Новак Ѓоковиќ додаде уште една Гренд слем титула во своите витрини. Некогашниот број 1 во светот триумфираше на Отвореното првенство на САД откако во финалето, прилично лесно, со 3:0 во сетови го победи Хуан Мартин дел Потро. Аргентинецот не успеа да му даде посериозен отпор на Ѓоковиќ, кој по сетови беше подобар со 6:3, 7:6 (4) и 6:3.
Со оваа титула, популарниот Ноле ја продолжи неверојатната низа во втората половина на годината. Ѓоковиќ претходно триумфираше на Вимблдон, потоа беше најдобар и во Синсинати, а сега го крена трофејот и во Њујорк.
На стадионот „Артур Еш“ имаше 24.000 гледачи кои на моменти направија дури и фудбалска атмосфера, што беше само дополнителен мотив за двајцата тенисери да одиграат на високо ниво. Ова беше 19-ти дуел меѓу Ѓоковиќ и Дел Потро, а Србинот ја продолжи доминацијата, победувајќи по 15-ти пат.
Освен трофејот, за победата во финалето Ноле заработи и 3,8 милиони долари, а од денеска скокна и на АТП-листата, каде што е на третото место.
Нова Гренд слем титула за Ѓоковиќ
Ангеловски: Задоволен сум, но најважно е на крајот да сме први
Перфектен биланс од две победи без примен гол е причина за задоволство на селекторот Игор Ангеловски, по триумфот на Македонија против Ерменија од 2-0. Популарниот Мрме потенцира дека играчите си ја завршиле работата, но дека има уште многу да се игра за да се стигне до крајната цел, а тоа е да се остане на првото место во групата.
„Задоволен сум од победата од 2-0. Влогот е преголем во ова натпреварување за да не одиграме на резултат. И на првиот меч во Гибралтар и сега го направивме тоа. Сето тоа што го подготвувавме, момците го направија на терен. Не е сè готово. Има уште 4 меча и мора да одиме од меч во меч. Има реванш и во Ереван, претходно меч со Лихтенштајн дома. Најважно е на крајот да бидеме први на табелата. Можеше да дадеме и трет гол, но и да примиме погодок, па затоа сум задоволен од 2-0. Им честитам на момците“, рече Ангеловски на прес-конференцијата веднаш по завршувањето на мечот.
Македонски рецепт во Лигата на нациите – Редиме победи од 2-0
Со головите на Езџан Алиоски од пенал во 13-тата минута и на Горан Пандев во 59-тата минута, Македонија забележа исклучително важна победа во Лигата на нациите против Ерменија, првиот конкурент за првото место во нашата група.
Особено радува што до триумф дојдовме со одлична игра, неочекувано лесно, а избраниците на Игор Ангеловски покажаа дека имаат квалитет и за повисоки дострели.
Почетокот беше како што посакувавме, а капитенот Пандев во 12-тата минута изнуди пенал. Единствениот интернационалец од Англија, Езџан Алиоски, ја презеде одговорноста и го надмудри голманот на Ерменија за предност од 1-0.
Македонија продолжи да атакува, да игра атрактивно, но не успеавме до полувремето да ја зголемиме предноста.
И повторно на сцена стапи тандемот Алиоски – Пандев и во нивна продукција беше и вториот погодок за домаќините. Алиоски ја измеша одбраната на Ерменија, одлично со ниска топка го проигра Пандев, а капитенот во негов стил, мајсторски ја погоди мрежата на Аирепетјан во 59-тата минута.
Ерменците се заканија и ја погодија рамката од голот, но и Македонија имаше шанси за нов погодок.
Алиоски, Барди и Николов се обидоа, но не погодија, па до крајот успеавме да ја задржиме предноста и повторно да славиме со 2-0.
Во премиерниот меч, пред три дена, со идентичен резултат триумфиравме против Гибралтар и со две победи од по 2-0 го чуваме врвот на табелата во четвртата група од Сегментот Д.
И што е најважно ја сочувавме серијата без пораз, сега долга веќе девет натпревари. Шпанците нè победија последни во јуни, лани, што е долга серија од над една година без пораз.
Следниот меч во Лигата на нации ќе го играме против Лихтенштајн, како домаќини на 13-ти октомври.
Мајстор си е мајстор – Пандев за 2:0 за Македонија
Македонија има водство од 2:0 во дуелот против Ерменија во Скопје. Капитенот Горан Пандев ги израдува нашите навивачи, откако во 59 минута ја затресе мрежата на гостите.
