-3.2 C
Skopje
сабота, 10 јануари 2026
Дома Blog Страница 10335

Давитков роденденот ќе го прослави во две држави

Селекторот на машката сениорска репрезентација на Македонија, Јорданчо Давитков, денеска полни 55 години. Предводникот на националниот тим денеска со своите пулени ќе одржи тренинг во Скопје, а потоа екипата заминува за Приштина, каде што утревечер од 20.30 часот ќе игра со Косово во првото коло од втората претквалификациска фаза за Евробаскетот 2021.

Давитков, кој е роден пред 55 години во Кочани, сигурно како подарок ќе сака победа на утрешниот меч, а со тоа и би ѝ се отвориле вратите на Македонија да избега од европското дно и да се пласира во квалификациите за ЕП.

Косово е наш должник од минатата година, кога не успеавме да се пласираме во квалификациите за ЕП 2019, па Давитков и кошаркарите ќе имаат големи мотиви да ја поправат таа „грешка“ и овојпат да се вратат како победници од „Палатата на млади и спорт“ во главниот град на Косово.

Македонските кошаркари овојпат се во посилен состав, Давитков ги има речиси сите на коишто сметаше во подготвителниот период, голем плус е присуството на центарот Ричард Хендрикс, но Косово ќе го има „шестиот играч“, публиката која сигурно ќе ги исполни трибините.

Кубица во трка со времето да се врати на патеките на Ф1

Резервниот возач на Вилијамс тимот, Роберт Кубица, има желба повторно да седне во болид и повторно да биде дел од трките во Формула 1. Полскиот возач во 2011 година претрпе тешка сообрајќајка на една рели-трка, од која долго време му беше потребно целосно да закрепне.

Кубица оваа сезона е ревервен возач на Вилијамс, но притиска да биде меѓу двајцата главни претставници на тимот за следната сезона, и тоа на многу необичен начин. Неговиот татко е инвеститор во тимот на Форс Индија, па преку него Форс Индија се надева дека ќе го ангажира Ленс Строл, еден од возачите на Вилијамс, и така ќе се ослободи место за Кубица во британскиот тим.

„Потрошив многу време и труд да се вратам во форма и се надевам дека ќе бидам меѓу останатите возачи во Австралија следната сезона. Доколку не добијам шанса повторно да се натпреварувам во Формула 1, ќе се обидам да добијам шанса во други мото шампионати. Но, засега сум фокусиран само на Ф1 и Вилијамс“, посочи Кубица.

Искусниот возач последен пат настапи на трката за Големата награда на Абу Даби во 2010 година.

Барселона како Пинк Пантер

Третата гарнитура на дресови кои ќе ги носат фудбалерите на Барселона во текот на претстојната сезона ќе биде во розева боја. Каталонците по грешка објавија фотографија на која се гледа како ќе изгледа дресот. По неколку минути, сликата на која се Пике, Дембеле и Кутињо беше тргната од „Твитер“ бидејќи официјалната презентација на розевите дресови од „Најки“ треба да биде денеска.
За Барселона не е ништо ново да имаат дресови со кои ќе личат на цртаниот лик Пинк Пантер, бидејќи и пред некоја сезона имаа таква боја како трета варијанта.
На дресот ќе има и два триаголници со испечатен изглед на градот Барселона од авион, а и гаќичките ќе бидат во розева боја. Имињата на главниот спонзор и логото на компанијата чиј дрес го носат ќе бидат во светло сива боја, а бројките на грбот ќе бидат црни.
Барселона како резервни дресови ќе ги има и оние во боја на лимон, кои и досега ги носеше на гостувањата кај екипите кои имаат опрема во темно-сина и црвена боја.

Лук Шо ќе паузира само два натпревари

Левиот бек на Манчестер јунајтед, Лук Шоу, нема да му биде на располагање на Жозе Мурињо во следните два натпревари откако се здоби со потрес на главата за време на натпреварот Англија – Шпанија пред неколку дена.

