Продолжи традицијата – Пеналите му донесоа уште еден пехар на европскиот првак Челзи (Видео)

Челзи е освојувач на првиот и последниот трофеј во Суперкупот на Европа, откако е воведено правилото да се игра еден меч на неутрален терен , откако вечерва на пенали со 6:5 беше подобар од Вилјареал.

Актуелниот европски првак ја продолжи традицијата шампионите на Стариот континент да го освојуваат пехарот, а тоа вечерва се случи по десетти пат на последните 13 финалиња.

Клучен момент беше промашувањето на Раул Албиол во седмата пенал серија, а јунак беше Кепа Аризабалага. Резервниот голман на Челзи влезе во игра во 119. минута специјално за пеналите и тоа се покажа како добитен потег на Томас Тухел.

Во регуларниот дел беше 1:1, а Челзи поведе со голот на Хаким Зијех во 27. минута. Мароканецот потоа се повреди и беше заменет во финишот на првото полувреме.

Вилјареал израмни на 1:1 по прекрасната акција во 73. минута, што со гол ја круниса Џерард Морено, а потоа немаше голови до крајот на регуларниот дел и во двете продолженија од по 15 минути.

Во пенал-рулетот Каи Хаверц го промаши првиот удар, па погодија Морено за Вилјареал и Аспиликуета за Челзи, за да промаши и Манди за егал по две серии пенали.

Прецизни потоа беа Алонсо за Челзи и Еступињан за Вилјареал. Серијата погодоци ја продолжија и Мејсон Маунт и Мои Гомес, потоа и Жоржињо и Раба, па по пет серии беше израмнето, 4:4.

Пулишиќ ја продолжи серијата и му донесе предност на европскиот првак, а Хуан Фојт израмни на 5:5. Погоди и Ридигер, а Албиол промаши за нов трофеј за Челзи во Европа.

Интересно е што вечерва продолжија уште две традиции. Победникот по четвртипат по ред беше одлучен по продолженија, или пенали, односно тоа се случува шестпати на последните 7 дуели меѓу европскиот првак и освојувачот на титулата во Европа Лигата во дуелот за пехарот во Суперкупот на Европа.

Втората е поврзана токму за Челзи и вели дека клубот од Лондон учествувал во трите финалиња во Суперкупот што се одлучувале на пенали. Од вкупно 47 меча за пехарот во Суперкупот само трипати пеналите одлучувааза победникот, а Челзи загуби од Баерн во 2013 година и од Ливерпул преклани, а сега за првпат победи на пенали.

 

- Оглас -

Најнови вести