18.8 C
Skopje
понеделник, 21 јули 2025
Дома Blog Страница 9694

Лајпциг веќе не е најомразен клуб во Германија

Првакот Баерн Минхен е најомразен клуб во Германија, според студијата која ја направија од Универзитетот Брауншвајг, а беше објавена во весникот „Билд“. Иако баварскиот гигант е веројатно и клуб со најмногу навивачи, сите што не навиваат за Баерн, го мразат.

Но, интересно е што Баерн не беше на чело на најнепопуларните германски клубови во претходните анкети. Тогаш врвот го држеше Лајпциг. Сега Лајпциг е на второ место, па затоа во клубот и немаат премногу причини за задоволство.

Анкетата одреди кои клубови на Германците им се најсимпатични, а кои најантипатични. Првото место по „симпатичност“ го држи Фрајбург, пред Холштајн Кил, Сандхаузен, Регензбург и Сент Паули. Од поголемите клубови, добро стои Борусија Дортмунд, која е на 15 место од 36 клуба.

Најдолу на листата, како најомразени клубови се Баерн, Лајпциг, Динамо Дрезден, Шалке 04 и Хамбургер. Два од овие клубови (Лајпциг и Динамо) се од Источна Германија, и не се омилени, иако Динамо во моментов е и второлигаш.

Maрадона ќе тактизира во Мексико

Диего Марадона ќе биде тренер на мексиканскиот второлигаш Дорадос, откако клубот ја потврди соработката преку својата официјална веб страница. Клубот кој е формиран во 2003 година, ќе има тренерска легенда на клупата, а го заменува Франциско Гамез.

Марадона остана без ангажман откако го напушти клубот од Обединетите Арапски Емирати, АЛ-Фуџаирах во април. Од неодамна потпиша и тригодишен договор со Динамо Брест, каде ја извршува функцијата на претседател на овој клуб.

Гризман: Не е лесно да се одбие Барселона, но во Атлетико се чувствувам како дома

Ѕвездата на Атлетико Мадрид, Антоан Гризман, во текот на летото беше на прагот да потпише за шпанскиот првак Барселона, но, Французинот одлучи да остане верен на „јорганџиите“ од неколку причини.

„Атлетико направи сѐ што можеше да ме задржи. Тие навистина се трудеа да се чувстувам удобно и сакано во клубот, управата доведе неколку засилувања со кои станавме уште поквалитетна екипа. Знам дека е тешко да му кажеш „Не“ на клуб како што е Барселона, но, тука се чувствувам како да сум дома. Во Атлетико имам многу позначајна улога, каква што никогаш не би имал во Барса“, посочи францускиот офанзивец, кој летово стана светски првак со „триколорите“.

Жоржињо од трагичар во херој за Италија

Италија и Полска одиграа реми од 1-1 во групата 3 од сегментот А во Лигата на Нации. „Аѕурите“ пред своја публика мораа да се извлекуваат од пораз против непријатните Полјаци, Манчини пропушти деби од соништата на клупата на Италија.

Полска поведе преку фудбалерот кој настапува во Серија А, Пјотр Зиелински, откако Жоржињо го загуби поседот на топката во опасната зона и практично им го подари голот на гостите. Израмнувачкиот гол Италија го постигна дури во вториот дел, односно во 78-та минута.  Блажиковски направи фаул за најстрога казна, а Жоржињо се исправи за претходно направената грешка, реализирајќи за 1-1.

Во групата 2 од сегмент Б,Турција на домашен терен претрпе пораз од 1-2 од националниот состав на Русија. За тимот кој го предводи Станислав Черчесов, стрелци на погодоците беа Черишев во 13-тата, односно Ѕиуба во 49-тата минута, додека за домаќините погоди Сердар Азиз пред крајот на првото полувреме.