Иако се стравуваше дека бекот ќе мора на подолга пауза, сепак, медицинскиот тим на Јунајтед вели дека не е ништо сериозно, но дека ќе мора да одмори неколку дена поради безбедносни мерки. Шоу ја загуби свеста при лош пад, по што беше изнесен на носилки.

Иако Англичанецот тренинра со првиот тим, по совет од лекарите во тимот нема да игра против Ватфорд овој викенд, а ќе го пропушти и првиот меч во Лигата на шампионите против Јанг бојс.

Повредата се случи во најлош момент. По долго време, Шоу конечно доби вистинска шанса од Мурињо да се докаже, и тоа му успеа на последните неколку средби, па заслужено беше повикан од Саутгејт за мечевите во Лигата на нациите.

 

Европските и шпански прваци со огромна финансиска загуба

Кошаркарската секција на Реал Мадрид во минатата сезона бил во загуба од речиси 30 милиони евра, а таков финансиски биланс се очекува и во претстојната сезона. Во минатата сезона, Реал стана европски првак и во Шпанија освои титула, но приходите беа само 15 милиони евра, од кои 1,9 милиони се од обесштетувањето кое го доби за Лука Дончиќ, кој замина во НБА.

Буџетот на Реал, поточно расходите во минатата сезона, бил 44,2 милиони (за десет повеќе од претходната сезона). Од тие, 35,7 се потрошени за плати на играчите и администрацијата, а 6,6 се дадени за премии.

Минусот е 28,9 милиони, што е за 30 отсто повеќе од претходната 2016/17. Реал редовно е во минус од над 20 милиони, и тоа го третира како нормална работа, а и Барселона е тука некаде според финансиските бројки.

Прогнозите и за 2018/19 се дека Кралскиот клуб ако не освои ништо, ќе потроши околу 29 милиони повеќе отколку што ќе заработи.

Милан му нуди нов договор на Бонавентура

Џакомо Бонавентура, играчот за врска на Милан, е во преговори со клубот околу продолжување на неговиот договор. Италијанецот има важечки договор до 2020 година, но раководството сака да го осигури неговиот потпис на подолго време. Според италијанските медиуми, тој ќе биде продолжен до 2022 година, со одредено зголемување на платата.

Дваесет и деветгодишниот фудбалер е клучна фигура во составот на Гатузо, додека интересот за него кој го покажаа неколку клубови надвор од Италија, го натераа раководството да се одлучи да му понуди обновување на соработката.

Бонавентура беше меѓу стартерите и во националниот состав на „аѕурите“ во оваа репрезентативна пауза.

Откако пристигна на „Сан Сиро“ во 2014 година, Бонавентура одигра 144 натпревари за Милан, постигнувајќи 29 погодоци.

 

Формула 1 првакот од 2016 сега продава сладоледи

Нико Розберг во 2016 година беше светски првак во Формула 1 и неочекувано реши да се повлече, па започна бизнис со отворање продавница за сладолед, и тоа на медитеранскиот остров Ибица.

Розберг, чиј татко Кеке, исто така, беше светски првак во Формула 1 во минатото, има 33 години, а десет години беше во Ф1, прво во Вилијамс, а потоа во Мерцедес. Преклани на само 31-годишна возраст, реши да престане да се трка. Зад себе има 23 победи на 206 трки.

„Тркањето во Формула 1 бара енормен интензитет и огромна сила. Откако го исполнив мојот сон да станам светски првак, решив да се повлечам кога сум на врвот. Мојот живот сега е поразличен, порелаксиран и послободен. Вака ми е подобро, ми се допаѓа сегашниот начин на живот. Не сме сите исти. Еве на пример, Валентино Роси не може да да престане“, вели Розберг.

Сега Нико и жена му Вивиан, со која има две ќерки, живеат во Монте Карло, но многу често се на Ибица, каде што летувале како деца, па таму решија да отворат ресторан, специјализиран за продажба на сладолед. Додека возел во Ф1, на Розберг му било забрането да јаде сладолед, затоа сега ужива и го надоместува пропуштеното.

