Дома Blog Страница 10654

Работнички и Блокотехна не ги „испочитуваа“ гостите

Чавдар Костов и Кирил Николовски беа кошаркарите кои не дозволија Работнички да биде изненаден од Кожув. Средбата во „Градски парк“ заврши со 102:75 за домашните кои имаат три победи по првите три кола.

Бугаринот Костов даде 29 поени (погоди шест тројки), а Николовски придонесе со 26 поени и шест скока. Гевгеличани беа рамноправни во првото полувреме бидејќи играа ефикасно, а потоа веќе не постигнуваа толку поени, додека Работнички продолжи во ист стил и разликата од минута во минута растеше.

За да не биде сè така црно за гевгелиските љубители на кошарката, се погрижи Блокотехна, која го надигра Пелистер со 97:69, и заедно со Работнички се на врвот со по 6 бода. Разликата во квалитет беше видлива уште во првата четвртина, а Блокотехна тоа го потврди и во наредните 20 минути, па финишот беше само формалност.

Десет минути за Пандев, голем бод за Џенова во Торино

Бразилецот Даниел Беса со гол во 67. минута и донесе голем бод на Џенова и ја прекина серијата од 8 победи на шампионот Јувентус во новата сезона во Серија А.

Гостите приредија сензација против неприкосновениот лидер во Калчото, а капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев имаше придонес во подвигот. Одигра десетина минути во финишот, доби и жолт картон, но и се радува на ремито 1:1.

Јувентус поведе со голот на Кристијано Роналдо по 18. минути игра, но потоа прими гол, само шести во шампионатот и не успеа да стаса до девет од девет.

Летечки старт на Јошко Петковиќ, Пелистер го декласира Радовиш

Пелистер лесно и убедливо го победи Радовиш со 40:28 во деби мечот за новиот тренер Јошко Петковиќ. Тој се врати на клупата на битолчани, а играчите му овозможија да се радува на убедлив триумф.

Мечот беше решен уште по првото полувреме, кое Пелистер го доби со 21:14, а до крајот разликата порасна за уште пет голови.

Крилото на домаќините Милан Поповиќ беше најефикасен со 11 голови.

Го нема Нејмар, нема проблем – 10 од 10 за ПСЖ

ПСЖ рутинирано го победи Амиен со 5-0, за 10-та победа во низа во францускиот шампионат, од исто толку натпревари. „Светците“ настапија без најскапиот фудбалер на светот, Нејмар, но и без него, избраниците на Тухел немаа проблеми во освојувањето на нови три бода.

Маркињос го отвори резултатот по само 12 минути игра по асистенција на Ди Марија, а Аргентинецот одново беше креатор на нов гол за домаќините, овој пат му намести на Рабио во 42-та минута од мечот. Дракслер на десетина минути пред крајот зголеми на 3-0, две минути подоцна во листата на стрелци се запиша и Мбапе, а „петардата“ пукна со голот на Диаби во 88-та минута.

ПСЖ останува максимален по 10 кола во француското првенство со 30 освоени бодови, и веќе има двоцифрена бодовна предност во однос на второ пласираниот Лил.

 

Првата гостинска победа за Кочов е против „неговиот“ Вардар

МЗТ Скопје Аеродром без поголеми проблеми дојде до својата прва гостинска победа сезонава, славеше со 102:72 против Вардар, клубот од кој во МЗТ дојде тренерот Ѓорѓи Кочов. Ова беше прв меч за Кочов како тренер против „црвено-црните“, клуб во кој ја заврши и играчката кариера.

До 14 минута, домашните беа рамноправни, имаа 32-33, а потоа МЗТ со серија од 13-0 отиде на плус 14, и го деморализираше противникот. Во третата четвртина, „штрковите“ заиграа на посакуваното ниво и направија предност од дури 30 поени разлика, па финишот беше само рутина.

Колото требаше да почне со дуел на Шкупи и Фени индустри, но средбата беше одложена, бидејќи во салата „Шабан Трстена“ не била направена потребната реконструкција на соблекувалните за официјалните лица и тимовите.

Чаирчани поставија монтажни тунели од соблекувална до терен, но другите технички обврски не ги исполниле и делегатот не дозволи да се игра. Шкупи има рок од 24 часа да ги среди проблемите, а новиот термин за одигрување на дуелот е утре од 13 часот.

„Лилјаците“ се мајстори за реми

Валенсија по седми пат сезонава мораше да дели бодови со противникот во Ла Лига, откако на „Месталја“ одиграа 1-1 против непријатниот Леганес.

Гостите поведоа во 63-тата минута откако Гамбоа беше прецизен од белата точка, а Гаја во 85-та минута не дозволи изненадување пред своите навивачи

По девет средби во шпанскиот шампионат, Валенсија има дури седум реми, еден триумф и еден пораз, а со 10 бода се наоѓаат на 12-тото место на табелата, додека Леганес изби пред Атлетик Билбао на 17-тото место со осум бода.