Џани Алиоски одлично влезе во шеснаесетникот, успеа да направи простор за нафрлување директно во петерецот, а Пандев искусно реализираше за 2:0. За Пандев ова е 35 погодок во 95 натпревар во репрезентативниот дрес. Популарниот Гоче немаше погодено од ноември минатата година кога ја затресе мрежата на пријателскиот дуел против Норвешка.
До крајот на мечот остануваат нешто помалку од половина час во кои нашите фудбалери треба да ја задржат предноста и да сеодвојат на првото место во групата од Лигата на Нации.
Македонија не се шегува, и доминира и води против Ерменија
Македонија одигра одлично прво полувреме против главниот ривал за првото место во нашата група, Ерменија и заслужено води со 1:0.
Ова е едно од најдобрите полувремиња во последно време на избраниците на Игор Ангеловски, а на моменти и буквално им ја сокривме топката на Мхитаријан и неговите соиграчи од Ерменија.
Предводени од расположениот капитен Горан Пандев и на крилјата на полетните Тричковски, Алиоски, Барди… во голем дел од првиот дел ја игравме популарната тика-така, па Ерменците немаа ниту една шанса да го загрозат голот на Столе Димитриевски. Одбраната беше сигурна, средниот ред разигран, а нападот опасен. И поседот на топката во однос 62:38 во корист на Македонија доволно говори, која селекција доминираше на теренот.
Ерменија ни е главниот ривал во четвртата група од Д зсегментот во Лигата на Нации за првото место. Таа позиција води во полуфинале, а ако стасаме дотаму и го решиме ребусот во завршницата со освоено прво место ќе обебзедиме прв и историски настап на Европско првенство, кое ќе се игра во 2020 година.
Македонија има нов „пеналџија“ и погоди за предност од 1:0 против Ерменија
Македонија има нов „пеналџија“ и тоа успешен, а Езџан Алиоски на изненадување на фудбалските експерти доби шанса да бие од белата точка против Ерменија и погоди за предност од 1:0.
Досега пеналите ги изведуваа Пандев, Трајковски и Несторовски од актуелниот македонски состав, но овојпат можност да погоди од 11 метри доби Алиоски. И тоа го стори рутински, па Аирапетјан беѓе немоќен.
Почетокот на мечот од Лигата на Нации против главниот ривал за првото место во нашата група е идеален за Македонија, а за пеналот се избори капитенот Горан Пандев по еден дуел со Калисир. Пеналот беше чист како солза, ударот на Алиоски сигурен за предност од 1:0 на нашата селекција.
Се одбројуваат деновите кога Симеоне ќе седне на клупата на Интер
Веќе долго време Интер не може да ја оствари желбата на своите навивачи, да го доведе Диего Симеоне на кормилото на клубот, за конечно „нероаѕурите“ да се вратат во врвот на фудбалот. Дури и „Чоло“ ја дели желбата со интеристите, самиот тврдеше дека во иднина ќе го предводи гигантот од Милано, а сега потврди и неговата менаџерка, односно сестра, Наталија.
„Само прашање е на време кога Диего ќе го предводи Интер. Тој го обожува клубот, атмосферата на „Џузепе Меаца“, животот во Милано. Доколку замине од Мадрид, нема сомнежи дека негов следен клуб ќе биде Интер. Му се допаѓа и Лацио, секако и за тој клуб играше во своето време, но страста на крајот ќе победи, и тој ќе заврши во Интер. Една од причините што ова уште не се случило, е што Диего смета дека се уште неговата работа во Атлетико не е завршена“, истакна Наталија.
Аргентиснкиот стратег минатата година беше пред заминување од Мадрид, но, наместо тоа, „Чоло“ ја продолжи соработката со „јорганџиите“ и во изминатава сезона ја освоија Лигата на Европа.
Холандија во „невозможна мисија“ против светскиот шампион
Француската репрезентација денес ќе го одигра вториот натпревар од Лигата на Нации, против селекција која го игра премиерниот меч во ова натпреварување. Холандија гостува на „Парк де принцес“ во обид да се врати на оние стари патеки, победнички.
„Лалињата“ и веќе не паметат кога последен пат славеле победа против Франција. Последниот нивен триумф се случи за време на ЕП во 2008 година, кога во групната фаза Холаѓаните беа подобри со резултат од 4-1, а „триколорите“ тоа првенство го завршија како последно пласирани во група заедно со Италија и Романија. Од тогаш, овие две селекции се сретнаа само четири пати. Французите прво триумфираа во две пријателски пресметки, а потоа уште две победи забележаа во квалификациите за Мундијалот кој се одигра во Русија, а каде Холандија не успеа да обезбеди пласман.