ОСТАНАТИ РЕЗУЛТАТИ:

Албанија  – Израел 1-0
Литванија – Србија 0-1
Романија – Црна Гора 0-0
Азербејџан – Косово 0-0
Фарски Острови – Малта 3-1

Барселона го испрати Наваро во историјата

Хуан Карлос Наваро уште минатиот месец соопшти дека се повлекува од активното играње кошарка, а денес и официјално стави крај на својата богата кариера. Популарниот „Ла Бомба“ беше член на Барселона од 1997 година, додека само една сезона мина во редовите на Мемфис Гризлис во НБА лигата, пред повторно да го облече каталонскиот дрес.

Во текот на кариерата Наваро два пати беше шампион во Евролигата (2003, 2010 година), Шпанија ја покори дури осум пати, додека на репрезентативно ниво осови едно злато на СП во 2006 година, и две злата на ЕП (2009, 2011 година).  Наваро брои и две сребрени и еден бронзен медал од  Мундобаскетот, додека од Олимписките игри исто така брои две средба и една бронза.

Во европската кошарка ќе остане запаметен како еден од најдобрите шутери во историјата, поради неговата прецизна десница го доби и надимакот „Ла Бомба“. Дресот со број 11 кој го носеше Наваро, Барса ќе го повлече од употреба на закажаната церемонија на 25-ти септември, кога се игра и првото овосезонско кошаркарско „Ел Класико“.

Наваро ќе остане во таборот на Барселона, ќе работи како тренер на младинските селекции на каталонскиот гигант.

Го архивиравме Гибралтар, фокусот го насочуваме кон Ерменија

Македонската фудбалска репрезентација во недела ќе го пречека националниот состав на Ерменија, на арената „Филип Втори“. Избраниците на Игор Ангеловски ќе го одиграат првиот натпревар на домашен терен во рамките од Лигата на Нации, а мечот против тимот кој го предводи Хенрик Мхитаријан, е шанса да забележиме нова победа по вчерашниот триумф од 0-2 над Гибралтар.

Сениорите денес го одржаа предвидениот тренинг по враќањето од Гибралтар.

„Триумфот против Гиралтар го остваривме како што планиравме. Не се трошевме премногу, искористивме две шанси во првиот дел, и тоа беше доволно да ја забележиме посакуванат победа. Ерменија ќе биде потежок противник, тоа е неспорно, но, ние сме во одлична форма и не планираме да застанеме. Имаме време комплетно да се подготвиме, во соблекувалната владее оптимизам за позитивен резултат против ерменската селекција. Се надевам дека ќе добиеме и поддршка од трибините“, истакна Александар Трајковски.

„Одбраната одигра на високо ниво против Гибралтар, но, сепак ќе мора да бидеме далеку поконцентрирани во дуелот со Ерменија. Сите веруваме дека можеме да оствариме триумф во недела, имаме одлична низа на резултати и доколку пристапот ни биде на ниво како на претходните мечеви, серијата може и натаму да трае. Очекувам и поддршка од публиката и заедно да се радуваме на нова победа“, истакна Кире Ристевски.

Надежите со пораз се враќаат од Нови Сад

Македонските надежи го нанижаа шестиот пораз во низа во квалификациската група 7 за Европското првенство 2019 за играчи до 21 година. По поразот од Србија во Скопје со 0-2, нашата селекција загуби од северниот сосед и на нивен терен со резултат од 2-1.

Србија стигна до првото водство во 28-та минута, откако Иван Шапоњиќ реализираше пенал кој го направи нашиот дефанзивец Алекса Амановиќ. Израмнувачкиот гол го постигна Тихомир Костадинов во 64-тата минута, но составот на Добринко Илиевски не успеа да го издржи притисокот и да стигне до драгоцен бод. Членот на белградски Партизан, Данило Пантиќ го реши мечот во 80-тата минута, поставувајќи ги конечните 2-1.

Македонија по седум одиграни средби во овој квалификациски циклус се наоѓа на последното место на табелата, со само три бода, односно еден триумф и шест порази.

