11.8 C
Skopje
четврток, 6 ноември 2025
Дома Blog Страница 10088

Балотели нема да игра за Ница, многу е дебел

Францускиот прволигаш Ница реши да преземе драстични мерки против Марио Балотели. Италијанскиот репрезентативец ги пропушти летните подготовки со клубот и тоа веднаш се одрази на неговата физичка подготвеност. Балотели е многу подебел од тоа што треба да биде за да е во посакуваната форма.
Токму поради лошата физичка подготвеност, голгетерот нема да биде во составот на Ница за следниот меч против Рен. Многумина дури и се чудеа како Балотели е во стартниот тим на Италија на средбата против Полска, во рамките од Лигата на нациите. Марио делуваше безвредно на теренот, а неговата зголемена тежина беше веднаш забележлива.
Според некои, Супер Марио е блиску до границата од 100 килограми, што е сеиозен проблем за фудбалер кој сака да биде во врвна форма. По враќањето во Ница, од клубот му наложија специјален режим на исхрана и тренинг за побрзо враќање на Балотели во старата форма. Додека тоа не се случи, италијанскиот напаѓач нема да стапне на теренот во дресот на Ница.

Давид Силва сака да ја заврши кариерата во тим од втора лига

Еден од најдобрите играчи на Манчестер сити, Давид Силва, откри дека кариерата сака да ја заврши во Лас Палмас. Тоа е клубот од неговиот роден град, но никогаш не играл за него. Лас Палмас до минатата сезона беше дел од Примера дивисион, но по лошата сезона. мораше да се пресели во еден ранг пониско и сега е дел од Сегунда. И покрај таквата ситуација со клубот, Силва би сакал да заврши во Лас Палмас.
„Имам уште две години од договорот со Манчестер сити, а потоа не знам што ќе се случува. Сè зависи од тоа како физички и психички ќе се чувствувам. Секогаш сум сакал кариерата да ја завршам во тимот на Лас Палмас“, вели 32-годишниот Силва.

Офанзивниот играч за врска кариерата ја започна во тимот Б на Валенсија, а потоа играше и за првиот тим на „лилјаците“. Како позајмен играч ги носел дресовите и на Еибар и Селта, а од 2010 година е дел од Манчестер сити. За „граѓаните“ има одиграно 349 натпревари во сите конкуренции и досега дал 62 погодоци. Три пати се радувал на титулата во англиската Премиер лига.

Давитков: Беше поинтересно отколку што требаше

Од Приштина, Златко Јуруковски

Македонија оствари победа во непријатното гостување во Косово, меч во кој нашата селекција ја имаше контролата врз топката, а и резултатот. Сепак, за триумфот моравме добро да се испотиме, со оглед дека беше неизвесно се до последниот момент, а селекторот Давитков смета дека победата требаше порано да биде осигурана.

„Одигравме добар меч како за овој период од годината. Го контролиравме мечот во целиот тек. Игравме коректна одбрана, освен тоа што Бериша погоди некои чудни шутеви од 8-9 метри, но тоа е негов заштитен знак. Домашните имаа поддршка од публиката и од некои други, но заслужено победивме игравме, борбено. Факт е дека играчите не се спремни доволно, но добро е што победивме и не сакаме други да одлучуваат за нас, туку сами да си одлучуваме дали ќе бидеме први. Слатка е победата, не размислувавме за одмазда. Добро е што победивие, и сега со победа над Романија ќе бидеме блиску до следната фаза. Косово во Скопје тешко може да победи. Војдан е наш капитен, се истроши во одбрана, исто и Соколов, немаме голема ротација за одбрана. Поинтересно беше отколку што требаше. Младеновски, Дамјан, Ѓуроски беа одлични, имаа свои моменти, Трајковски исто. Имавме добра атмосфера и на клупата, и тоа ни помогна да победиме. Ќе треба брзо да закрепнат после овој напор, за два дена ќе се обидеме и да го проширам составот, да играат повеќе играчи, не сакав да експериментирам вечерва. Романците се поодморени, но ние имаме еден меч повеќе во нозете и тоа е предност за нас“ – изјави Давитков.

