Солскјер: Ете зошто се тие на врвот, а ние сме таму каде што сме

Како што се очекуваше, Манчестер јунајтед загуби на свој терен од градскиот ривал Сити и остана чекор подалеку од трката за место кое води во Лигата на шампионите за следната сезона. „Црвените ѓаволи“ останаа на шестото место и се во најлоша ситуација во однос на Тотенхем, Челзи и Арсенал. Сити со победата во дербито, повторно се искачи на врвот на табелата во Премиер лигата и во последните три кола ќе има неверојатна борба за титулата.

По завршувањето на градското дерби, тренерот на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер, беше разочаран, но и свесен дека не може да му парира на тим каков што е Сити.

„Постои јасна разлика во квалитетот на двата тима. Затоа тие се на врвот, а ние сме таму каде што сме. Тие поставија стандарди кои ние треба да ги достигнеме и престигнеме. Играчите покажаа дека сакаат да се борат за добар резултат, но тоа едноставно не беше доволно. За жал, примивме два „несмасни“ погодоци, а тоа можевме да го избегнеме. Остануваме во игра за четвртото место. Знам дека мора да бидеме подобри и тоа треба да го покажеме на следниот меч против Челзи“, рече тренерот на Манчестер јунајтед, Солскјер.

Освен дербито против Челзи, Јунајтед до крајот на сезоната ќе гостува кај Хадерсфилд, а потоа на свој терен ќе игра против Кардиф во последното коло за оваа сезона.

- Оглас -

Најнови вести