Првокласно изненадување, Кузмановски потпиша за Еурофарм Работник

Битолчани први стасаа до целта и го ангажираа еден од нашите најголеми ракометни таленти, иако се шпекулираше дека Кузмановски ќе го засили Вардар, а интерес за него имаше и од други многу попознати клубови.

Но, раководството на Еурофарм беше најбрзо, одработи најефектно и доби огромно засилување за новата сезона.
Кузмановски поради неисплатени плати, го раскина договорот со Металург и се пресели кај битолчани.

Со него во составот Еурофарм Работник има големи амбиции, ќе атакува на врвот во македонската Суперлига и ќе биде фаворит и за пласман на позициите што водат во еврокуповите.

„Делиите“ не смеат да патуваат во Ливерпул и Париз

Европската фудбалска федерација (УЕФА) ја казни Црвена ѕвезда поради нередите кои нејзините навивачи ги направија на мечот од плејофот за пласман во групната фаза во Лигата на шампионите против Салцбург.

По завршување на мечот во Австрија, Црвена ѕвезда обезбеди место во групната фаза од елитното натпреварување, а навивачите на „црвено-белите“ влетаа на теренот. Поради овој инцидент, УЕФА реши да го казни српскиот првак да не смее да има поддршка од гостински навивачи на две средби во групата.

Тоа значи дека белграѓани ќе немаат помош од трибините на гостувањата против Пари Сен Жермен во Париз и на гостувањето кај Ливерпул на „Енфилд роуд“. Единствено на гостување навивачите на Ѕвезда ќе може да отидат во Неапол, кога ќе играат против италијанскиот калчолигаш Наполи.

Првиот меч од групната фаза во Лигата на шампиоите, Црвена ѕвезда ќе го игра на својот стадион во Белград против Наполи.

Италија против Полска во битка за рехабилитација

Четирикратниот светски првак Италија е фаворит за деби-победа во Лигата на нациите против Полска, вечерва на „Ренато Далара“ во Болоња, во премиерниот меч за двете селекции во новоформираното натпреварување. И Италија и Полска се во најсилниот Сегмент А, па ќе бијат битка за првото место во третата група.

Ова е прв официјален меч на „аѕурите“ и Полјаците по цела 21 година, а на 30-ти април 1997 година во Неапол, Италија славеше со 3-0. Оттогаш имаат играно само пријателски натпревари, и тоа два, со по една гостинска победа на двете селекции.

И што е интересно, ова ќе биде премиера и за двајцата селектори, Манчини кај Италија и Брзечек кај Полска. Италијанците го сменија селекторот Вентура по неуспехот во бараж-двомечот со Шведска и Лигата на нациите им е шанса за рехабилитација по неуспехот да се изборат за пласман на Мундијалот во Русија. И Полјаците имаа многу мотиви за да ја заборават неуспешната авантура во Русија, кога го имаа епитетот можно изненадување за висок пласман, а завршија како последнопласирани на табелата во Групата Х во конкуренција на Колумбија, Јапонија и Сенегал.

Сметката ја плати Адам Навалка, кој беше сменет од селекторската позиција, па на негово место Полјаците ќе ги предводи Брзечек. Интересно е што ова може да се прогласи и за дуел на играчи од Серија А. Италија има дузина фудбалери од клубови од Калчото, а и Полјаците не заостануваат многу, дури со 8 репрезентативци кои настапуваат во најсилната италијанска лига.

Кај Италија по една година пауза, во составот се врати Џорџо Кјелини, а Роберто Манчини одлучи на поширокиот список да пријави дури пет дебитанти. Алесио Крањо и Николо Барела од Калјари, Мануел Лацари од СПАЛ, Кристијано Бираги од Фиорентина и „везистот“ на Рома, Николо Заниоло, се за првпат во селекцијата на „аѕурите“.

Нашите обложувалници за овој дуел нудат 521 различни игри, а основните коефициенти се интересни. Италија е фаворит за победа со квота 1.70, ремито вреди 3.40, а триумф на Полска е со одличен коефициент од 5.50.