Различните реакции околу церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз не стивнуваат, а веста за најконкретни последици пристигнува од Полска. Телевизиски коментатор на тамошна медиумска куќа е суспендиран поради шеговит коментар за време на церемонијата.
На свеченото отворање, домашната пејачка Жулиет Арман ја исполни песната на Џон Ленон „Imagine“ со клавирска придружба. Оваа песна на легендарниот пејач на Битлси се смета за неофицијална олимписка химна. Во неа, Ленон пее за свет без рај, без нации и без религии.
Додека песната траеше, коментаторот Пшемислав Бабиарз рече:
„Свет без небо, нации и религии. Ова е визија на мир која би требала да се однесува на сите луѓе. За жал, тоа е визија на комунизмот.“
Набрзо пристигна реакцијата на Телевизија Полска.
„Меѓусебното разбирање, толеранција, помирување – ова не се само основни олимписки идеи, тие се и темел на стандардите кои ја водат полската телевизија. Немаме разбирање за оние кои ги кршат. Ве известуваме дека по скандалозните зборови, Пшемислав Бабиарз е суспендиран од своите официјални должности и нема да биде коментатор за време на Олимписките игри“, соопштија од националната телевизија на Полска.