Распад-систем кај Црвените ѓаволи – Немаа поим каде е Роналдо, тој си заминал за Португалија

Манчестер јунајтед убедливо го загуби градското дерби со Манчестер сити, а големо разочарување во таборот на Црвените ѓаволи е однесувањето на големата ѕвезда Кристијано Роналдо.

Популарниот ЦР7 дознал дека нема да биде стартер против Сити, тим кој славеше денеска со 4:1 и не се ни појави на „Етихад“, туку веднаш си заминал за Португалија.

Што е уште полошо, ниту неговите соиграчи, ниту тренерот Ралф Рангник не знаеле дека Роналдо нема да се појави на стадионот на Манчестер сити и дека со приватен авион си заминал во родната земја.

Според информациите од Англија, Роналдо се пожалил на повреда, па иако не е обврзан да присуствува на меч на којшто нема да игра, неговото однесување и „бегство“ во Португалија ги дотолчи сите во таборот на Црвените ѓаволи.

Поразот од Сити е тежок, го фрли Јунајтед на петтата позиција со еден бод помалку од четвртопласираниот Арсенал, но и со три меча повеќе, па шансите да се игра во Лигата на шампионите се драстично намалени.

Случајот со Роналдо е само еден во серијата испади на играчите на Манчестер јунајтед во последно време.

Почна со инцидентот на Мегваер, кој се степа на Миконос, па продолжи со сериозните обвинувања за обид за убиство и малтрерирање на девојката за Мејсон Гринвуд и продолжи со барањето за одмор на Лингард за да си ги среди мислите и сега на сето тоа се надоврза и чудниот потег на Роналдо.

Манчестер јунајтед е најтрофејниот англиски клуб со 20 титули, но нема шампионски пехар од 2013 година, кога заврши златната ера на Сер Алекс Фергусон.

 

- Оглас -

Најнови вести