Од следната сезона, Розберг повторно ќе биде во Формула 1, но не како пилот, туку како коментатор на британската телевизија „Скај“.

Бразил дели „петарди“, Аргентина не може да даде гол

Петкратниот светски првак Бразил лесно и убедливо го победи Салвадор со 5-0 во пријателски меч. „Кариоките“, предводени од капитенот Нејмар, уште во четвртата минута со голот од пенал на најголемата ѕвезда го најавија убедливиот триумф.

До крајот на првото полувреме погодија и Ричардсон во 16-тата и Кутињо во 30-тата минута. Во второто полувреме Ричардсон погоди по втор пат, а во 90-тата минута конечниот резултат го постави Маркињос. Дуелот се одигра на неутрален терен во САД.

За разлика од Бразил, Аргентина не можеше да постигне ниту еден гол, па на крајот одигра 0-0 во дуелот со Колумбија. „Гаучосите“ се без Лионел Меси, кој најави дека е на привремена пауза од репрезентативните обврски. Иако Меси не беше на теренот, сепак во дресот на Аргентина играа ѕвезди како што се Икарди и Дибала, но не успеаја да постигнат гол.

Во останатите пријателски мечеви кои се играа ниќеска, САД со 1-0 го победи Мексико, Венецуела славеше против Панама со 2-0, а Еквадор со истиот резултат ја победи Гватемала.

Фуриозно – Шпанија ја декласира Хрватска со 6-0

Дербито на колото во Лигата на нациите беше рутина за Шпанија, селекцијата која неочекувано лесно ја декласира Хрватска со 6-0. Актуелните светски вицешампиони потонаа во Елче и доживеаја еден од најтешките порази во нивната историја.
Саул Њигес со гол во 24-тата минута најави победа на „црвената фурија“, а потоа откако се проби мразот следеше фуриозна игра на Шпанците.
Темпо диктираше извонредниот играч на Реал Мадрид, Марко Асенсио, кој постигна два гола за две минути, а потоа имаше и три асистенции за неверојатен ефект на стадионот во Елче.
Голови за Шпанија постигнаа и Родриго, Рамос и Иско, па Хрватска доживеа бродолом и драстично си ги намали шансите за успех во Лигата на нациите.
Во најсилниот Сегмент А од Лигата на нациите, вечерва убедливо славеше и Белгија, на гостински терен против Исланд со 3-0.
Босна и Херцеговина ја забележа втората победа во вториот меч во новоформираното натпреварување, но во Сегментот Б, а во Зеница „падна“ Австрија.
Един Џеко со голот во 78-мата минута ѝ донесе победа на домашната селекција за прво место во третата група од овој сегмент.
Во Лигата Ц, Финска со 1-0 ја победи Естонија, победа славеше и Унгарија со 2-1 против Грција, а во нашиот Сегмент Д Молдавија и Белорусија одиграа без голови, додека Луксембург лесно со 3-0 го победи Сан Марино.

Де Лаурентис го сели Наполи во Бари за Лигата на шампионите

Наполи натпреварите од првата фаза по групи во Лигата на шампионите ќе ги игра во Бари наместо на својот стадион во Неапол.
Ваква варијанта најави лутиот претседател на Наполи, Аурелио Де Лаурентис, откако градските власти во Неапол одбија да ги заменат столчињата на стадионот „Сан Паоло“.
Двата града се оддалечени околу 200 километри, а Де Лаурентис веќе ја контактирал и УЕФА за да ја најави промената.
Наполи е во група со Пари Сен Жермен, Ливерпул и Црвена ѕвезда, а токму последниот тим од овој состав има супер спомени од Бари.
Црвена ѕвезда во сезоната 1991/92 ја освои шампионската титула во тогашниот Куп на европски шампиони токму на „Сан Никола“ во Бари.
Клубот со голема традиција, Бари неодамна беше купен токму од Де Лаурентис, па сега изборот на контроверзниот прв човек на Наполи е таму да се играат мечевите од групата Ц во ЛШ.