Дома Blog Страница 9633

Лудо: Возеа 225 км на час и се обиде да стисне кочница кај противникот (Видео)

Спортистите многу често не бираат начин како да стигнат до посакуваната цел, но тоа што го направи италијанскиот мотоциклист Романо Фенати се граничи со лудост. На трката за големата награда на Сан Марино, Фенати направи непромислен потег со којшто можеше да го загрози животот на неговиот сонародник Стефано Манци.
Двајцата мотоциклисти возеа еден до друг кога Фенати неочекувано ја испружи раката и стисна на кочницата на моторот на ривалот. Во тој момент тие возеа со брзина од 225 километри на час. Манци едвај успеа да го исконтролира моторот и не дозволи да падне, што можеше да има сериозни последици при пад на таа брзина.

https://youtu.be/cklpKVjEON4

Поради овој потег, Фенати беше дисквалификуван од трката, а подоцна беше казнет и со забрана за тркање на следните две трки. Италијанскиот возач дури е избркан и од тимот за кој се натпреваруваше. Од екипата на Маринели велат дека не им е потребен таков возач.
„Два круга пред инцидентот, имавме близок контакт, но тоа не е нешто што може да го оправда однесувањето на Фенати. Неговиот потег доволно кажува каков возач е“, рече Манци по трката.
Фенати од претходно е познат како „валкан“ возач, кој често имал инциденти со други мотоциклисти. Дури знаел и да тргне физички да се пресмета со дел од нив. Овојпат неговиот несовесен потег, за среќа, немаше посериозни последици, а тој ќе биде надвор од трките барем одредено време.

Казната за Серина Вилијамс е еден процент од наградата во Њујорк

Американската тенисерка Серина Вилијамс е казнета од организаторите на Отвореното првенство на САД со 17 илјади долари, или малку повеќе од еден процент од вкупната награда што ѝ припаѓа со пласманот во финалето.
Серина Вилијамс доби казна на теренот со одземање поен поради кавга со судијата, а сега е казнета и парично.
За неа тоа е речиси и безначајна парична казна од 17 илјади долари во однос на чекот од 1,4 милиони долари што го доби за пласманот во финалето. Таму загуби од Наомо Осака, тенисерка која за првпат освои Гренд слем трофеј.
Целиот настан и расправијата на Серина со судијата го расипа финалето, а Американката бараше извинување, но наместо тоа, доби парична казна.

Зидан го стресе Мурињо: Наскоро се враќам!

Доскорешниот тренер на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, со нетрпение чека Жозе Мурињо да добие отказ од Манчестер јунајтед за да може да седне на клупата на „Олд Трафорд“. Францускиот стратег потврди дека се подготвува наскоро да се врати на работа бидејќи доволно му било одмор.
„Да. Со сигурност планирам во брзо време да се вратам. Тоа е нешто кое го правам цел живот и нешто што сакам да го работам“, рече Зидан за шпанската телевизија ТВЕ.
Зидан помина две и пол години на клупата на Реал Мадрид и успеа да донесе три европски круни од Лигата на шампионите, покажувајќи дека не само што беше врвен фудбалер, туку е и одличен стратег.
Мурињо во Манчестер има несогласувања со челниците на клубот, кои не му дозволија да ги доведе посакуваните засилувања. Португалскиот стратег констатираше дека сега „црвените ѓаволи“ немаат тим за висок пласман. Токму поради ваквите констатации на Мурињо, доколку се случи да направи неколку кикса по ред, речиси сигурно е дека ќе добие отказ, а на негово место е подготвен да дојде Зидан.

