41.8 C
Skopje
сабота, 26 јули 2025
Дома Blog Страница 9714

И Германците не се совршени, Сане побегна од репрезентацијата

Јоаким Лев има се побвеќе проблеми со репрезентативците на Германија, а нов конфликт селекторот на популарниот „Елф“ има со Лирој Сане.  Играчот на Манчестер сити ја напушти репрезентацијата по завчерашниот дуле со Франција во Лигата на Нации. Незадоволен од минутажата, а играше малку, само 7 минути во финишот на мечот со светските прваци, Сане одлучи да си замине и да не игра против Перу.

Конфликтот меѓу него и Лев почна многу порано, откако офанзивниот играч на Манчестер Сити изненадувачки не се најде на списокот на германската селекција за Мундијалот во Русија. Лев потоа се пишмани, одлучи да го врати Сане во репрезентацијата за стартот на Лигата на Нации, но мир меѓу нив двајца имаше кус период.

Ова се неочекувани проблеми за Германците, а претходно и Месут Озил имаше голем и проблеми и одлучи веќе да не игра за четирикратните светски прваци.

Дибала во јануари си оди од Јувентус?

Пауло Дибала дефинитивно се докажа како еден од играчите кои треба во следните неколку години да бидат меѓу најдобрите напаѓачи во светот. Сепак, Дибала некако нема среќа за да ги добие потребните минути на теренот.

Во дресот на аргентинската репрезентација тој беше резерва на Лионел Меси, а сезонава го снајде нов „малер“. Дибала во Јувентус остана на клупата за резерви, откако во клубот се појави Кристијано Роналдо. Со Роналдо во составот, за Дибала нема место во стартниот тим на „старата дама“.

Токму поради тоа, Аргентинецот размислува да си замине од Торино. Летово за него се интересираа повеќе европски клубови, но Дибала реши да остане во најтрофејниот италијански клуб, верувајќи дека ќе добие поголема минутажа.
Сепак, по првите неколку средби, станува јасно дека Аргентинецот почесто ќе биде на клупата за резерви, отколку на теренот, па затоа за него е најдобро да замине некаде каде што ќе може да ја развива кариерата.

Ѓоковиќ против Дел Потро во финалето на САД Опен

Новак Ѓоковиќ и Хуан Мартин дел Потро ќе играат во финалето на гренд слемот во Њујорк, популарно како Отворено првенство на САД. Некогаш најдобриот тенисер во светот, Ѓоковиќ во три сета го победи Кеи Нишикори од Јапонија, додека Аргентинскиот тенисер не го доигра својот меч против Рафаел Надал, откако актуелниот број 1 на АТП листата се предаде поради повреда на коленото.

На Ѓоковиќ му беа потребни околу два часа и 20 минути за да обезбеди ново финале во Њујорк. Србинот одлично го започна мечот и уште во првиот гем направи брејк и тоа беше доволно за да го добие првиот сет со 6:3. Во вториот сет Ѓоковиќ продолжи со сигурната игра и го доби со 6:4, а третиот едноставно беше рутина да се зададе завршниот удар и лесно со 6:2 стигна до убедливи 3:0 во сетови.

Хуан Мартин дел Потро прв обезбеди место во финалето и тоа по само два одиграни сета. Рафаел Надал немаше сили и мораше да го предаде мечот, откако Аргентинецот поведе со 2:0 во сетови. Во првиот сет се водеше „војна“ и тај-брејкот решаваше. По повеќе од еден час игра, Дел Потро го доби со тај-брејкот со 7:3. Аргентинецот продолжи со добрата игра и во вториот сет, додека Надал се мачеше со коленото и се обидуваше да даде достоен отпор. Шпанецот беше истоштен од претходниот дуел против Димоник Тим, кога одигра пет сета, па немаше кога да закрепне и доволно добро да се одмори за следните напори.

