Бабиќ вели таман е, иако Пелистер прокоцка 7 гола: Имавме многу проблеми со ковид-19, ремито е фер резултат

Еурофарм Пелистер прокоцка огромна предност од 7 гола разлика и стигна само до реми 25:25 против Кадетен Шафхаузен, а тренерот Жељко Бабиќ вели дека нерешениот резултат е фер исход.

„Имавме многу проблеми со корона-вирусот. Десеттина дена дел од играчите беа во карантин и беше видливо дека тоа се одрази во второто полувреме. Одигравме одлично прво полувреме, но потоа почнавме да играме бавно, па гостите беа подобри. Мислам дека резултатот е фер и дека двете екипи заслужија по еден бод“, изјави Хрватот на клупата на Еурофарм Пелистер.

Битолчани имаа предност од 7 гола разлика, заминаа на полувреме со 16:10, а имаа и последен напад за победа, но за 7 секунди не искомбинираа добра акција за победа.

Ова им е прв бод во вториот меч во премиерното издание во новото натпреварување на ЕХФ, во Лигата на Европа.

За една седмица битолчани ќе гостуваат кај првиот фаворит за првото место во Д групата, а домаќин ќе им биде Рајн Некар Левен на 24 ноември.

- Оглас -

Најнови вести