Ноле го стигна Сампрас, на ред се Надал и Федерер

Новак Ѓоковиќ е новиот шампион во Њујорк откако во финалето на Отвореното првенство на САД со 3:0 во сетови го победи Хуан Мартин дел Потро. За Ѓоковиќ ова беше 14-ти Гренд слем трофеј во кариерата и успеа да се израмни со легендарниот американски тенисер, Пит Сампрас, кој во кариерата имаше освоено 14 вакви пехари.
Популарниот Ноле не заборави да го спомене токму Сампрас, кој, сепак. не беше на трибините на стадионот „Артур Еш“.
„Се надевав дека Пит Сампрас ќе биде тука, но за жал не е. Пит те сакам, ти си мојот идол“, рече Ѓоковиќ, кој потоа додаде дека семејството е неговата најголема поддршка во кариерата.
„Успеав благодарение на моите сакани – децата, сопругата, семејството. Тие секогаш биле покрај мене и ми давале поддршка кога ми е најтешко. Знам низ што поминуваше Мартин дел Потро во изминативме две-три години, кога имаше повреди. Во тие моменти кога не се чувствувате добро, се обидувате да извлечете некои поуки. Сакам да му честитам на Дел Потро бидејќи тој е одличен тенисер. Атмосферата на трибините беше како на фудбалски меч, но се беше во границите на дозволеното“, рече Ѓоковиќ по победата во финалето.
Пред Ноле, сега има само двајца тенисери кои успеале да освојат повеќе трофеи на Гренд слем турнирите. Тоа се неговите најголеми ривали, Роже Федерер и Рафаел Надал. Федерер е рекордер со 20 титули, додека Надал има 17 Гренд слем трофеи.

Нова Гренд слем титула за Ѓоковиќ

Новак Ѓоковиќ додаде уште една Гренд слем титула во своите витрини. Некогашниот број 1 во светот триумфираше на Отвореното првенство на САД откако во финалето, прилично лесно, со 3:0 во сетови го победи Хуан Мартин дел Потро. Аргентинецот не успеа да му даде посериозен отпор на Ѓоковиќ, кој по сетови беше подобар со 6:3, 7:6 (4) и 6:3.
Со оваа титула, популарниот Ноле ја продолжи неверојатната низа во втората половина на годината. Ѓоковиќ претходно триумфираше на Вимблдон, потоа беше најдобар и во Синсинати, а сега го крена трофејот и во Њујорк.
На стадионот „Артур Еш“ имаше 24.000 гледачи кои на моменти направија дури и фудбалска атмосфера, што беше само дополнителен мотив за двајцата тенисери да одиграат на високо ниво. Ова беше 19-ти дуел меѓу Ѓоковиќ и Дел Потро, а Србинот ја продолжи доминацијата, победувајќи по 15-ти пат.
Освен трофејот, за победата во финалето Ноле заработи и 3,8 милиони долари, а од денеска скокна и на АТП-листата, каде што е на третото место.

Ангеловски: Задоволен сум, но најважно е на крајот да сме први

Перфектен биланс од две победи без примен гол е причина за задоволство на селекторот Игор Ангеловски, по триумфот на Македонија против Ерменија од 2-0. Популарниот Мрме потенцира дека играчите си ја завршиле работата, но дека има уште многу да се игра за да се стигне до крајната цел, а тоа е да се остане на првото место во групата.
„Задоволен сум од победата од 2-0. Влогот е преголем во ова натпреварување за да не одиграме на резултат. И на првиот меч во Гибралтар и сега го направивме тоа. Сето тоа што го подготвувавме, момците го направија на терен. Не е сè готово. Има уште 4 меча и мора да одиме од меч во меч. Има реванш и во Ереван, претходно меч со Лихтенштајн дома. Најважно е на крајот да бидеме први на табелата. Можеше да дадеме и трет гол, но и да примиме погодок, па затоа сум задоволен од 2-0. Им честитам на момците“, рече Ангеловски на прес-конференцијата веднаш по завршувањето на мечот.

Македонски рецепт во Лигата на нациите – Редиме победи од 2-0

Со головите на Езџан Алиоски од пенал во 13-тата минута и на Горан Пандев во 59-тата минута, Македонија забележа исклучително важна победа во Лигата на нациите против Ерменија, првиот конкурент за првото место во нашата група.
Особено радува што до триумф дојдовме со одлична игра, неочекувано лесно, а избраниците на Игор Ангеловски покажаа дека имаат квалитет и за повисоки дострели.
Почетокот беше како што посакувавме, а капитенот Пандев во 12-тата минута изнуди пенал. Единствениот интернационалец од Англија, Езџан Алиоски, ја презеде одговорноста и го надмудри голманот на Ерменија за предност од 1-0.
Македонија продолжи да атакува, да игра атрактивно, но не успеавме до полувремето да ја зголемиме предноста.

