Бајиќ: Не треба да ги преценуваме Шпанците, мора да имаме самодоверба

Селекторот на машката кошаркарска репрезентација на Македонија, Драган Бајиќ, потенцира дека го радува пласманот во квалификациската рунда за Светското првенство и дека пред тимот се мечеви со сериозни ривали кон кои мора да се гледа со максимален респект, но не и претерано преценување.

„Многу ни значи што успеавме да се пласираме во главниот квалификациски круг. По моето доаѓање, најавив дека ќе го подмладуваме тимот и истовремено ќе се бориме да имаме подобри резултати. Го пропуштивме претходното ЕП, но се надевам дека ќе играме во иднина. Имаме сериозни ривали како Шпанија, Грузија и Украина. Нема да биде лесно, но јас сум човек-оптимист и верувам во она кое го работам. Во кариерата сум победувал посилни со многу полоши тимови“, вели Бајиќ.

На првиот меч против Шпанија в петок, на 26 ноември, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, многу важна ќе биде самодовербата.

„Во натпреварот против Шпанија мора да влеземе со голема самодоверба и мотивација и ако ни се даде шанса, да изненадиме. Мора да бидеме реални, Шпанија е силна со каков било тим да дојде, мора да имаме максимален респект кон тој ривал. Во нивниот ростер се играчи коишто играат во големи клубови, но мора да веруваме во себе. Се надевам дека публиката ќе дојде во голем број и ќе биде наша поддршка“, бара Бајиќ пред натпреварот против актуелниот светски шампион.

- Оглас -

Најнови вести