обележја на Македонија, а игра стандардно и за Динамо, екипа која е лидер во ХНЛ и прв фаворит за титулата.

https://www.youtube.com/watch?v=IHsZanMvxBc

Ливерпул и Вердер газат сигурно, Атлетико се лизна на „жолтата подморница“

Атлетико Мадрид не успеа да го победи Вилјареал во едно од двете дербија денеска во Ла Лига, иако имаше предност од 1:0 на гостински терен.

Популарната „Жолта подморница“ не потона и по негативата и со голот на Марио Гаспар освои еден бод. Претходно Фелипе Луис му донесе предност на Атлетико.

Во Англија, Ливерпул продолжи сигурно да гази и со победа од 1:0 против Хадерсфилд се израмни на врвот на табелата со Манчестер сити. Двете екипи имаат по 23 бода.

Вердер ја продолжи супер серијата и со 2:0 го победи Шалке 04 во Гелзенкирхен. Тимот од Бремен има 17 бодови на второто место, зад лидерот Борусија Дортмунд со 20.

Тричковски како нов, одигра цел меч за АЕК по повредата

Иван Тричковски се врати на терен по повредата и одигра цел меч за АЕК Ларнака, што е добра вест и за нашата репрезентација.

Напаѓачот на македонската репрезентација се повреди кога беше во гол-форма и не настапи за А селекцијата на дуелот со Ерменија што го загубивме со 0:4 во Лигата на Нации, но сега е фит и се очекува да биде подготвен за ноемврискиот блок на натпревари против Лихтенштајн на гости и со Гибралтар дома.

АЕК со 3:0 ја победи Докса и без пораз се проби на третото место во кипарското првенство. Клубот од Ларнака има 10 бодови и меч помалку од водечкиот двоец Аполон и АЕЛ. Даниел Мојсов не играше денеска за АЕК.

Работнички и Блокотехна не ги „испочитуваа“ гостите

Чавдар Костов и Кирил Николовски беа кошаркарите кои не дозволија Работнички да биде изненаден од Кожув. Средбата во „Градски парк“ заврши со 102:75 за домашните кои имаат три победи по првите три кола.

Бугаринот Костов даде 29 поени (погоди шест тројки), а Николовски придонесе со 26 поени и шест скока. Гевгеличани беа рамноправни во првото полувреме бидејќи играа ефикасно, а потоа веќе не постигнуваа толку поени, додека Работнички продолжи во ист стил и разликата од минута во минута растеше.

За да не биде сè така црно за гевгелиските љубители на кошарката, се погрижи Блокотехна, која го надигра Пелистер со 97:69, и заедно со Работнички се на врвот со по 6 бода. Разликата во квалитет беше видлива уште во првата четвртина, а Блокотехна тоа го потврди и во наредните 20 минути, па финишот беше само формалност.

Десет минути за Пандев, голем бод за Џенова во Торино

Бразилецот Даниел Беса со гол во 67. минута и донесе голем бод на Џенова и ја прекина серијата од 8 победи на шампионот Јувентус во новата сезона во Серија А.

Гостите приредија сензација против неприкосновениот лидер во Калчото, а капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев имаше придонес во подвигот. Одигра десетина минути во финишот, доби и жолт картон, но и се радува на ремито 1:1.

Јувентус поведе со голот на Кристијано Роналдо по 18. минути игра, но потоа прими гол, само шести во шампионатот и не успеа да стаса до девет од девет.

Летечки старт на Јошко Петковиќ, Пелистер го декласира Радовиш

Пелистер лесно и убедливо го победи Радовиш со 40:28 во деби мечот за новиот тренер Јошко Петковиќ. Тој се врати на клупата на битолчани, а играчите му овозможија да се радува на убедлив триумф.

Мечот беше решен уште по првото полувреме, кое Пелистер го доби со 21:14, а до крајот разликата порасна за уште пет голови.

Крилото на домаќините Милан Поповиќ беше најефикасен со 11 голови.

Го нема Нејмар, нема проблем – 10 од 10 за ПСЖ

ПСЖ рутинирано го победи Амиен со 5-0, за 10-та победа во низа во францускиот шампионат, од исто толку натпревари. „Светците“ настапија без најскапиот фудбалер на светот, Нејмар, но и без него, избраниците на Тухел немаа проблеми во освојувањето на нови три бода.

Маркињос го отвори резултатот по само 12 минути игра по асистенција на Ди Марија, а Аргентинецот одново беше креатор на нов гол за домаќините, овој пат му намести на Рабио во 42-та минута од мечот. Дракслер на десетина минути пред крајот зголеми на 3-0, две минути подоцна во листата на стрелци се запиша и Мбапе, а „петардата“ пукна со голот на Диаби во 88-та минута.

ПСЖ останува максимален по 10 кола во француското првенство со 30 освоени бодови, и веќе има двоцифрена бодовна предност во однос на второ пласираниот Лил.

 

Првата гостинска победа за Кочов е против „неговиот“ Вардар

МЗТ Скопје Аеродром без поголеми проблеми дојде до својата прва гостинска победа сезонава, славеше со 102:72 против Вардар, клубот од кој во МЗТ дојде тренерот Ѓорѓи Кочов. Ова беше прв меч за Кочов како тренер против „црвено-црните“, клуб во кој ја заврши и играчката кариера.

До 14 минута, домашните беа рамноправни, имаа 32-33, а потоа МЗТ со серија од 13-0 отиде на плус 14, и го деморализираше противникот. Во третата четвртина, „штрковите“ заиграа на посакуваното ниво и направија предност од дури 30 поени разлика, па финишот беше само рутина.

Колото требаше да почне со дуел на Шкупи и Фени индустри, но средбата беше одложена, бидејќи во салата „Шабан Трстена“ не била направена потребната реконструкција на соблекувалните за официјалните лица и тимовите.

Чаирчани поставија монтажни тунели од соблекувална до терен, но другите технички обврски не ги исполниле и делегатот не дозволи да се игра. Шкупи има рок од 24 часа да ги среди проблемите, а новиот термин за одигрување на дуелот е утре од 13 часот.