Дербито на колото во Лигата на нациите беше рутина за Шпанија, селекцијата која неочекувано лесно ја декласира Хрватска со 6-0. Актуелните светски вицешампиони потонаа во Елче и доживеаја еден од најтешките порази во нивната историја.
Саул Њигес со гол во 24-тата минута најави победа на „црвената фурија“, а потоа откако се проби мразот следеше фуриозна игра на Шпанците.
Темпо диктираше извонредниот играч на Реал Мадрид, Марко Асенсио, кој постигна два гола за две минути, а потоа имаше и три асистенции за неверојатен ефект на стадионот во Елче.
Голови за Шпанија постигнаа и Родриго, Рамос и Иско, па Хрватска доживеа бродолом и драстично си ги намали шансите за успех во Лигата на нациите.
Во најсилниот Сегмент А од Лигата на нациите, вечерва убедливо славеше и Белгија, на гостински терен против Исланд со 3-0.
Босна и Херцеговина ја забележа втората победа во вториот меч во новоформираното натпреварување, но во Сегментот Б, а во Зеница „падна“ Австрија.
Един Џеко со голот во 78-мата минута ѝ донесе победа на домашната селекција за прво место во третата група од овој сегмент.
Во Лигата Ц, Финска со 1-0 ја победи Естонија, победа славеше и Унгарија со 2-1 против Грција, а во нашиот Сегмент Д Молдавија и Белорусија одиграа без голови, додека Луксембург лесно со 3-0 го победи Сан Марино.
Фуриозно – Шпанија ја декласира Хрватска со 6-0
Промоција во Рајо Валјекано – Добредојде за Столе Димитриевски
Македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски денеска и официјално беше претставен како ново засилување на голманската позиција во шпанскиот прволигаш Рајо Валјекано.
Од Тарагона, чуварот на мрежата на нашата репрезентација се пресели во Мадрид и го очекува дебито и во Рајо, во една од најсилните лиги на светот, шпанската Ла Лига.
Со Димитриевски, како што е и вообичаено, беа промовирани и останатите летни засилувања на клубот од Мадрид.
Сигурен лет на младите српски „орли“ во нашата група
Со головите на Јовиќ и на Лутовац, Србите направија пресврт и ги победија врсниците од Русија во директната битка за првото место во нашата група. Популарните „орли“ го задржаа импресивниот учинок од сите победи и по 8 кола, имаат 24 бодови.
Русите поведоа со голот на Чернов по малку повеќе од еден час игра, а пресвртот го најави играчот на Ајнтрахт Франкфурт, Јовиќ, со гол од пенал во 74-тата минута. За комплетен пресврт и победа се погрижи Лутовац со прецизен удар во 88-мата минута.
На Србија сега ѝ треба само еден бод во последните две кола против Австрија и Ерменија на домашен терен за да игра на ЕП 2019 во Италија и Сан Марино.
Тоа е речиси сигурна варијанта, а „орлите“ ќе го продолжат континуитетот од настапи на континенталните натпреварувања.
На минатото ЕП во Полска, Србите беа со нас во група, како и сега во квалификациите, а мечот во Бидгошч заврши нерешено, 2-2. Ривалот во седмата група во овие квалификации го задржа континуитетот и речиси сигурно пак ќе игра на големото натпреварување, а Македонија, за жал, не успеа и само со 4 бода на две кола до крајот е претпоследна во групата.
Марсело затаи данок од 400 илјади евра, ќе плати 750 илјади глоба
Марсело е еден од низата играчи на Реал Мадрид што затајувал данок, и тоа во висина од 400 илјади евра, а како глоба ќе плати речиси двојно повеќе. Бекот на Реал Мадрид и на бразилската репрезентација се спогоди со државата Шпанија да плати 750 илјади евра за да не заврши зад решетки.
Пред него и Кристијано Роналдо и Лионел Меси, но и уште неколку познати фудбалери од Ла Лига имаа проблем и со законот, односно со затајување на данок.
Ваквиот прекршок строго се казнува, дури вообичаено е да се оди и во затвор, но играчите успеаваа да се договорат со шпанските судови.
Младите се неискусни – Второто полувреме ни ги „лапа“ бодовите
Македонските фудбалски таленти немаат добар циклус во квалификациите за Европското првенство во Италија и Сан Марино следната година, а на неверојатен начин ги губиме бодовите со голови во последните моменти.
Ако се сметаат головите што ги примавме во второто полувреме, загубени се најмалку десет бодови на осум натпревари.
И денеска не беше поинаку, а сигурната победа против Ерменија и предноста од 3-1 во самиот финиш ја прокоцкавме со два примени погодоци во последните моменти.
Амановиќ си постигна автогол во 90-тата минута, Аветисјан ни даде гол во третата минута од судиското продолжение и победата исчезна.