На крајот, вториот сет заврши со 6:2 во корист на Дел Потро, а Надал реши да го „фрли пешкирот“ и да ја предаде средбата. За Надал ова е трет пат во кариерата да се откаже во тек на играта, на гренд слем турнир.

Никој не ја прашува Барселона

И покрај противењата на тимовите во шпанската Примера, сезонава сепак ќе се сллучи револуционерен потег, а тоа е да се играат мечеви од домашното првенство надвор од Шпанија. Ова го потврди претседателот на Примера дивисион, Хавиер Тебас.

Тебас откри дека дуелот меѓу Барселона и Хирона ќе биде одигран далеку од шпанското тло, односно во Северна Америка. Мајами треба да биде градот домаќин на оваа средба.

„Средбата меѓу Хирона и Барселона со 90 отсто сигурност ќе се игра во Мајами. Тоа нема да биде само за еден меч, тоа е целосна стратегија процес и спонзорство“, вели Тебас.

Бидејќи Хирона ќе биде домаќин на овој меч, за да не се чувствува дискриминиран тој тим, на навивачите ќе им биде понуден бесплатен лет и следење на мечот на нивниот омилен тим, па тие ќе се чувствуваат како да се на домашен терен. Стадионот во Мајами собира 65.000 гледачи и се очекува да биде исполнет до последно место. Освен овој дуел, најавено е дека сезонава ќе има уште неколку меча кои ќе се играат во Америка.

Оваа Англија е како Германија

Поранешниот капитен на германската репрезентација, Филип Лам верува дека Англија има селекција за високи дострели. Лам ги следел мечевите на „Гордиот Албион“ на Светското првенство во Русија и забележал дека нивната игра била слична на таа која ја имала Германија од пред неколку години.

„Кога ќе ги видите на теренот ќе видите дека се работи за добро функционален тим. Мислам дека имаат добри шанси за повторно да направат успехна големо натпреварување. Англија има млад состав. Сите играчи созреваат со тимот, а се создава и добар дух. Тоа се работи кои гарантираат успех“, вели Лам.

Некогашниот германски фудбалер се присетува дека Германија беше на третото место во 2006 и 2010 година, пред да стане светски првак во 2014 година. Сега истото се предвидува на Англија, која летово на Мундијалот во Русија загуби во полуфиналето од Хрватска.

Ја бара мајка му пред секој меч, а на теренот се моли за сите играчи

Играчот за врска на Ливерпул, Наби Кеита е еден од многуте фудбалери кои изведуваат разни ритуали, кои ги сметаат за среќни, пред почетокот на мечот. Сепак, два ритуали кои ги прави се за чудење.

„Прво и основно што правам пред секој меч е разговор со мојата мајка. Таа ми дава голема поддршка. Кога прв пат излегов на терен имав подготвено една мала молитва и таа е за сите кои се на теренот, посебно за мојот тим. Не сакам некој да се повреди или да се случи нешто лошо“, вели Кеита.

Кеита е играчот кој пред почетокот на оваа сезона, за сума од 60 милиони евра си замина од Лајпциг, за да дојде во Ливерпул. Играчот не жали што ја сменил средината и живеалиштето и верува дека со Ливерпул ќе се радува на трфеи.

Борис Дијав ѝ кажа збогум на кошарката

Борис Дијав, една од легендите на француската кошарка, одлучи да престане да игра кошарка на 36-годишна возраст. Сегашниот кошаркар на Левалоа на својот профил на „Твитер“ објави дека е  време да се пензионира по успешната кариера. Со Франција освојуваше медали на сите големи натпреварувања, а лани по 14 години минати во НБА-лигата, се врати во својата земја.

„Минатата година најавив дека е време за пензија, а сакав да видам како е подолго време да одмарам. Откако завршив со настапите во НБА, имав повеќе време за одмор, и тоа ми се допаѓа. Доста беше со кошарката и време е за простување“, објави Дијав.

Тој не беше повикан во составот на селекцијата на Франција за септемвриските мечеви во мундијалските квалификации, што само ја забрза неговата одлука за простување од кошарката.

