Реал пак го пушта Џејмс на позајмица

Џејмс Родригес, фудбалерот на Реал Мадрид, е многу блиску до преселба во редовите на Наполи, откако двете страни ги договориле условите за позајмица на Колумбиецот. Џејмс следната сезона се очекува да го облече дресот на Наполитанците како позајмен играч, а во летото 2020 италијанскиот вицешампион целосно ќе го откупи неговиот договор за сума од 30 милиони евра.

Некогашното рекордно засилување на Кралевите повторно ќе оди на позајмица откако во изминативе две сезони ги бранеше боите на германскиот првак Баерн Минхен. Реал и со Баварците имаше договор за Колумбиецот да биде откупен ова лето, но ниту самиот фудбаер, а ниту гигантот од Минхен немаа желба за долгогодишна соработка.

Преселбата во Наполи ќе биде добра за Џејмс, бидејќи таму тренер е Карло Анчелоти, стратегот кој првично го доведе во редовите на Реал Мадрид во летото 2014 година. Џејмс имаше одлична соработка со искусниот стратег и тој е една од причините што Колумбиецот се одлучи да се пресели во Серија А.

- Оглас -

Најнови вести