Мурињо: Ајакс во вториот дел се однесуваше како да игра против Витесе

Ајакс остана доследен на својот стил на игра, не си ја смени филозофијата во текот на натпреварот и тоа скапо го плати. Ова е мислењето на португалскиот стручњак Жозе Мурињо, кој додека бара работа како тренер, ангажиран е како телевизиски коментатор.

По одличното прво полувреме, по кое водеше со комотни 2-0, Ајакс како да исчезна во второто полувреме, а Англичаните со неколку инвидидуални мајстории на Бразилецот Лукас Мура знаеја како да го казнат тоа.

„Ајакс мораше да ја смени својата филозофија при водството од 2-0, односно вкупни 3-0 ако се гледа и првиот меч. Секој тим расте и потребен ви е стил на игра кој е прилагоден на квалитетот на играчите. Ајакс ги заслужува сите пофалби и воодушевување од нас луѓето кои го сакаме фудбалот. Но фудбалот е спортска битка, а во битки ви треба стратегија. Некогаш мора да одите против својата филозофија за да победите“, анализираше Мурињо.

Жозе токму во неменувањето на стилот на игра го гледа проблемот.

„Останаа доследни на својата филозофија. Во второто полувреме играа како противник да им е Витесе од домашното првенство“, јасен беше Специјалниот.

- Оглас -

Најнови вести