Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА) го објави прелиминарниот список од 55-мина играчи повикани од селекторот Лионел Скалони, на еден месец пред почетокот на Светското првенство, на кое Аргентинците ќе ја бранат титулата.
Од овие 55-мина кандидати, на Мундијал ќе одат 26-мина. Крајниот рок за поднесување на конечниот список е 30 мај, а во случај на повреда пред првенството, играчот може да биде заменет со еден од играчите наведени на поширокиот список.
Списокот вклучува неколку изненадувања, играчи кои тренерскиот персонал очигледно ги има на радар за потенцијален повик, но никогаш претходно не биле повикани.
Има шест голмани, од кои на СП би требало да одат Емилијано Мартинес, Џеронимо Рули и Хуан Мусо.
Отсуствува Томас Паласиос од Естудијантес, кој беше повикан за последната пауза за меѓународни натпревари на ФИФА, а тука е Алехандро Гарначо, кој нема играно од септември 2024 година. Повикан е и Џанлука Престијани од Бенфика, кој поради суспензијата за расизам кон Винисиус на средбата Бенфика – Реал Мадрид, не би играл на првите два меча ако се најде на конечниот список за СП.
Меѓу најзначајните отсуства се Пауло Дибала, Анхел Кореа и Валентин Кастеланос, го нема ни Анхел ди Марија, кој се повлече од националниот тим, а беше на СП во Катар 2022. Шестемина играчи кои беа дел од составот во Катар 2022, а сега ги нема се: Франко Армани, Хуан Фојт, Анхел ди Марија, Анхел Кореја, Папу Гомес и Пауло Дибала.

