Гатузо: Верувам во фудбалскиот Бог, што ќе посееш тоа и жнееш

Наполи по шест години успеа да го освои Купот на Италија откако тимот на Џенаро Гатузо подобро ги изведе пеналите против Јувентус во финалето. По 0-0 во регуларните 90 минути, Наполитанците погодуваа од белата точка без грешка, додека Дибала и Данило кикснаа на штета на Бјанконерите.

По мечот, Гатузо не можеше да ги задржи емоциите откако го освои првиот трофеј како тренер и посочи дека трудот се исплати, а секако овој успех е посебен за него во трауматичниот период бидејќи пред извесно време остана без својата сестра која почина од ретка болест.

„Фудбалот ми даде толку многу што никогаш не ќе можам да се оддолжам, ми овозможи да станам маж. Во животот секогаш на прво место е семејството и нормално е тешко да се прифати тоа што се случи. Затоа верувам во фудбалскиот Бог. Трудот секогаш се исплати, што ќе посееш тоа и ќе жнееш“, истакна Гатузо.

Покрај Рино, куп-титулата е прво одличје и за Елиф Елмас, со која ја круниса дебитантската сезона во Наполи.

- Оглас -

Најнови вести