Дома Blog Страница 9637

Познат хрватски коментатор „шиткал“ билети за финалето на СП?

Драго Ќосиќ без знаење на хрватската телевизија, вршел нелегални активности

Хрватската радиотелевизија е под истрага од ФИФА затоа што, според информациите, нејзини претставници учествувале во нелегална препродажба на билети за финалето на Мундијалот во Русија помеѓу Хрватска и Франција. Ако се утврди одговорност на екипата на ХРТ, тие ќе бидат избркани од работа, а и ТВ-куќата може да има последици.

Картите не биле продадени, ФИФА ја стопирала трансакцијата откако видела дека серискиот број е за билети кои и припаѓаат на ХРТ, па блокирани биле четири влезници кои требало да бидат продадени „на црно“. На црниот пазар еден билет за финалето чинел околу 20.000 евра.

Во ХРТ не знаеле за скандалот, туку за нелегалните активности на коментаторот Драго Ќосиќ и меѓународниот координатор Саша Дедиќ дознале од ФИФА. Ќосиќ и Дедиќ, неколку месеци пред финалето, во името на ХРТ побарале и добиле 40 билети. Сега против нив е покрената дисциплинска постапка.

Ќосиќ долги години е коментатор на ХРТ и секогаш ја следи хрватската репрезентација. СП беше последниот голем настан на кој ХРТ вршеше пренос од мечевите на националниот тим. Отсега правата ги има ТВ Нова.

Снајдер ќе ѝ каже „чао“ на Холандија

Ексфудбалерот на Реал и Интер, на пријателскиот меч со Перу ќе се прости од репрезентацијата

Холандија денес игра пријателска средба со селекцијата на Перу, мечот со кој Весли Снајдер и официјално ќе стави крај на репрезентативната кариера. Триесет и четиригодишниот креативец уште во март истакна дека ќе се повлече од репрезентацијата, денес на арената „Јохан Кројф“ и официјално ќе биде испратен во холандската фудбалска историја.

Снајдер беше еден од најзаслужните фудбалери кога „лалињата“ стигнаа до финалето на Светското првенство во 2010 година, каде што со 1-0 загубија од Шпанија. Ексѕвездата одигра вкупно 133 натпревари во националниот дрес, постигнувајќи 31 погодоци.

Мечот е закажан во вечерниот термин, односно во 20.45 часот.

Ѓоковиќ не губи четврт-финалиња во Њујорк

Србинот во три сета го елиминираше Џон Милман, а Јапонците испишаа историја

 

Новак Ѓоковиќ од 2007 година наваму ги доби сите 11 четврт-финалиња кои ги играше на Отвореното првенство на САД, па и годинава ќе биде полуфиналист. Тој во четврт-финалната рунда го надигра Австралиецот Џон Милман со 6-3, 6-4, 6-4.

Милман, кој е 55-то рангиран на светот, немаше сили и знаење за уште една сензација откако во осминафиналето ја искористи немоќта на Роже Федерер, спречувајќи дерби во четврт-финалето. За 29-годишниот Милман ова беше прво Гренд слем четврт-финале во кариерата и за тоа ќе добие парична награда во висина од 25 проценти од вкупниот приход кој го имал досега во целата кариера.

Популарниот Ноле ја брка својата трета титула на „Флешинг медоуз“, а следна пречка на патот до трофејот му е Кеј Нишикори. Јапонецот во четврт-финалето, во пет сета беше подобар од Марин Чилиќ.

Во женска конкуренција, една од полуфиналистките е Наоми Осака, па за првпат на еден Гренд слем, во полуфиналето и кај мажите и кај жените, ќе има Јапонци. Осака во полуфиналето игра со Медисон Киз и има подобри шанси за финале отколку Нишикори. Но, Нишикори во 2014 година го совлада Ѓоковиќ токму во полуфиналето, и тоа е предупредување за Србинот.

Панчев и Најдоски, на почесен круг на „Маракана“ пред мечот со Наполи

Генерацијата на Црвена ѕвезда која ја освои единствената титула во Лигата на шампионите ќе направи почесен круг на стадионот „Рајко Митиќ“ пред дуелот со Наполи

Српскиот шампион Црвена ѕвезда по 26 години повторно ќе учествува во најелитното европско клупско натпреварување. Првиот меч од групната фаза ќе го играат пред своја публика, на популарната „Маракана“, односно стадионот „Рајко Митиќ“, а гостува италијанскиот вицепрвак Наполи.

