Дома Blog Страница 9634

Земјотресот го откажа дуелот Јапонија-Чиле

Пријателската средба требаше да се игра утре, од 13 часот

Националните тимови на Јапонија и Чиле ќе треба да почекаат до некоја наредна прилика за да го одиграат својот меѓусебен пријателски меч. Дуелот кој требаше да се игра утре, од 13 часот по македонско време, беше откажан поради силниот земјотрес во Јапонија, кој зеде 9 човечки животи, а околу 40 лица се водат за исчезнати.

Средбата требаше да се игра во Сапоро, град кој е само на 65 километри од регионот на островот Хокаидо, кој беше погоден од земјотресот со јачина од 6,7 степени по Рихтеровата скала.

Јапонската фудбалска федерација реагираше експресно, одлучи дека безбедноста на фудбалерите и делегациите на двата тима е најважна бидејќи регионот е во непредвидлива состојба, постои опасност од нови потреси, па решено е да не се игра контролата со Чилеанците.

Јапонците имаат проблем и со смртоносниот тајфун, најсилен во последните 25 години. Дебито на новиот селектор Хаџиме Моријасу се очекува на 11-ти септември, против Костарика во Осака.

Фудбалот стана забава за клупските сопственици

Газдата на Олимпијакос, кој воедно го поседува и англискиот второлигаш Нотингaм форест, најде „дупка“ во фудбалските закони за трансфери

 

Грчкиот фудбалер Панајотис Тахцидис, кој до неодамна беше член на Oлимпијакос, се најде во несекојдневна ситуација на трансфер-пазарот откако неговата преселба во Англија беше изманипулирана од страна на газдата на двата клубa.

Имено, милионерот Евангелос Маринакис сакал да доведе играч од неговиот Олимпијакос во својот втор тим кој го поседува, Нотингaм форест, но ангажманот не се реализирал навреме поради завршувањето на трансфер-пазарот во Англија. Но, Маринакис по секоја цена сакал да го реализира овој „дил“, па направил нешто што никој досега не се сетил да направи. Тој го отпуштил Тахцсидис од редовите на грчкиот тим и како слободен играч го ангажирал во тимот кој се натпреварува во втората англиска лига.

Просто речено, Маринакис пронашол „дупка“ во законите на УЕФА, односно ФИФА, и на крајот си го истерал планот на своето. Ова е знак дека фудбалот секојдневно сѐ повеќе станува забава и рекреација на милионерите.

Спартак го совлада банкротираниот Адмирал

Клубот од Владивосток се мачи со финансиите, но и крпен тим дава отпор

Екипите на Спартак Москва, Подолск и Јокерит од Финска имаат максимални 4 бода по два одиграни мечеви во Западната конференција од регионалната КХЛ лига. Спартак дома славеше со 3:1 против Адмирал Владивосток, клуб кој има големи финансиски проблеми.

Клубот од Владивосток нема пари да им ги исплати заостанатите плати на странците кои играа за нив во минатото, па блокдата доведе до банкрот. Тимот е составен од играчи кои беа без ангажман или дојдоа од пониски лиги. Хокеарите сами си ги платиле лекарските прегледи и засега настапуваат за ситна плата. Клубот не може да ги плати казните кои им се изрекуваат.

Новина во КХЛ лигата е трансферот на Патрис Кормие, Канаѓанецот кој потпиша за Барис од Астана, каде што друштво ќе му прави на ветеранот Боченски, кој има 400 настапи за клубот од Казахстан.

Кормие е хокеар кој го нарекуваа „најомразен лик во Канада“, бидејќи само две недели откако беше капитен на канадската младинска репрезентација, во 2010 година, доби суспензија од една година за крајно неспортско удирање со лакот на противнички играч.

Рекордна премија за репрезентативците ако го освојат првото место во групата

Репрезентативците на Македонија ќе поделат 350.000 евра премија од ФФМ доколку успешно ја минат мисијата „Лига на нации“

Вечерва започнува походот на Македонија во новото меѓународно натпреварување, Лига на нациите, а од ФФМ дополнително ги мотивираа фудбалерите откако ја одредија премиерната награда.