Сити неприкосновен, Тотенхем сигурен, во Кардиф голеада

Манчестер сити славеше убедлив триумф од 5-0 против Барнли во рамките од 9.коло во Премиер лигата. Четири различни стрелци ја тресеа мрежата на Харт, отвори Агуеро во 17-тата минута, а Бернардо Силва, Фернандињо, Марез и Сане погодија во второто полувреме.

Сити со оваа победа изби на чело на табелата во англискиот шампионат, со 23 бода од девет средби, два повеќе од Челзи.

Тотенхем со минимални 1-0 се избори за победа во градското дерби против Вест хем. Ламела пред финошот на првото полувреме ја затресе мрежата на олимпискиот стадион во Лондон, додека Љорис во продолжението неколку пати се покажа како херој на „петлите“ со своите одбрани, успевајќи да ги задржи трите бода за својата екипа.

Голедата од шест гола припадна на Кардиф во дуелот против Фулам при конечни 4-2. Четири погодоци паднаа во првите 45 минути, со тоа што гостите поведоа преку Шурле во 11-тата минута, а Марфи и Рид стрелаа во рок од пет минути за пресврт на Кардиф. Сесењо израмни во 34-тата минута на 2-2, додека домаќините во вториот дел стигнаа до значајна победа со головите на Патерсон и Херис.

Резултати 9. коло Премиер лига:

Манчестер сити – Барнли 5-0 (1-0)

Кардиф – Фулам 4-2 (2-2)

Вест хем  – Тотенхем 0-1 (0-1)

Њукасл – Брајтон 0-1 (0-1)

Вулверхемптон – Вотфорд 0-2 (0-2)

Бурнемаут – Саутемптон 0-0

 

Левандовски е кошмар за Волфсбург, Дортмунд маршира во Бундеслигата

Баерн Минхен го истури гневот врз Волфсбург со победа од 3-1 во мечот од рамките од 8. коло во Бундеслигата. Левандовски одново ја тресеше мрежата против „волците“, кои веќе му се омилен противник на Полјакот.

Голгетерот на „баварците“ прво погоди во 30-тата минута, а за 2-0 зголеми кон почетокот на второто полувреме. Баерн остана со играч помалку на теренот откако Робен заработи втор жолт картон, па домаќините ја искористија ситуацијата да ја намалат негативата преку Вегхорст во 63-тата минута. Сепак, Хамес Родригез ги реши сите дилеми во 72-та минута, погоди на асистенција на Левандовски.

Со овој триумф Баерн најави излегување од кризата, во која немаа остварено позитивен исход на четири последователни средби во сите натпреварувања.

Борусија Дортмунд славеше убедливо на гостувањето на Штутгарт со 4-0. „Милионерите“ веќе по три минути стигнаа до предност преку младиот Санчо, а Ројс и Алкасер погодија за високи 3-0 веќе по 25 минути игра. Конечните 4-0 ги постави Филип во 85-тата минута од средбата.

Со 20 освоени бодови по осум меча, Дортмунд останува на чело на табелата, со четири бода предност во однос на второ пласираниот Баерн.

Резултати Бундеслига 8. коло:

Аугзбург – Лајпциг 0-0

Баер Леверкузен – Хановер 2-2 (1-1)

Волфсбург – Баерн Минхен 1-3 (0-1)

Штутгарт – Борусија Дортмунд 0-4 (0-3)

Нирнберг – Хофенхајм 1-3 (1-0)

 

 

Шпанија погоди во финишот за несреќен пораз на надежите

Фудбалската селекција на Македонија до 17 години, со пораз од Шпанија при минимални 1-0 тргна во претквалификациите за Европското првенство 2019 година. Надежите цели 90 минути ја чуваа мрежата, а Пириз во петтата минута од судиското надополнување донесе значајна победа за неговата селекција.

Ова беше прва пресметка за надежите во обидот да влезат во елитната фаза од квалификациите, а веќе за три дена ги очекува нов дуел на тренинг центарот „Петар Милошевски“, против Израел, репрезентацијата која претходно славеше со убедливи 6-0 против Фарските Острови.

Средбата против Израел е предвидена за терминот од 15:15 часот, додека на 26-ти октомври Македонија игра против Фарските Острови, во 14:30 часот.

Спал им нанесе нова болка на римјаните

Спал изненади со сигурен триумф од 2-0 против Рома на „Олимпико“. Гостите им го нанесоа третиот пораз на „римската волчица“ во Серија А, а воедно ставија крај на својата низа од четири порази во италијанскиот шампионат.

Петања во 38-та минута беше прецизен од белата точка, а натпреварот го реши Бонифази во 56-тата минута. Гостите останаа со играч помалку, откако голманот на гостите, Вања Милинковиќ – Савиќ (братот на Сергеј), заработи брзи два жолти картони поради задржување на времето и беше исклучен од мечот во 75-тата минута, меѓутоа Рома тоа не го искористи и испушти навидум сигурни бодови на свое тло.

https://www.dailymotion.com/video/x6vtd0y