Во пресрет на мечот, клубот од Белград огранизираше манифестација на која ќе се појави шампионската генерација од 1991 година, меѓу кои се и нашите Дарко Панчев и Илија Најдоски. „Златните“ момци од Бари ќе направат почесен круг пред почетокот на мечот. Оваа генерација по освојувањето на најпрестижниот трофеј во Европа, подоцна стана и светски првак.

Во групата Ц, Ѕвезда за противници ги има Наполи, Ливерпул и ПСЖ, додека првата пресметка со „наполитанците е закажана за 18-ти септември, со почеток во 21 часот.

Проблеми за Вардар: Горбок ги скина лигаментите на коленото

Бекот на „црвено-црните“ ќе паузира неколку месеци

Левиот бек на Вардар, Сергеј Горбок, се соочува со повреда на коленото откако на последните медицински прегледи е утврдено дека се работи за скинати лигаменти. Рускиот ракометар се повреди во саботниот тренинг, ќе отсуствува неколку месеци, што е голем проблем за европскиот вицепрвак пред почетокот на сезоната во Лигата на шампионите.
Поради скршеница на дланката, недостапен за Вардаци е и капитенот Стојанче Стоилов, како и резервниот голман Даниел Ѓорѓески. Во тренажен процес од неодамна се вратија Игор Карачиќ и Вуко Борозан.
Вардар денес (20.15 часот) го игра вториот натпревар во СЕХА-лигата, во СЦ „Јане Сандански“ ќе го пречекаат тимот на Железничар Ниш.

Хокеариште во најава, Коваленко талент како татко му

Иако има само 18 години, почна да дава голови во сениорска конкуренција

Николај Коваленко, син на легендарниот Андреј Коваленко, уште на дебито како сениор покажа дека пред него е блескава хокеарска кариера. Николај, кој е роден во 1999 година, досега настапуваше за јуниорскиот тим, а на дебито за сениорите на Локомотив Јарославл даде гол и придонесе за триумфот од 5:0 над Новосибирск во КХЛ лигата.

Регионалната Континентална хокеарска лига почна пред неколку дена, тимовите и од Источната и од Западната конференција имаат играно еден до два меча, а тинејџерот Коваленко го постигна вториот гол за Локо во разбивањето на гостите од Сибир.

Николај, кој е роден во САД во времето кога татко му настапуваше во најсилната лига на светот, годинава беше драфтуван во НХЛ лигата од Колорадо авеланш и во иднина и тој ќе заигра со најдобрите.

Динамо Рига приреди изненадување со победата кај Металург Магнитогорск, а вчера лошо си поминаа и московските клубови ЦСКА и Динамо, кои беа надиграни од Екатеринбург, односно Авангард Омск. Денеска се играат шест нови меча од КХЛ лигата, во која има тимови и од Кина.

Вардарци го преслушаа поранешниот учител

Македонскиот првак имаше серии од 10-0 и 7-0

Втора победа во вториот настап за Вардар во регионалната СЕХА-лига. Вечерва, во „Јане Сандански“ жртва на Вардарци беше нишки Железничар, кој беше надигран со 35-20.
Вардар им дозволи на гостите од Ниш во првите 20-тина минути да покажат што знаат, а потоа „црвено-црната“ машина влезе во ритам и на противникот му немаше спас.
Железничар водеше со 11-8 во 19-тата минута, а потоа Вардар ги затвори приодите кон својот гол и со серија од 6-0 го затвори првото полувреме. Тимот на тренерот Веселин Вујовиќ (екстренер на Вардар) 11 минути не даде гол, па затоа и треба да биде задоволен што на голем одмор замина со само три погодоци негатива (11-14). Вардар продолжи во ист ритам и во вториот дел, низата дојде до 10-0, за 18-11. Домашните се опуштија, Железничар дојде на 18-14, но во финишот повторно Вардар направи голема серија, па на крај славеше со плус 15.
За првпат сезонава се појавија Карачиќ и Борозан, на листата на повредени сега е само Стоилов. Кисељев, Поповски, Криштопанс, Мораеш, Чупиќ и Дибиров постигнаа по 4 гола.
Во третото коло, Вардар во недела гостува кај Татран Прешов. Утре од 17.15 часот вториот македонски претставник Металург гостува кај Мешков Брест.

