Само Роналдо ќе добива повеќе од Де Лихт, менаџерот Рајола „лапна“ 10 милиони евра

Матајс де Лихт и официјално беше промовиран во нов играч на Јувентус. Италијанскиот првак конечно ја доби битката за потписот на еден од најталентираните млади фудбалери во светот, а извисија Барселона и Пари Сен Жермен.

Тинејџерот ги помина лекарските прегледи и откако беше договорена сумата за трансферот, го стави потписот на договорот со новиот клуб, а со тоа стана и најскап дефанзивец во историјата на фудбалот. Јувентус за трансферот на Де Лихт му плати на Ајакс 75 милиони евра, а дополнителни 10 милиони евра ќе одат и на контото на менаџерот на играчот, Мино Рајола. Тоа е најпознатиот менаџер на светот, кој заработува неверојатни суми од трансферите на играчите кои ги застапува.

Договорот на Де Лихт со Јувентус е до 2024 година, а ако некој клуб сака да го купи предвреме, ќе мора да плати 150 милиони евра, колку што стои во откупната клаузула. Годишната плата на тинејџерот е 7,5 милиони евра, но со предвидените бонуси таа може да достигне и до 12 милиони евра по сезона, што ќе го направи Де Лихт вториот најплатен играч во клубот, веднаш зад Кристијано Роналдо.

 

 

- Оглас -

Најнови вести