Доколку Македонија ја обезбеди првата позиција во групата против Гибралтар, Лихтенштајн и Ерменија, ФФМ ќе ги награди фудбалерите со 350.000 евра, што воедно е и рекордна сума која Федерацијата ќе ја додели на еден наш национален тим. Ова е одлуката на управниот одбор од пред неколку недели по консултацијата со дел од фудбалерите и стручниот штаб.

Македонија досега никогаш немала поголема шанса да се пласира на едно Европско првенство, ако завршиме како први во групата чии натпревари стартуваат денеска, тоа значи дека ќе влеземе во плејофот од зоната Д и со уште три победници со рејтинг сличен на нашиот, па и послаб, ќе играме полуфинале и финале за место на ЕП.

Познат хрватски коментатор „шиткал“ билети за финалето на СП?

Драго Ќосиќ без знаење на хрватската телевизија, вршел нелегални активности

Хрватската радиотелевизија е под истрага од ФИФА затоа што, според информациите, нејзини претставници учествувале во нелегална препродажба на билети за финалето на Мундијалот во Русија помеѓу Хрватска и Франција. Ако се утврди одговорност на екипата на ХРТ, тие ќе бидат избркани од работа, а и ТВ-куќата може да има последици.

Картите не биле продадени, ФИФА ја стопирала трансакцијата откако видела дека серискиот број е за билети кои и припаѓаат на ХРТ, па блокирани биле четири влезници кои требало да бидат продадени „на црно“. На црниот пазар еден билет за финалето чинел околу 20.000 евра.

Во ХРТ не знаеле за скандалот, туку за нелегалните активности на коментаторот Драго Ќосиќ и меѓународниот координатор Саша Дедиќ дознале од ФИФА. Ќосиќ и Дедиќ, неколку месеци пред финалето, во името на ХРТ побарале и добиле 40 билети. Сега против нив е покрената дисциплинска постапка.

Ќосиќ долги години е коментатор на ХРТ и секогаш ја следи хрватската репрезентација. СП беше последниот голем настан на кој ХРТ вршеше пренос од мечевите на националниот тим. Отсега правата ги има ТВ Нова.

Снајдер ќе ѝ каже „чао“ на Холандија

Ексфудбалерот на Реал и Интер, на пријателскиот меч со Перу ќе се прости од репрезентацијата

Холандија денес игра пријателска средба со селекцијата на Перу, мечот со кој Весли Снајдер и официјално ќе стави крај на репрезентативната кариера. Триесет и четиригодишниот креативец уште во март истакна дека ќе се повлече од репрезентацијата, денес на арената „Јохан Кројф“ и официјално ќе биде испратен во холандската фудбалска историја.

Снајдер беше еден од најзаслужните фудбалери кога „лалињата“ стигнаа до финалето на Светското првенство во 2010 година, каде што со 1-0 загубија од Шпанија. Ексѕвездата одигра вкупно 133 натпревари во националниот дрес, постигнувајќи 31 погодоци.

Мечот е закажан во вечерниот термин, односно во 20.45 часот.

Ѓоковиќ не губи четврт-финалиња во Њујорк

Србинот во три сета го елиминираше Џон Милман, а Јапонците испишаа историја

 

Новак Ѓоковиќ од 2007 година наваму ги доби сите 11 четврт-финалиња кои ги играше на Отвореното првенство на САД, па и годинава ќе биде полуфиналист. Тој во четврт-финалната рунда го надигра Австралиецот Џон Милман со 6-3, 6-4, 6-4.

Милман, кој е 55-то рангиран на светот, немаше сили и знаење за уште една сензација откако во осминафиналето ја искористи немоќта на Роже Федерер, спречувајќи дерби во четврт-финалето. За 29-годишниот Милман ова беше прво Гренд слем четврт-финале во кариерата и за тоа ќе добие парична награда во висина од 25 проценти од вкупниот приход кој го имал досега во целата кариера.

