За човекот кој ги одведе до финалето во ЛШ немаа пари, но за Специјалниот дадоа двојно повеќе

Пукна бомбата, Жозе Мурињо го презеде Тотенхем. За Португалецот ова е трет премиерлигаш кој ќе го води во тренерската кариера. Претходно со успех раководеше со Челзи и Манчестер јунајтед, каде што го доби последниот отказ.

Тотенхем се ослободи од Маурисио Покетино. Сосема логичен потег на управата ако се земат предвид резултатите на тимот од оваа сезона. А, пред неполни шест месеци Аргентинецот ги одведе Петлите до финалето во Лигата на шампионите, кое го загубија од Ливерпул со 2-0. Во изминатите пет сезони Покетино беше мозокот на лондончани и редовно ги носеше до пласман во европската елита, меѓутоа недостасуваа трофеи.

За отказот, Тотенхем мораше да се олесни со 15 милиони фунти поради предвремено раскинување на договорот со Покетино. Годишната плата му изнесуваше 8,5 милиони фунти, додека клубот од Северен Лондон сега ќе издвојува по 15 милиони фунти годишно за Специјалниот за важечкиот договор до 2023 година, речиси двојно повеќе.

Ако се чини дека не е фер, така е. Покетино изминатово лето инсистираше управата да вложи средства во нови засилувања, но само за двајца играчи издвоија високи 83 милиони фунти, тоа се Тангај Ндомбеле и Рајан Сесењон, од кои младиот Англичанец досега не добил шанса да се докаже поради повреди.

Со ангажманот на Мурињо, Тотенхем се надева дека конечно ќе може да стави барем еден трофеј во празните витрини од новиот стадион, но треба да се земе предвид статистиката меѓу двајцата менаџери. Мурињо во две и пол сезони на кормилото на Јунајтед, просечно освојуваше по 1,89 поени, што е идентична статистика како на Покетино додека го предводеше Тотенхем.

- Оглас -

Најнови вести