Дома Blog Страница 10722

Македонија е за 110 места подобра од следниот противник во Лигата на нациите

Македонската фудбалска репрезентација напредуваше за две позиции на најновата ранг-листа на ФИФА. Со 1.344 бодови Македонија сега е на 68-мото место во светски рамки.

Скокот на листата на ФИФА е благодарение на двете победи во Лигата на нациите. Македонија со 2-0 славеше на гости кај Гибралтар, а потоа и на „Филип Втори“ во Скопје со тој резултат ја победи и Ерменија. Со тие шест бода, Македонија е лидер во групата и е на добар пат кон остварување на сонот, а тоа е пласман на Европското првенство во 2020 година.

Следниот меч Македонија ќе го игра на 13-ти октомври во Скопје против Лихтенштајн, кој е на 178-мото место на листата на ФИФА, односно дури 110 позиции зад нашата најдобра репрезентација.

Интересно е што на врвот на ранг-листата на ФИФА има две селекции. Светскиот првак Франција и Белгија имаат по 1.729 поени. На третото место е Бразил со 1.663 поени. Во Топ 10 се уште и Хрватска 1.634, Уругвај 1.632, Англија 1.612, Португалија 16.06, Швајцарија 1.598, Шпанија 1.597 и Данска со 1.581 поени.

Мојсов си го оствари сонот, ќе игра во Лигата на Европа

Даниел Мојсов и Иван Тричковски се големи адути на АЕК Ларнака во европската битка во Лигата на Европа против Цирих, Баер Леверкузен и Лудогорец, а стартот е денеска, од 21 часот, на стадионот „Нео ГСП“ во Никозија.

Тричковски веќе има искуство со настапите во фазата по групи во еврокуповите, а за Мојсов ова е посебен момент бидејќи ќе дебитира во натпревари по групи во Европа.

„Ми се исполни сонот, да играм во фаза по групи во европските купови. Долго посакував вакво искуство, а сега сакам да одиме и понатаму. Прво да ја минеме првата пречка, Цирих, па потоа ќе мислиме за понатака. Ако играме како досега, верувам во добар настап на АЕК и зошто да не и пласман во следната фаза“, вели Мојсов.

Тој добива многу комплименти за игрите што ги прикажува, а командува успешно со одбраната на АЕК Ларнака. Со него во составот како голем адут во офанзивниот дел е Тричковски. Капитенот на АЕК ќе ја почне новата европска одисеја као трет стрелец во квалификациите. Постигна шест погодоци и според кипарските медиуми и фудбалска јавност, беше најзаслужен за пласманот на АЕК во фазата по групи во ЛЕ.

 

Пропадна ли за миг кариерата на Брих?

Пропаѓа ли кариерата за миг на германскиот судија Феликс Брих? Ова прашање веројатно го поставува секој пасиониран љубител на фудбалот по новата контроверзна судиска одлука на 43-годишниот адвокат со знакот на ФИФА.

Брих без двоумење, по консултација со еден од помошните судии, го исклучи Кристијано Роналдо во 29-тата минута на дуелот од Лигата на шампионите меѓу Валенсија и Јувентус.

Вистина е дека Роналдо неспортски реагираше, но директен црвен картон во рана фаза од мечот за еден од најдобрите играчи на сите времиња е престрога одлука. Размислуваше ли Брих за својата кариера, која веќе е начната со лошата арбитража на Мундијалот во Русија ова лето?. Тогаш одби да го косултира системот ВАР на мечот меѓу Србија и Швајцарија и ги оштети Србите за чист пенал над Александар Митровиќ.

Тврдоглавоста, еден од најдобрите европски судии ја плати скапо и повеќе не судеше на Светското првенство во Русија. А, требаше само да направи неколку чекори до системот за репетиција на спорните моменти, или популарниот ВАР, за да постапи правилно.

Веројатно и вчера на „Месталја“ избрза со одлуката. Особено што се работеше за деликатен момент. Роналдо го доби првиот црвен картон по 154 натпревари во Лигата на шампионите.

Се работи за играч, кој е најдобар стрелец во историјата на ова натпреварување, за фудбалер кој оставил траен печат во најскапото фудбалско натпреварување на планетата. И за човек, кој вчера дебитираше за Јувентус во ЛШ. На „свој терен“, во Шпанија, земјата која го катапултираше во фудбалските легенди, со блескавите игри и безброј голови во дресот на Реал Мадрид.

„Месталја“ знае да биде жешка, навивачите на Валенсија бараа жртва, а немаше подобра на теренот од Кристијано Роналдо. Но, затоа Брих требаше да биде со студена глава. Да донесе одлука во корист на фудбалот, во корист на милионите љубители на фудбалот, кои со големо внимание го чекаа и го следеа дебито на Кристијано во својот нов тим.