Популарниот Ноле ја брка својата трета титула на „Флешинг медоуз“, а следна пречка на патот до трофејот му е Кеј Нишикори. Јапонецот во четврт-финалето, во пет сета беше подобар од Марин Чилиќ.

Во женска конкуренција, една од полуфиналистките е Наоми Осака, па за првпат на еден Гренд слем, во полуфиналето и кај мажите и кај жените, ќе има Јапонци. Осака во полуфиналето игра со Медисон Киз и има подобри шанси за финале отколку Нишикори. Но, Нишикори во 2014 година го совлада Ѓоковиќ токму во полуфиналето, и тоа е предупредување за Србинот.

Панчев и Најдоски, на почесен круг на „Маракана“ пред мечот со Наполи

Генерацијата на Црвена ѕвезда која ја освои единствената титула во Лигата на шампионите ќе направи почесен круг на стадионот „Рајко Митиќ“ пред дуелот со Наполи

Српскиот шампион Црвена ѕвезда по 26 години повторно ќе учествува во најелитното европско клупско натпреварување. Првиот меч од групната фаза ќе го играат пред своја публика, на популарната „Маракана“, односно стадионот „Рајко Митиќ“, а гостува италијанскиот вицепрвак Наполи.

Во пресрет на мечот, клубот од Белград огранизираше манифестација на која ќе се појави шампионската генерација од 1991 година, меѓу кои се и нашите Дарко Панчев и Илија Најдоски. „Златните“ момци од Бари ќе направат почесен круг пред почетокот на мечот. Оваа генерација по освојувањето на најпрестижниот трофеј во Европа, подоцна стана и светски првак.

Во групата Ц, Ѕвезда за противници ги има Наполи, Ливерпул и ПСЖ, додека првата пресметка со „наполитанците е закажана за 18-ти септември, со почеток во 21 часот.

Проблеми за Вардар: Горбок ги скина лигаментите на коленото

Бекот на „црвено-црните“ ќе паузира неколку месеци

Левиот бек на Вардар, Сергеј Горбок, се соочува со повреда на коленото откако на последните медицински прегледи е утврдено дека се работи за скинати лигаменти. Рускиот ракометар се повреди во саботниот тренинг, ќе отсуствува неколку месеци, што е голем проблем за европскиот вицепрвак пред почетокот на сезоната во Лигата на шампионите.
Поради скршеница на дланката, недостапен за Вардаци е и капитенот Стојанче Стоилов, како и резервниот голман Даниел Ѓорѓески. Во тренажен процес од неодамна се вратија Игор Карачиќ и Вуко Борозан.
Вардар денес (20.15 часот) го игра вториот натпревар во СЕХА-лигата, во СЦ „Јане Сандански“ ќе го пречекаат тимот на Железничар Ниш.

Хокеариште во најава, Коваленко талент како татко му

Иако има само 18 години, почна да дава голови во сениорска конкуренција

Николај Коваленко, син на легендарниот Андреј Коваленко, уште на дебито како сениор покажа дека пред него е блескава хокеарска кариера. Николај, кој е роден во 1999 година, досега настапуваше за јуниорскиот тим, а на дебито за сениорите на Локомотив Јарославл даде гол и придонесе за триумфот од 5:0 над Новосибирск во КХЛ лигата.

Регионалната Континентална хокеарска лига почна пред неколку дена, тимовите и од Источната и од Западната конференција имаат играно еден до два меча, а тинејџерот Коваленко го постигна вториот гол за Локо во разбивањето на гостите од Сибир.

Николај, кој е роден во САД во времето кога татко му настапуваше во најсилната лига на светот, годинава беше драфтуван во НХЛ лигата од Колорадо авеланш и во иднина и тој ќе заигра со најдобрите.

Динамо Рига приреди изненадување со победата кај Металург Магнитогорск, а вчера лошо си поминаа и московските клубови ЦСКА и Динамо, кои беа надиграни од Екатеринбург, односно Авангард Омск. Денеска се играат шест нови меча од КХЛ лигата, во која има тимови и од Кина.