16.8 C
Skopje
четврток, 21 август 2025
Дома Blog Страница 9806

„Сантијаго Бернабеу“ ќе биде висок 60 метри

Легендарниот стадион „Сантијаго Бернабеу“ на кој игра европскиот првак Реал Мадрид, за 5 години откако ќе биде реновиран и покриен, ќе делува како врвно уметничко дело и вистински џин. Според планот, стадионот ќе биде висок дури 60 метри, и ќе биде највисок стадион во Европа заедно со „Крестовски“ на Зенит во Санкт Петербург.

Градежните работи на „Бернабеу“ ќе стартуваат во 2019 година, а планот е реновирањето и поставувањето кровна конструкција да траат 43 месеци. Цената која ќе се плати е повеќе од 400 милиони евра.

Ќе се гради џиновска корниза од 2.000 метри квадратни на која потоа ќе се постават покривот и ќе се обложат страничните ѕидови, а и околината ќе добие нов лик (ќе се направи плоштад со продавници).

Покривот ќе се отвора и затвора за само 12 минути, а тој и ќе ја менува бојата, во зависност од силината на сонцето. Ќе има 3.000 нови седишта, но капацитетот на стадионот нема да се зголеми, туку ќе остане на актуелните 81.000.

Манчестер може да здивне, Лук Шо е добар

Лук Шо се чувствува добро, по повредата на главата која ја здоби со неконтролираниот пад на тревата на „Вембли“ во 47. минута на мечот помеѓу Англија и Шпанија од Лигана на нации. Левиот бек на Манчестер јунајтед се удри во противничкиот играч Даниел Карвахал и незгодно падна на теренот. Лекарскиот тим 5-6 минути го имобилизираше, му ставија маска за кислород, и го изнесоа на носила.

Сликата беше непријатна, но последните информации се дека тој се чувствува добро, и не станува збор за тешка повреда. Селекторот Герет Саутгејт, кажа дека после мечот, Шо разговарал и се однесувал комфорно во соблекувалната, но за секој случај, ќе му бидат направени дополнителни тестови.

„Ви благодарам на сите за љубовта и поддршката која ми ја дадовте. Во добри раце сум. Фино се чувствувам. Борец сум, наскоро ќе се вратам на терен“ – напиша Шо на „Твитер“.

Англичаните за првпат после 30 години, загубија три официјални мечеви по ред, а им заврши и периодот од 11 години без пораз на домашен терен.

Осака е јапонската тениска царица

0

Наоми Осака со 6-2. 6-4 ја совлада 16 години постарата Серина Вилијамс во финалето на Отвореното првенство на САД во тенис, и стана првата Јапонка која освоила гренд-слем.

Двете финалистки, по завршувањето на мечот, беа во солзи. Осака од радост, бидејќи не можеше да си поверува дека триумфираше против тенисерката која е нејзин идол, и која пред десетина години ја молеше да се сликаат.

Вилијамс плачеше од тага и фрустрација, откако во финишот на вториот сет, се скара со судијата, кој ја казни со губење прво на поен, а потоа и на цел гејм, за добивање инструкции од тренерот, за навреди кон судијата Карлос Рамос, и за кршење на рекетот на терен. Американката испушти шанса да се изедначи со Маргарет Корт, која има 24 гренд-слем титули, рекорд кој стои цели 45 години.

Досега Осака имаше само еден освоен турнир, а сега не само што ќе напредува на ВТА листата, туку доби и голем чек, и награда од дури 3,8 милиони долари.

„Можеби во наредните денови ќе сфатам што сум направила. Тешко беше да се фокусирам само на тенисот, мислев дека нема да можам да ги контролирам нервите. Серина добро се однесуваше кон мене, јас ја паметам само по добро. Како дете си замислував дека играм финале против неа“ – вели 20-годишната Осака која е осмиот различен освојувач на гренд-слем на последните осум големи турнири.

Лудница во Африка: 40.000 публика, а стадионот собира 25.000

Натпреварот од квалификациите за африканскиот Куп на нации помеѓу Гамбија и Алжир, се одигра во услови кои се тешко замисливи во Европа, но се толерираат на „црниот континент“. Иако трибините на стадионот во Банџула собираат 25.000 луѓе, мечот го гледаа дури 40.000.

Публика имаше буквално насекаде. Најмногу на трибините како што е редот, но навивачи имаше и на оградата, покрај теренот на атлетската патека, на рефлекторите, на семафорот.

Алжирците не сакаа да играат, но подоцна попуштија и излегоа на терен, откако добија закана од африканската фудбалска федерација дека може да добијат казна. Пред мечот, наместо химната, на Алжир му беше пуштена поп-песна.

Средбата почна со доцнење од еден ипол час, а заврши со резултат 1:1. Најчудно е што главниот судија е астматичар, и користеше инхалатор. Овие работи ги нема во модерниот фудбал, но затоа во Африка има посебна убавина овој спорт.

Англија по две години претрпе пораз на „Вембли“, Шпанците заминаа со цел плен

Репрезентацијата на Англија претрпе пораз од 1-2 против Шпанија во Лигата на Нации. Избраниците на Герет Саутгејт за прв пат по две години загубија на „Вембли“, а воедно со пораз го започнуваат новото првенство.