Претходно, во овој циклус губевме бодови со голови примени во вториот дел против Гибралтар, со голот во 94-тата минута загубивме дома од Русија со 3-4, Австрија нè победи со 2-0 со два гола во продолжението од мечот, Србија славеше со 2-1 минатата седмица со погодок во 80-тата минута и денеска Ерменците ни одземаа два бода со голови во последните моменти.
Неискуството е очигледно кај нашите млади фудбалери, но јасно е и дека треба да се поработи на психофизичката подготовка за да се избегнува повторувањето на лекциите, односно натпреварите во кои загубивме десеттина бодови со примени голови во вториот дел.
Седлоски е подготвен за дебито на клупата на Широки
Поранешниот тренер на Вардар, Гоце Седлоски, е подготвен да дебитира на клупата на Широки Брег во дербито против Зрински. Седлоски неодамна беше доведен во клубот, потпишувајќи двегодишен договор. Тој вели дека целосниот фокус е за мечот против Зрински.
„Знам дека Зрински три години по ред е шампион, што покажува дека имаат квалитет. Сепак ние сме фокусирани само на нашата игра. Треба да ја вратиме агресивноста, секој играч мора да го даде максимумот за колективот. Лигата е многу израмнета, нема лесни натпревари и секој секого може да победи. Секој дуел е тежок на свој начин. Нема да потцениме никого и ќе одиме меч по меч. Моментно мислиме на Зрински“, рече Седлоски на прес-конференцијата пред дебито на клупата на Широки Брег.
По осум одиграни средби досега, Широки Брег е на четвртото место на табелата со 13 освоени бодови, додека Зрински е една позиција погоре и досега освои 15 бодови.
Македонија прими два гола во 90-тата минута и не ја победи Ерменија
Македонската репрезентација за играчи до 21 година направи од готово вересија. На дуелот против Ерменија имаше предност од 3-1, но прими два гола во 90-тата минута и на крајот мечот заврши 3-3.
По ова реми, македонските надежи останаа на петтото место во Групата 7 само со една победа од 8 меча и само четири освоени бода, без никакви шанси да се надева за пласман на Европското првенство 2019 година.
Јани Атанасов во 26-тата минута донесе предност на Македонија, што беше и единствен гол во првите 45 минути. Вториот дел беше вистинско гол-шоу. Најпрво Аветисјан погоди од пенал во 56-тата минута и израмни на 1-1. Во 73-тата минута беше досуден пенал и за Македонија, кој го реализираше Здравковски за водство од 2-1.
Во 88-мата минута во игра влезе Дарко Чурлинов, што се покажа како добар потег. Точно 20 секунди откако влезе во игра, Чурлинов даде гол за 3-1. Кога сите мислеа дека предноста од два гола на две минути до крајот ќе биде доволна за победа, Ерменците приредија изненадување.
Во 90-тата минута Амановиќ си даде автогол, а во третата минута од судиското надополнување Аветисјан со својот втор погодок на мечот израмни на 3-3.
Марадона поради најмалата ќерка решил да ја остави дрогата
Неповторливиот Диего Армандо Марадона направи вистинско шоу во Мексико. Тој денеска беше промовиран во нов тренер на екипата на Дорадос де Синалоса. Освен на фудбалски теми, Диего Армандо реши да зборува и за својот голем порок со којшто се бореше со години, а тоа е дрогата.
Марадона открива дека неговите ќерки биле мотивот и причината поради која тој решил да престане да се дрогира.
„Сопрев со дрогата благодарение на мојата најмала ќерка. Кога ја користев, тоа беше еден чекор назад, а требаше да продолжам напред. Успеав да се справам со тоа благодарение на моите ќерки“, вели легедарниот Марадона.
Илјадници навивачи од градот Кулиакан се појавија на стадионот „Естадио Банорте“ за да го видат и да го поздрават Диего Армандо, кој треба да се покаже како добар тренер.
Црвена ѕвезда ги продаде сите билети за Лигата на шампиони
Најголемиот успех на Црвена ѕвезда во последниве две и пол децении, пласманот во групната фаза од Лигата на шампионите, предизвика невиден интерес кај навивачите. Српскиот првак е дел од 32-те најдобри екипи во Европа и во групата ќе игра против докажаните европски гиганти Ливерпул, Пари Сен Жермен и Наполи.
Атрактивните противници, но и фактот дека по 26 години клубот повторно е во една ваква фаза од најдоброто натпреварување, направи навивачите само за три часа да ги купат сите пакет-билети за трите меча кои ќе се играат на стадионот „Рајко Митиќ“.
Според распоредот на УЕФА, првиот меч Ѕвезда на свој терен ќе го игра на 18-ти септември против Наполи. Петкратниот европски првак Ливерпул во Белград ќе гостува на 6-ти ноември, додека францускиот првак Пари Сен Жермен на „Рајко Митиќ“ ќе игра на 11-ти декември.