Пресврт крунисан со „шестка“ во мрежата на Рома: Јунајтед веќе се гледа во Гдањск, Арсенал ќе се поправа на „Емирати“

Манчестер јунајтед со една нога веќе е во финалето од Лигата на Европа, откако во првото полуфинале против Рома триумфираше со убедливи 6-2 во фантастичниот меч на „Олд трафорд“.

Вистински спектакл приредија Ѓаволите и Волчицата во Манчестер, голеадата беше најавена со експресните 1-1 по само 15 минути игра. Јунајтед поведе преку Фернандеш во осмата минута, за израмнувањето да го донесе Пелегрини со гол од пенал седум минути подоцна.

Рома тргна по изненадување, а Џеко продолжи да ја решета мрежата на Де Хеа со својот шести гол на петтото гостување на „Театарот од соништата“, по кој гостите водеа со 2-1 во 34-тата минута.

Сепак, тотален потоп му се случи на тимот на Фонсека во вторите 45 минути. Кавани израмни на 2-2 набрзо по стартот на полувремето, а веќе во 64-тата минута Уругваецот со својот втор гол на мечот ја најави големата победа.

Во последните дваесетина минути од дуелот, Рома прими уште три гола. Прво Фернандеш заби од пенал за 4-2, а по само четири минути му намести гол на Погба, пред Гринвуд да ги постави конечните 6-2 во 86-тата минута.

На вториот полуфинален меч вечерва, Вилјареал славеше со 2-1 против Арсенал, резултат кој им остава простор на Топчиите да се надеваат дека ќе патуваат до Гдањск за финалето во Лигата на Европа.

Тригеирос и Албиол до 30-тата минута ја тресеа мрежата на Лено за водство од 2-0 на тимот на Унај Емери, додека Арсенал преку Пепе стигна до важен гол кој искористи пенал-ситуација да намали на 2-1, односно да го постави конечниот резултат на „Керамика“ стадионот.

Погодокот на Пепе од пенал можете да го видите на следниот ЛИНК.

 

- Оглас -

Најнови вести