Некогашната најдобра фудбалерка во светот Меган Рапино имаше непосакуван крај на кариерата. Рапино ноќеска го одигра последниот професионален меч, но на теренот помина само три минути, затоа што се повреди.
Рапино се повреди без да има контакт со противнички играч, кога падна и се фати за ногата покажувајќи дека има голема болка. Веднаш мораше да излезе од игра, а според првичните прогнози, 38-годишната фудбалерка ја скинала ахиловата тетива.
„Најлош можен исход. Тоа е, не може секогаш да се има совршен крај“, беше коментарот на Рапино по мечот.
Оваа фудбалерка имаше блескава кариера која траеше повеќе од 20 години. Дебитираше во 2002 година, а со репрезентацијата на САД во чиј дрес одигра 203 мечеви и постигна 63 голови, стана светска шампионка во 2015 и 2019 година. Во 2019 година ја освои и Златната топка, а има и златен медал од Олимписките игри во Лондон во 2012 година.