Тим го измачи Надал, Шпанецот се избори за полуфинале

Тим и Надал одиграа еден од најдобрите мечеви на Отворениот турнир во САД

Рафаел Надал славеше со 3-2 (0-6, 6-4, 7-5, 6-7, 7-6) во сетови над австрискиот тенисер Доминик Тим во четвртфиналето на Отвореното првенство на САД. Во исцрпувачкиот меч, кој траеше дури четири часа и 50 минути, светскиот рекет број 1 мораше да ја надополни негативата по првиот сет, откако не успеа да освои ниту еден гем на стартот.

Клучниот момент за триумфот на Надал се случи при резултат од 3-5 во гемови во третиот сет во корист на Тим, Шпанецот успеа со два брејка да го освои сетот и да направи 2-1. Четвртиот и петтиот сет се играа на тајбрејк, Тим успеа да изедначи на 2-2, додека во решавачките моменти искуството на Надал се покажа како важен адут.

Надал во полуфиналето ќе се сретне со Хуан Мартин дел Потро, кој вчера го елиминираше Џон Иснер во меч од четири сета, односно победи со 3-1 (6-7, 6-3, 7-6, 6-2).

Во женска конкуренција, Серина Вилијамс и Анастасија Севастова се првите две тенисерки кои обезбедија полуфинале. Вилијамс убедливо славеше со 2-0 (6-4, 6-3) над Каролина Плишкова, додека Севастова беше подобра од Слоин Стивенс со ист резултат, 2-0 (6-2, 6-3).

Покетино: Не знам дали сакаме да доведеме некого

Тотенхем сè уште нема доведено никого, иако аргентинскиот стручњак на крајот на минатата сезона изјави дека клубот мора да преземе ризик ако сака да напредува.
„Не можам да ви кажам дали ќе доведеме некого или не. Работиме на тоа, но не знам да ви кажам дали ќе доведеме еден, ниеден, двајца, тројца или четворица“, изјави 46-годишниот стручњак.
„Работиме. Точно е дека е крајот на преодниот рок, но клубот се труди да помогне и да доведе играчи кои ќе ни помогнат да ги оствариме целите“, додаде Покетино.
Во четирите сезони на чело на Тотенхем, аргентинскиот стручњак по ред беше петти, трети, втори и трети во Премиер лигата. Во мај потпиша нов, петгодишен договор.
Оваа сезона преодниот рок завршува на деветти август, ден пред почетокот на Премиер лигата, а во останатите најголеми лиги трае до 31-ви август.
„Ако се споредиме со Европа, мислам дека тие се во голема предност во однос на нас. Не знам дали останатите тимови се задоволни со таа одлука, лично јас не сум“, изјави Аргентинецот.
Во првото коло од Премиер лигата, Тотенхем ќе се сретне со Њукасл во гости на 11-ти август.

Интер и Атлетико се договорија околу Врсаљко

„Скај“ пренесе дека миланскиот клуб прво ќе плати шест и пол милиони за да го земе на заем Врсаљко во наредната сезона. Дополнителните 17,5 милиони евра ќе ги исплати ако Интер ја искористи опцијата да го откупи 26-годишниот играч следното лето.
Врсаљко, кој беше еден од најзаслужните за пласманот на Хрватите во финалето на Светското првенство во Русија, претходно во Серија А играше за Џенова и Сасуоло.
Хрватскиот фудбалер ќе ја пополни празнината на десниот бек на Интер, која остана испразнета со заминувањето на Жоао Кансело во Јувентус. Врсаљко во Атлетико Мадрид ќе го замени Сантијаго Аријас, кој дојде од ПСВ Ајндховен.
Доколку трансферот се реализира, Врсаљко во Интер ќе им се придружи на двајцата соиграчи од репрезентацијата – Иван Перишиќ и Марцело Брозовиќ.