Мхитарјан: Не ми одеше против Лихтенштајн, ќе биде подобро против Македонија

Хенрих Мхитарјан промаши пенал против Лихтенштајн, еднаш ја погоди и рамката на голот на Бихел и признава дека не одиграл на препознатливо ниво на стартот од Лигата на нациите, но верува дека ќе биде подобро на дербито со Македонија, во недела во Скопје.

„Едноставно не беше мој ден. Не ми одеше како што посакував, но, за среќа, победивме. Секој меч ќе биде тежок за нас, бидејќи во Лигата на нациите се можни изненадувања и пресврти. Се надевам дека ќе одиграм многу подобро веќе на следниот меч против Македонија“, изјави играчот на Арсенал и на ерменската селекција.

Популарниот Мики промаши пенал во 69-тата минута од дуелот со Лихтенштајн при резултат 1-1, но, за негова среќа, вардаровиот фудбалер Тигран Барсегјан погоди за победа од 2-1 седум минути подоцна.

Ерменија неочекувано тешко го победи аутсајдерот Лихтенштајн во Ереван, па сега го очекува дербито во четвртата група од Сегментот Д против Македонија. Двомечот на овие две селекции, најверојатно, ќе ја разреши дилемата која репрезентација ќе продолжи да игра за место на Европското првенство во 2020 година.

Само победниците на четирите групи ќе имаат шанса да го освојат Сегментот Д и како шампиони во најслабата зона да обезбедат настап на ЕП.

Се знае терминот за првото Ел Класико сезонава

Најголемото дерби во светот, мечот меѓу Барселона и Реал Мадрид ќе се игра на 28-ми октомври, со почеток во 16.15 часот на „Камп ноу“. Дека Барселона ќе биде домаќин на првиот дуел, се знаеше уште кога беа направени двојките за Примера дивисион, но не беше познат точниот термин.

За Барселона дербито ќе дојде во еден напорен период, бидејќи во растојание од четири дена, покрај дербито со Реал, ќе треба да одигра и меч од Лигата на шампионите против Интер. За разлика од каталонскиот гигант, на Реал распоредот му е полесен, бидејќи пет дена пред Ел Класико, на свој терен ќе игра против Викторија П’лзен во Лигата на шампионите. На таа средба Реал ќе биде апсолутен фаворит.

Иако за некого е изненадување, сепак, полека но сигурно станува практика Ел Класико да се игра во попладневен термин, а не како што претходно кога беше резервиран вечерниот термин. Главна причина поради која сега Ел Класико се игра во попладневниот термин е за да може милионите навивачи на Далечниот Исток да имаат „пристојно“ време, односно вечерен термин за да го гледаат овој меч.

Серина Вилијамс и Наоми Осака во финалето на Отвореното првенство на САД

Серина Вилијамс стигна до деветтото финале на Отвореното првенство на САД, каде што за противник ќе ја има Наоми Осака од Јапонија, која го оствари најголемиот успех во кариерата на овој Гренд слем турнир.

Некогашната најдобра тенисерка во светот, Вилијамс, немаше никакви проблеми во полуфиналето и лесно само за малку повеќе од еден час ја совлада Анастасија Севастова. Првиот сет Американката го доби со 6:3, а во вториот не дозволи противничката да освои ниту еден гем и заврши 6:0.

За Вилијамс ова ќе биде прво Гренд слем финале откако се породи. Последен пат во финале играше на Гренд слем турнирот во Мелбурн, на Отвореното првенство на Австралија минатата година. За Серина ова ќе биде вкупно 31 финале на еден Гренд слем турнир.

Осака е Јапонка чија кариера е во нагорна линија. Поголемиот дел од детството го поминала во Њујорк, каде што и тренира. Во полуфиналето на Отвореното првенство на САД, Осака со 2:0 во сетови (6:2, 6:4) ја победи Кејс од САД.