Првата пречка надмината, Македонија со триумф се враќа од Косово

Од Приштина, Златко Јуруковски

Македонија се избори за важна победа на гостувањето во Приштина против селекцијата на Косово, со конечни 73:76. Избраниците на Јорданчо Давитков го направија првиот чекор кон зацртаната цел, а тоа е прво место во групата на овие прет-квалификации, место кое води во следниот круг кон патот за Евробаскетот 2021.

По првата четвртина, семафорот покажуваше 16:20 за Македонија. Разликата можеше да биде и поголема, бидејќи стартувавме одлично со серија од 12-2, но се разигра Дардан Бериша со осум поени и тимот на Косово ја крена публиката на нозе. Втората четвртина беше далеку понеефикасна, а на голем одмор екипите заминаа со предност на македонскиот тим од 29:34.

Сосема различно издание прикажаа нашите кошаркари во вториот дел. Косово по пет минути стигна до првото израмнување (37:37), а потоа стигнаа и до првото водство остварувајчи комплетен пресврт на средбата. Во последните десет минути Косово влезе со еден поен предност, односно 49:38.

Ѓуроски со тројка ги мотивираше своите соиграчи кон почетокот на решавачкиот период, а Бериша во свој елемент продолжи да го полни кошот на нашата репрезентација. Одреден период се играше кош за кош, а потоа Дамјан Стојановски во клучен момент реализираше две тројки во низа, и донесе многу важна предност од седум поени (57:64) за нашата селекција. Со цврста одбрана во последните минути се обидувавме да ја задржиме предноста, но Косово се избори за драматична завршница со реализирана тројка на Бериша за 71:73 на само 25 секунди до крајот. Војдан реализираше едно слободно фрлање за 71:74, а потоа Бериша имаше шанса да го израмни резулатот со три слободни фрлања на само седум секунди пред крајот, промаши едно, па Македонија во последниот напад изведуваше две слободни фрлања за победа, кои ги реализираше Војдан Стојановски.

Бојан Трајковски се разбуди во второто полувреме, и заврши како најефикасен во нашиот состав со 17 поени, 15 поени постигна Дамјан Стојановски, Ѓуроски допринесе со 14 поени. Дардан Бериша постигна импресивни 30 поени за Косово, Кастрати беше втор најефикасен кај домаќините со 15 поени.

Бразил и Франција не можат без одбојкарска драма

Бразил и Франција како да се претплатени на трилер одбојкарски мечеви, а и вечерва во Фиренца приредија вистинска забава за гледачите, во меч што го добија „кариоките“ со 3:2
Бразилците кои се најуспешна одбојкарска нација водеа со 2:0 во сетови, откако беа подобри со по 25:20 во стартните два сета, за потоа да се случи пресврт. Се разиграа „триколорите“ ги добија следните два сета со 25:21 и 25:23 и израмнија на 2:2.
Трилерот во Фиренца продолжи, а Французите испаднаа трагичари. Водеа со 10:7 во тај-брејкот до 15 поени, но ја прокоцкаа огромната предност, па Бразилците со серија од 8:2 го добија одлучувачкиот сет со 15:12, а со тоа и мечот.
Слично беше и на минатото СП, во Полска, кога во полуфиналето Бразилците со идентични 3:2 ја победија Франција и се пласираа во финалето.
Вечерва и Иран славеше против Бугарија со 3:1, а Србија го декласира Камерун со 3:0 во сетови.

Грција останува непоразена, совладан и европскиот вицепрвак

Грција останува максимална по шест одиграни натпревари во квалификациската група Л за Мундобаскетот 2019, на свое тло ја совладаа селекцијата на Србија со 70-63. Во искчучително неизвесната пресметка, победникот се одлучуваше дури во последните минути од средбата, а во тие моменти Грците се покажаа како поискусни и полежни за победа.

Ник Калатес и Џорџос Принтезис го предводеа грчкиот состав со  по 15 поени. За тимот кој го предводи Александар Ѓорѓевиќ најефикасен беше Богдан Богдановиќ со 19 поени, Јовиќ додаде 11 поени.

