Вест хем на драматичен начин и со фантастичен погодок на Ланзини во 94-тата минута успеа да извади реми од 3-3 на гости кај Тотенхем, иако Чеканите до 81-вата минута беа во негатива од три гола.
На тој начин Вест хем се запиша во рекордните книги на Премиер лигата како прв тим кој успеа да надополни три гола негатива во последните 10 минути од еден првенствен меч и притоа да избегне пораз.
Во 82-рата и 85-тата минута екипата на Дејвид Мојс намали на 3-2, а потоа се случи бомбата на Ланзини, но Чеканите ќе жалат за една пропуштена шанса од која камбекот можеше да почне многу порано.
Се играше 50-тата минута, кога Форналс се најде сам пред голот на Љорис и промаши од позиција од која се забиваат најлесните погодоци во фудбалот. Затоа Жозе Мурињо може да биде среќен што Тотенхем дојде до бод. Доколку влезеше ударот на Форналс, Вест хем ќе се бореше и за сите три бода.