По златната ера на Сер Алекс Фергусон, ѓаволски скапи се отказите во Манчестер јунајтед

Оле Гунар Солскјер треба да добие отштета од околу 7,5 милиони фунти за отказот што го доби завчера како менаџер на Манчестер јунајтед, а серијата предвремени заминувања чинат ѓаволски скапо за Црвените ѓаволи.

Од златната ера на Сер Алекс Фергусон, пристигна и големата криза кај најтрофејниот англиски шампион со 20 титули.

Пехари во Премиер лигата веќе нема, но затоа има смена на четворица менаџери откако Фергусон си замина во 2013 година, дури со 13 освоени титули од вкупно 20 на Манчестер јунајтед во англиското првенство.

Големиот тренерски маг беше заменет од Дајвид Мојс во јули 2013 година и беше сменет само по десет месеци, а му беа исплатени 7 милиони фунти како отштета за предвремено раскинување на договорот.

По него дојде Луис ван Хал, а и тој за две години од 2014 до 2016 не освои шампионска круна и си замина порано од договорот, па Црвените ѓаволи мораа да му платат 8,4 милиони фунти при разделбата.

Жозе Мурињо само ја продолжи низата од неуспеси на 20-кратниот шампион и Специјалниот беше испратен порано од договорот, а тој заработи и најмногу, дури 15 милиони фунти како отштета за отказот во декември 2018 година.

Сега и Солскјер ќе ја подиспразни касата на Ѓаволите со отштета од 7,5 милиони фунти, што вкупно за четворицата менаџери во постФергусон ерата го чини Манчестер јунајтед околу 38 милиони фунти.

Се најавува дека петтиот менаџер по долгото владеење на Фергусон од 1986 до 2013 година ќе биде Маурисио Покетино.

- Оглас -

Најнови вести