Светскиот првак Лигата на Нации ја започна со реми без голови против Германија, но, сега пред своја публика не смее да потфрли, мора да покаже дека важи за најсиланта селекција на планетава.
Овој дуел денес е убедливо најигрн тип во нашите обложувалници, а според понудата, Франција ја има фаворитската улога со 1.63 коефициент за „кец“, додека во корист на Холандија, квотата за „двојка“ е 5.50, а за реми 3.80.
Мурињо ќе збесне: Мегвајер потпиша нов договор со Лестер
Хери Мегвајер стави потпис на нов петгодишен договор со Лестер, и така ги разреши сите шпекулации околу неговата иднина и евентуално заминување од редовите на „лисиците“. Мегвајер добива награда од раководството за одличните настапи од минатата сезона, како и големиот допринес за англиската репрезентација на СП во Русија.
Иако на големо се шпекулираше дека по завршувањето на Мундијалот, Мегвајер ќе биде ново засилување на Манчестер јунајтед, сепак поранешниот англиски првак одолеа на сите понуди од „црвените ѓаволи“, а самиот Мегвајер истакна дека сака да остане на „Кин Пауер“ и покрај интересот за него. Формата од СП ја пренесе и во новата сезона во Премиер лигата, што е една од пичините што челниците на клубот одлучија да му понудат нов договор.
„Уште кога пристигнав тука многу добро ме прифатија. Ми дадоа шанса да се докажам во Премиер лигата, со помош на останатите соиграчи имав добра сезона, заслужив и повик за СП, само поради довербата која ми ја укажа Лестер. Должам на овој клуб, ќе го исплатам со уште подобри настапи во овој син дрес“, истакна Мегвајер.
Дефанзивецот потпиша за Лестер во јули 2017 година, а пристигна од редовите на Хал за сума од 14 милиони евра.
Редот е на Македонија, со победа против Ерменија да се трасира патот кон ЕП
Генерацијата на Горан Пандев, комбинирана со младоста и квалитетот на златните младинци од Европското првенство во Полска победнички го почна трнливиот пат кон ЕП 2020, но сега следи едно од најголемите искушенија. Првиот дел од двомечот со главниот ривал во нашата група, Ерменија е на распоред денеска од 18 часот.
На националната арена „Филип Втори“ ќе им бидеме домаќини на Хенрик Мхитарјан, Арас Озбилиз, Маркос Пицели, Тигран Барсегјан… Ерменците имаат одлични индивидуалци и слично како и Македонија многу поголем потенцијал од досегашните резултати во квалификациските циклуси за настап на големите натпреварувања.
Досега како и ние никогаш не играле на Европско првенство, или на М ундијал, а Лигата на Нации во овој формат им нуди таква шанса на условно помалите селекции.
„Имаме одличен спој на квалитетни играчи во оваа генерација и тоа треба да го искористиме за да дојдеме до успех во Лигата на Нации. Ерменија е одлична репрезентација, која не смее да се потцени, но со ангажирана игра можеме да ги победиме“, изјави Горан Пандев.
Тој како капитен ќе ги предводи соиграчите кон посакуваната цел, а тоа е победа против главниот ривал во четвртата група од Д сегментот. Пандев има освоено речиси се на клупски план, беше европски и светски првак со Интер, има долга и успешна кариера во Серија А, а сега сонот е да настапи и на Европско првенство. И ако се оди според традицијата редно е да ги победиме Ерменците. Досега имаме биланс од по 2 победи, нерешени и порази, а во првиот блок од квалификациски мечеви поуспешна беше Ерменија.
Во квалификациите за ЕП во 1995 година ремизиравме во Ереван 2:2, но потоа загубивме дома со 1:2. Следниот двомеч со оваа селекција го игравме во квалификациите за СП и двапати победивме. Во 2004 година славевме во Скопје со 3:0 и следната година повторно бевме подобри и забележавме триумф во Ереван со 2:1. Последниот двомеч во квалификациите со Ерменија ни беше во 2010/11 за настап на ЕП, но тука немавме многу успех. Дома ремизиравме 2:2, за потоа да загубиме со 1:4 на гостински терен.
На ред е нов двомеч со незгодните Ерменци, овојпат за првпат во Лигата на Нации, а ако бидеме поуспешни од противникот, ни се насмевнува првото место во групата и полуфинале на патот кон ЕП 2020 година.