Роналдињо пуштен на слобода, но може да заглави пет години во затвор!

Некогаш најдобриот фудбалер во светот Роналдињо и неговиот брат Роберто се пуштени на слобода откако дадоа исказ за тоа како успеале да влезат во Парагвај со лажен пасош. Двајцата Бразилци беа уапсени во Асунсион откако полицијата утврдила дека имаат проблем со пасошите.

Роналдињо седум часа даваше исказ во полицијата и соработуваше со истражителите, кои дојдоа до вредни информации за група која се занимава со организиран криминал.

„Роналдињо не знаеше дека документите се лажни. Во пасошот стоеше дека националност му е натурализиран Парагваец, а очигледно дека тоа не е. Мора да се спроведе правдата. Тој ќе остане во Парагвај додека тоа се бара од него“, вели адвокатот на Бразилецот, Рикардо Преда.

Иако е пуштен на слобода, тоа не значи дека Роналдињо и брат му ќе поминат без казна. Според парагвајскиот закон, за користење лажни документи може да се добие затворска казна од пет години. Сепак, се очекува казната да биде многу поблага и Бразилеците да се извлечат само со парична казна посебно затоа што соработуваа со властите.

„Ќе предложиме да плати казна, а на Судот ќе оставиме да одлучи дали ќе го прифати тоа и колкава казна ќе додели. Истрагата уште е во почетна фаза, се собираат докази, откривме неколку осомничени и ќе видиме во следните денови како ќе се развива истрагата. Сакаме да дознаеме кој е дел од оваа криминална банда“, вели обвинителот Федерико Делфино.

 

- Оглас -

Најнови вести