Ќе беше и правилно и многу едноставно Брих да му покаже жолт картон на Роналдо, па и да го повика на страна со совет да се смири. И тоа е дел од „агендата“ на врвните судии, но Брих сè поретко е од тој калибар во последно време.

Сега останува на УЕФА да донесе одлука за германскиот адвокат со знакот на ФИФА. Се работи за арбитер кој има 43 години и судел многу тешки мечеви, меѓу нив и финале во Лигата на шампионите (Реал Мадрид – Јувентус, 2017 година, н.з) но, ако одлуката биде негативна за Брих, кариерата ќе му биде готова. Ја начна со лошата одлука на Мундијалот во Русија, а може да си ја запечати со веројатно еднакво лошата, што ја донесе со исклучувањето на Роналдо на жешката „Месталја“ вчера, во меч од првото коло во Лигата на шампионите.

 

Залудно Сити е прв фаворит за трофејот, постави антирекорд

Пред самиот почеток на групната фаза од Лигата на шампионите, Манчестер сити беше клубот кој беше промовиран како прв фаворит за титулата. „Граѓаните“, кои немаат стигнато ниту до финалето, имаа најмал коефициент за тоа дека ќе се искачат на европскиот трон.

Сепак, уште во првите 90 минути се покажа дека не е така. Сити играше на домашен терен против Олимпик Лион и требаше да биде голем фаворит. Но, дека коефициентите не играат, туку играчите на теренот, уште еднаш се покажа на овој дуел. Гостите од Франција одлично започнаа и уште на полувремето поведоа со 2-0. Сити се обиде да се врати, даде еден гол, но сепак не се спаси од пораз.

По овој неуспех, Сити испиша еден антирекорд. Тоа е првиот англиски клуб кој наредил четири порази во низа во ЛШ. Губитничката серија започна минатата сезона во осминафналето, кога на гости кај Базел беа поразени со 2-1. За среќа, тој неуспех не им значеше многу, бидејќи на првата средба победија со 5-0 и продолжија понатаму. Во четврт-финалето налетаа на Ливерпул и добија две лекции. „Црвените“ победија со 3-0 на „Енфилд роуд“, а потоа и на гости беа подобри со 2-1. Поради тоа Сити и беше елиминиран во таа фаза. Со тие три пораз од лани и овој од Лион, Сити си обезбеди антирекорд во ЛШ.

 

 

Роналдо плачеше поради Манчестер?

Црвениот картон кој го доби Кристијано Роналдо е моментот кој го одбележа првото коло во Лигата на шампионите. Португалецот во првиот меч како играч на Јувентус во елитната лига на УЕФА беше исклучен на гостувањето кај Валенсија.

Роналдо доби директен црвен картон поради контакт со противнички играч. По исклучувањето, Роналдо заплака. Многумина се чудеа зошто толку емотивно го прифати ова исклучување, а веќе се претпоставува дека тоа е поради казната која може да ја добие.

Според правилата на УЕФА, често пати играчот кој ќе добие директен црвен картон, може да добие суспензија од три меча сус. Ако се случи тоа, Роналдо ќе ги пропушти двата меча против неговиот поранешен клуб, Манчестер јунајтед. Според распоредот, Јувентус во второто коло игра дома против Јанг бојс, а во третото гостува кај Манчестер јунајтед. Против англискиот гигант, но во Торино, ќе играат во четвртото коло.

Ако Роналдо добие суспензија од три меча, нема да биде дел од двата дуели против тимот каде што се промовираше како голема ѕвезда.

Алегри: Ако имаше ВАР, Роналдо немаше да биде исклучен

Стратегот на Јувентус, Масимилијано Алегри, беше задоволен што неговиот тим стартуваше со победа во Лигата на шампионите, и тоа на тешкото гостување кај Валенсија. Италијанскиот првак победи со 2-0 благодарение на двата погодока на Пјаниќ од пенал.

Иако Јувентус победи со голови постигнати од белата точка, Алегри беше незадоволен од судењето, односно од одлуката на арбитерот Феликс Брих да го исклучи Кристијано Роналдо во 29-тата минута.

„Одигравме навистина добро. Уште пред исклучувањето на Роналдо, имавме неколку шанси за погодок, а потоа и заслужено поведовме. Дури во последните минути од мечот му дадовме повеќе простор на противникот, но тоа е нормално, ако се знае дека играчите беа уморни. На „Месталја“ не е лесно да се игра. Валенсија е добар тим и има одлична публика, која многу им помага на нивните миленици. Добро е што црвениот картон не смени ништо во играта. Мислам дека ако судијата имаше шанса да искористи системот ВАР и да гледа повторена снимка, немаше да го исклучи Роналдо. Имаме право да се чувствуваме оштетени“, рече Алегри по победата на Јуве од 2-0 во Шпанија.