Македонија води на гостувањето против Косово на полувреме (29:34)

Од Приштина, Златко Јуруковски

Одлично отворање на средбата, нашата селекција направи серија од 12-2, со помош на двете тројки на Дамјан Стојановски, за набрзо потоа бекот на МЗТ Скопје да постигне нова тројка и поубеливо водство, 6:17. По мал пад на концентрацијата, избраниците на Јорданчо Давитков дозволија на домашната селекција да се врти во игра, Косово направи серија од 10-1 во последните две минути од првата четвртина, за резулатот по првите 10 минути да биде 16:20 во корист на Македонија.

Со по една тројка во двата коша започна вториот период, но, во следните три ипол минути и двете селекции се мачеа да ја протнат топката во обрачот. По подолг период кошаркарите полека се враќаа во ритам, констано одржувајќи ја предноста од седум, односно девет поени. Сепак, пред паузата Косово ја намали негативата, а Македонија мора да се задоволи со пет поени предност по две одигра четвртини (29:34).

Покрај Стојановски кој е најактивен на теренот со  девет поени, Хендрикс и  Ѓуроски допринесуваат со по седум поени во првото полувреме.

Во салата во Приштина се присутни и раководството на МКФ во друштво на директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, а треба да се истакне и дека годинава публиката се однесуваше максимално коректно кон гостите. Немаше исвиркување на македонската химна, а при претставувањето на играчите, некои гледачи му аплаудираа на Бојан Трајковски, поранешниот член на Приштина.

Франција претрпе неочекуван пораз на гостувањето во Бугарија

Франција го претрпе првиот пораз во квалификациите за Светско првенство 2019, на гостувањето кај Бугарија, „триколорите“ беа шокирани со резултат од 74:68 (26:23, 19:21, 14:14, 15:10). Домаќините се надигруваа и победија врвни кошаркари како Батум и Де Коло, па за нив ова е трета победа во квалификациската група К, со освоени 10 бода, додека Франција и натаму е на чело со 13 бода.

За Бугарија најефикасен беше Бост со 17 поени, Димитров постигна 16 поени, додека Маринов заврши со 13 постигнати поени. Кај францускиот состав  Батум заврши со 17 поени, Џексон и Лакомб постигнаа по 13 поени додека Де Коло беше под неговото ниво и постигна со само 8 поени.

Германија очекувано славеше на гости кај Естонија со високи 43:86, Чешка на свое тло избори тежок триумф над Русија со 80:78, додека Финска беше подобра од селекцијата на Босна и Херцеговина со 85:81.

 

Македонските кошаркари ги чека пеколна атмосфера во Приштина

Од Приштина, Златко Јуруковски

На помалку од половина час пред почетокот на средбата, трибините во „Палатата за млади и спорт“ во Приштина не се исполнети ниту до половина, но публика постојано влегува и веројатно до почетокот на мечот Косово – Македонија во 20.30 часот, ќе се исполнат трибините. Атмосферата е мирна, играчите имаа првично загревање за да ја почувствуваат атмосферата, сега се повлекоа во соблекувалните на последен договор, а за некоја минута, ќе се појават на паркет за задолжителното загревање. Кај нашите кошаркари и стручниот штаб владее позитивно и оптимистичко расположение. Сите се оптимисти дека овојпат ништо нема да ги попречи на патот до победата, иако јасно е дека соседите ќе имаат голема поддршка од нивниот „шести играч“.

Драго Чосиќ доби отказ од ХРТ по скандалот за „дилање“ билети за Мундијалот

Драго Чосиќ доби отказ од јавниот телевиски сервис на Хрватска, откако се откри дека е вмешан во скандалот со продавање билети за одредени натпревари на Светското првенство, од каде што и самиот коментатор известуваше и коментираше за хрватската телевизија.

Хрватските медиуми открија дека дел од билетите кои биле наменети за ХРТ, односно четири ВИП билети, се нашле на црниот пазар за цени до 18.500 евра. Сепак, органите на ФИФА навремено реагирале и го спречиле овој обид на нелегална заработка. Покрај Чосиќ, од ХРТ ќе бидат отпуштени уште неколку луѓе на функции.