Холивудска вечер со невидено сценарио досега и пад на три големи шампиони се случи во Евролигата, а последен во низата е поразот на Реал Мадрид во Милано.
Кралскиот клуб, кој е најтрофеен во Европа со 10 шампионски круни прокоцка предност од 14 поени и си замина со пораз од 78:70 од Милано.
Кошаркарите на Армани не се предадоа и предводени од поранешниот играч на Реал, Серхио Родригес направија голем пресврт за уште поголема победа.
.@gabriel_deck SLAMS IT home!#7DAYSMagicMoment pic.twitter.com/BnSGdTXVkR
— Turkish Airlines EuroLeague (@EuroLeague) October 16, 2020
Родригес беше нерешлива енигма за некогашните соиграчи и постигна 25 поени, најмногу на мечот. Шавон Шилдс го следеше во чекор со 19 поени за трета победа на Армани и трет пораз на Реал Мадрид.
Треј Томпкинс беше најефикасен кај гостите од Мадрид со 15 поени, а Серхио Љуљ вечерва беше скромен со 8 поени, но успеа да ја мине границата од 3.000 поени во Евролигата.
Претходно имаше невидени драми, чуда и пресврти, а лудата вечер во холивудски стил во Евролигата со првокласна сензација го најавија кошаркарите на Алба.
Тие успеаа да ја победат ЦСКА во Москва за првпат по 20 години, а 8-кратниот шампион падна со пораз од 88:93.
Веднаш потоа уште поголемо чудо приреди вториот германски тим Баерн против поранешниот европски првак Фенербахче. Баварците губеа со 45:25 по првото полувреме во Истанбул и на сензационален начин направија пресврт за победа од 75:71.
И на следниот меч имаше драма, а Олимпијакос со тројката на Арон Херисон во последна секунда го победија Макаби Тел Авив со 85:82.
Најмирно беше во Виторија вечерва каде немаше изненадување, а Басконија убедливо го победи Химки со 77:60.