Најдобриот кадар за тоа што направи Роналдо за да биде исклучен

Кога летоска дојде во Јувентус, Кристијано Роналдо најави дека негова главна цел ќе биде да ја донесе титулата од Лигата на шампионите во Торино. Сепак, наместо блескаво деби во елитната лига на УЕФА во дресот на „старата дама“, Роналдо на теренот помина помалку од половина час.

Португалецот беше исклучен по еден контакт со противничкиот играч. Многумина сметаат дека црвениот картон бил престрого доделен. Сами оценете дали одлуката на судијата Брих е исправна или престрога.

Волеј за паметење – Велкоски го „копираше“ Зидан (Видео)

Поранешниот македонски репрезентативец Крсте Велкоски со прекрасен волеј во стилот на легендарниот погодок на Зинедин Зидан од финалето на ЛШ во 2002 година му донесе победа на Сараево во меч од купот на БиХ.

Велкоски како да сакаше да го копира Зидан и погоди речиси на идентичен начин против Вележ. Сараево победи со тој гол и обезбеди пласман во осминафиналето.

Шампионот им покажа заби на „волчицата“ и на конкурентите

Реал Мадрид со победа над Рома ја почна одбраната на титулата во Лигата на шампионите и покажа дека и сезонава, во која според многумина е ослабен, ќе има што да каже во натпреварувањето кое го освојуваше во претходните три години.

Герет Бејл има постигнато 10 гола во последните 10 натпревари за Реал, Иско даде гол од слободен удар, кој ќе конкурира за најубав во првото коло, иако во живиот ѕид на Рома беа играчи високи 190 или повеќе сантиметри, а убав гол на дебито сезонава постигна Маријано Дијаз, кој ќе му биде конкуренција на Карим Бензема.

Навивачите на Реал пред мечот му дадоа гласни овации на Гркот Костас Манолас, човекот кој во минатата сезона ја елиминираше Барселона постигнувајќи го третиот гол за Рома во победата од 3-0. Утеха за Рома е што другите два тима во оваа група одиграа нерешено.

Мадридските фанови, кои се сеирџиски настроени, може да се радуваат што Кристијано Роналдо доби црвен картон, нешто што не му се случи во ЛШ додека го носеше дресот на Реал. Јуве и без исклучениот Роналдо славеше кај Валенсија, со пеналите на Миралем Пјаниќ. Роналдо во кариерата добил 11 црвени картони. Ако УЕФА го казни со два меча неиграње, Португалецот нема да може да настапи на гостувањето кај неговиот ексклуб Манчестер јунајтед.

Манчестер сити имаше 7 победи и 1 реми на претходните осум домашни мечеви во групната фаза, но вечерва беше шокиран од Лион. „Граѓаните“ имаа големи амбиции, но составот на Пеп Гвардиола во првото коло не покажа дека е кадарен да го нападне европскиот врв. Гвардиола не беше на клупата, туку на трибините бидејќи одработи суспензија.

Резултати: Ајакс – АЕК 3-0, Шахтар – Хофенхајм 2-2, Бенфика – Баерн 0-2, Манчестер сити – Лион 0-1, П’лзењ – ЦСКА 2-2, Реал Мадрид – Рома 3-0, Валенсија – Јувентус 0-2, Јанг бојс – Манчестер јунајтед 0-3.

Прв бод за Металург во СЕХА

По трите порази во првите три кола, екипата на Металург конечно го освои првиот бод, но треба да жали што не го победи Извиѓач. Средбата заврши 27-27, а Металург во последните десетина секунди имаше напад за победа, но ја загуби топката и шансата отиде во неврат.

„Металурзите“ имаа предност од 14-12 по првото полувреме, иако во два наврати имаа и плус пет (11-6 и 12-7). Сепак, македонскиот тим имаше контрола врз случувањата на теренот во „Борис Трајковски“. Второто полувреме не почна како што посакуваа домашните, Извиѓач се разигра и направи пресврт, па во 43-тата минута резултатот беше 21-19 за босанскиот тим.

Во последните пет минути се влезе со нерешени 25-25 и веќе стана јасно дека ако има победник, разликата нема да биде поголема од 1 до 2. На крајот, двата тима дојдоа до првиот бод сезонава. Подмладениот Металург е тим со најмногу примени голови во регионалната лига.

Во првиот денешен меч од СЕХА-лигата, Нексе дома беше многу подобар од Железничар и славеше со 34-25. Со таа победа Нексе се изедначи со Вардар на врвот со по 12 бода од 4 кола.