Во втората сезона како тренер на Барселона, Ханси Флик го донесе и вториот шампионски пехар во клупските витрини. Германскиот стратег едноставно знае како се станува најдобар во домашното првенство и иако против себе има еден ривал каков што е Реал Мадрид, каталонскиот гигант има дури 14 бода предност на три кола до крајот.
За Флик ова беше емотивно најтешкиот меч во кариерата затоа што на денот на Ел Класико му соопштија дека починал неговиот татко. Иако тоа е голема трагедија, Флик реши да биде на клупата на Барселона и да го води тимот до нова победа над Реал Мадрид и до уште една титула.
„Утрото ми се јави мајка ми и ми соопшти дека починал татко ми. Размислував дали да го скријам тоа или да го кажам пред тимот. За мене ова е како семејство и затоа решив да ја споделам таа информација со играчите. Тоа што тие го направија е неверојатно. Никогаш нема да го заборавам овој ден“, рече Флик, кој едвај успеа да ги задржи солзите по победата над Реал. Германскиот стратег потоа продолжи да ги фали фудбалерите на Барселона.
„Мојот тим е фантастичен. Затоа и ги сакам како семејство. Неверојатно е чувството да се освои титулата со победа на „Камп ноу“ против Реал Мадрид. Воопшто не беше лесно да се победи затоа што и Реал Мадрид има фантастичен тим. Меѓутоа, одигравме одлично и сега е време да славиме“, задоволно коментираше Флик.

