Преживеаниот од страшната несреќа во која загина Рејес открива што се случило

Поминаа речиси 10 дена од смртта на некогашниот шпански репрезентативец Антонио Рејес, а реакциите не стивнуваат. Во автомобилот со Рејес бил и неговиот роднина Џонатан Рејес, како и внукот Хуан Мануел Калдерон. Токму Калдерон имаше среќа да ја преживее страшната несреќа, во која загинаа двајцата Рејес. 

Автомобилот „мерцедес“ возел со брзина од 237 километри на час, кога во еден момент пукнала една од гумите. Фудбалерот, кој возел, ја загубил контролата и трагедијата била неизбежна.

„Бевме добро расположени како и секогаш. Не се фотографиравме за Инстаграм како што често знаеме да правиме. Хозе Антонио брзаше дома бидејќи сакаше да ги изненади сопругата и ќерката. Дозна дека нема да игра на следниот меч против Кадис и реши да замине дома во Севилја. Мене и Џонатан требаше да нè остави во Утрери, а тој да продолжи кон Севилја. Брзо возеше, кога наеднаше се слушна бум и се случи хаос. Излетавме од патот. Автомобилот леташе во воздухот и се удри во бетонски столб. Рејес прво се обидуваше да застане, кочеше речиси 100 метри, но не успеа. Откога се удри во столбот, автомобилот се запали“, се сеќава Калдерон.

Преживеаниот сопатник поминал со помали изгореници од пожарот. „Денот беше прекрасен. Се договаравме каде ќе го гледаме финалето во Лигата на шампионите“, додава Хуан Мануел Калдерон.

- Оглас -

Најнови вести