И повторно на сцена стапи тандемот Алиоски – Пандев и во нивна продукција беше и вториот погодок за домаќините. Алиоски ја измеша одбраната на Ерменија, одлично со ниска топка го проигра Пандев, а капитенот во негов стил, мајсторски ја погоди мрежата на Аирепетјан во 59-тата минута.

Ерменците се заканија и ја погодија рамката од голот, но и Македонија имаше шанси за нов погодок.
Алиоски, Барди и Николов се обидоа, но не погодија, па до крајот успеавме да ја задржиме предноста и повторно да славиме со 2-0.
Во премиерниот меч, пред три дена, со идентичен резултат триумфиравме против Гибралтар и со две победи од по 2-0 го чуваме врвот на табелата во четвртата група од Сегментот Д.
И што е најважно ја сочувавме серијата без пораз, сега долга веќе девет натпревари. Шпанците нè победија последни во јуни, лани, што е долга серија од над една година без пораз.
Следниот меч во Лигата на нации ќе го играме против Лихтенштајн, како домаќини на 13-ти октомври.

Мајстор си е мајстор – Пандев за 2:0 за Македонија

Македонија има водство од 2:0 во дуелот против Ерменија во Скопје. Капитенот Горан Пандев ги израдува нашите навивачи, откако во 59 минута ја затресе мрежата на гостите.
Џани Алиоски одлично влезе во шеснаесетникот, успеа да направи простор за нафрлување директно во петерецот, а Пандев искусно реализираше за 2:0. За Пандев ова е 35 погодок во 95 натпревар во репрезентативниот дрес. Популарниот Гоче немаше погодено од ноември минатата година кога ја затресе мрежата на пријателскиот дуел против Норвешка.
До крајот на мечот остануваат нешто помалку од половина час во кои нашите фудбалери треба да ја задржат предноста и да сеодвојат на првото место во групата од Лигата на Нации.

Македонија не се шегува, и доминира и води против Ерменија

 

Македонија одигра одлично прво полувреме против главниот ривал за првото место во нашата група, Ерменија и заслужено води со 1:0.
Ова е едно од најдобрите полувремиња во последно време на избраниците на Игор Ангеловски, а на моменти и буквално им ја сокривме топката на Мхитаријан и неговите соиграчи од Ерменија.
Предводени од расположениот капитен Горан Пандев и на крилјата на полетните Тричковски, Алиоски, Барди… во голем дел од првиот дел ја игравме популарната тика-така, па Ерменците немаа ниту една шанса да го загрозат голот на Столе Димитриевски. Одбраната беше сигурна, средниот ред разигран, а нападот опасен. И поседот на топката во однос 62:38 во корист на Македонија доволно говори, која селекција доминираше на теренот.
Ерменија ни е главниот ривал во четвртата група од Д зсегментот во Лигата на Нации за првото место. Таа позиција води во полуфинале, а ако стасаме дотаму и го решиме ребусот во завршницата со освоено прво место ќе обебзедиме прв и историски настап на Европско првенство, кое ќе се игра во 2020 година.

Македонија има нов „пеналџија“ и погоди за предност од 1:0 против Ерменија

Македонија има нов „пеналџија“ и тоа успешен, а Езџан Алиоски на изненадување на фудбалските експерти доби шанса да бие од белата точка против Ерменија и погоди за предност од 1:0.
Досега пеналите ги изведуваа Пандев, Трајковски и Несторовски од актуелниот македонски состав, но овојпат можност да погоди од 11 метри доби Алиоски. И тоа го стори рутински, па Аирапетјан беѓе немоќен.
Почетокот на мечот од Лигата на Нации против главниот ривал за првото место во нашата група е идеален за Македонија, а за пеналот се избори капитенот Горан Пандев по еден дуел со Калисир. Пеналот беше чист како солза, ударот на Алиоски сигурен за предност од 1:0 на нашата селекција.