Домаќините рано го отворија резултатот преку Маркус Рашфорд, реализирајќи за 1-0 во 11-тата минута. Сепак, прославата на Англичаните траеше само две минути, бидејќи веќе во следниот напад Шпанија израмни преку Саул. Во 32-та минута шпанската селекција направи комплетен пресврт откако Родриго ја затресе мрежата на Пикфорд при асистенција на Тијаго.

Во вториот дел Англија пропушти неколку шанси за израмнување, сепак, Давид Де Хеа беше на ниво на задачата, откако одбрани неколку опасни удари пред се на Рашфорд и Кејн.

ОСТАНАТИ РЕЗУЛТАТИ:

Швајцарија – Исланд 6-0
Северна Ирска – Босна и Херцеговина 1-2
Финска – Унгарија 1-0
Естонија – Грција 0-1
Белорусија – Сан Марино 5-0
Луксембург – Молдавија 4-0

Почна женската Супер-лига: Вардарки ремизираа против Куманово, Пелистер убедлив против ЦЕМС

Бранителот на титулата, тимот на Вардар пропушти победа против Куманово во првото коло од женската Супер-лига. Иако на полувреме вардарки водеа со 16-12, на крајот мечот заврши со конечни 30-30, откако примија израмнувачки гол во последните секунди од средбата.

Ракометарките на Пелистер лесно го совладаа дебитантот ЦЕМС со резултат од 33-23. Симона Василева постигна 13 гола, oдносно повеќе од половина од вкупните 23 на ЦЕМС, додека кај Пелистер најефикасна беше Анастасија Николовска со девет погодоци.

Сениорите победија на контролката против МЗТ Скопје

МЗТ Скопје загуби во пријателската пресметка против сениорската репрезентација со резултат од 82:94. Во средбата која се одигра во СЦ „Јане Сандански“, МЗТ настапи без седум првотимци, но, и покрај недостатокот одигра квалитетен натпревар во кој пружи силен отпор.

Дамјан Стојановки, Андреј Магдевски, Љубомир Младеновки и Дарко Соколов одиграа по еден полувреме за двете екипи, додека во составот на Ѓорѓи Кочов не беа ниту повредените Марко Симоновски и Иве Иванов.
Првото полувреме припадна на националниот состав, во кој доминираа со резултат од 55:34, додека во останатите два периоди „штрковите“ успеаја да ја намалат негативата.

Андрија Бојиќ беше убедливо најдобар во со 23 поени и девет скока, Лестер Медфорд реализираше 23, а Џејмс Вудард 12 поени. Стојан Ѓуроски со 16 поени беше најефикасен во репрезентацијата на Македонија, додека Љубомир Младеновски имаше ефект од 15 поени и седум скока.

По Наваро, капитен на Барселона ќе биде Анте Томиќ

Анте Томиќ ќе ја наследи капитенската улога во Барселона по пензионирањето на легендарниот Хуан Карлос Наваро. Хрватот ќе го предводи каталонскиот гигант во претстојната сезона, а негов заменик ќе биде Пјер Ориола.

Триесет и едногодишниот Томиќ веќе шест години е член на Барса, најдолго од било кој играч во екипата, што една од причините за доделувањето на на оваа голема обврска. Хрватот пристигна во 2012 година од редовите на Реал Мадрид, при тоа освои две титули во АЦБ лигата(2013, 2014), кралскиот Куп во 2013 и 2018 година, како и шпанскиот Суперкуп во 2015 година.
Во дресот на Барса досега има одиграно 455 натпревари, и го држи рекордот за најмногу настапи во клубот забележани од странски кошаркар.

 

Џон Тери ќе игра фудбал во Русија

Искусниот англиски дефанзивец, Џон Тери, кариерата ја продолжува во руското првенство, oткако се согласи на едногодишна соработка со Спартак Москва. Доскорешниот член на Астон Вила ќе заработи 1.8 милиони фунти за една година, а медицинските прегледи ги заврши уште во саботата наутро.

Тери за прв апт во неговата кариера ќе игра надвор од Англија, откако за Челзи настапуваше цели 22 години, а потоа потпиша за Астон Вила каде една сезона играше во второто по ранг англиско првенство.

Во овој ангажман влијание имал и ексменаџерот на Челзи, Антонио Конте, кој го препорачал Тери кај својот поранешен колега од италијанската репрезентација, Масимо Карера.

Тодоров повторно ќе го тренира Мијајловиќ

Српскиот плејмејкер Игор Мијајловиќ (34), е пред потпишување на договор со романскиот прволигаш Крајова, чиј тренер е македонскиот стратег Александар Тодоров. Искусниот Мијајловиќ, беше еден од најзаслужните за првата титула на МЗТ Скопје Аеродром во 2012 година, а таа сезона кога го носеше дресот на „металците“, тренер му беше токму Тодоров.

Мијајловиќ на македонските паркети играше и за Кожув и Карпош соколи, а потоа прејде во унгарски Капошвари. Од 2015 година наваму, тој игра во романската лига, и добро е запознат со состојбите таму, па прилагодувањето во тимотна Тодоров нема да му биде проблем. Во Крајова настапува и поранешниот бек на Фени индустри, Горан Гајовиќ.

Во минатата сезона, Мијајловиќ како играч на Темишвар, имаше просек од 10,6 поени, 3,3 асистенции и 2,4 скока по натпревар во романскиот шампионат. Кога ќе потпише Мијајловиќ, Крајова на Тодоров во составот ќе има дури шест странци, од кои двајца првпат ќе заиграат во Романија.