Дома Blog Страница 10821

MЗТ за една минута загуби добиен натпревар

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром загуби на гостувањето кај Сикст Приморска со 84:91, по петминутно продолжение. „Штрковите“ треба да жалат бидејќи прокоцкаа предност од 8 поени разлика на 79 секунди до крајот. После три кола во втората АБА лига, само Приморска и Сплит се со максимален учинок од 3-0.

МЗТ добро го отвори натпреварот, по водството на Приморска од 6-4, гостите направија серија од 8-0, а во два наврати (16-8 и 18-10), македонскиот тим водеше и со осум поени разлика, пред квартал да заврши со четири поени плус.

„Штрковите“ добро „летаа“ до 19 минута кога имаа 38-30 и напад, кој не го искористи Иванов, па Приморска со серија од 6-0 ја врати неизвесноста, но работата за МЗТ ја подисправи Медфорд со тројка и водство од 41-36 на голем одмор.

Третата четвртина, тимот на тренерот Кочов ја одигра очајно и во напад и одбрана. Медфорд и Стојановски беа единствените што даваа кошеви, а тоа не беше доволно, бидејќи домашните се разиграа и го решетаа кошот од повеќе страни.

Во последната четвртина се влезе со 61-55 за Приморска. Сето она што МЗТ го загуби ви третиот, си го врати во последниот период. На 79 секунди до крајот, македонскиот тим водеше со осум поени разлика, но Приморска со две тројки и двојка на Хоџиќ целосно се врати во игра за 33 секунди до крајот. Медфорд имаше прецизен шут за тројка, но времето беше истечено и средбата отиде во продолжение.

Екстра периодот донесе доминација на домашните, македонскиот тим не водеше ниту еднаш, и на крај загуби.

Вудард со 20 и Медфорд со 19 поени беа најефикасни кај МЗТ, но двајцата Американци имаа и 11 загубени топки заедно. Приморска собра неверојатни 19 офанзивни скока.

Парата врти….Кокорин и Мамаев ќе избегнат затвор, ако платат 23 милиони евра

Рускиот фудбал го тресе голем скандал, а во центарот на вниманието се актуелниот репрезентативец Андреј Кокорин од Зенит и порашнешниот член на националната селекција Павел Мамаев.

Двајцата се обвинети за физички напад на претставник на руското министерство за Индустрија и Трговија и вербален напад на Олга Ушакова вработена во рускиот „Канал 1“.

Им се заканува затвор во траење од пет години, а можат да избегнат преселба зад решетки, ако платат сума од 23 милиони евра.

Кокорин според рускиот закон ќе плати од 10,5 до 14 милиони евра, а Мамаев ќе мине со глоба од 7,5 до 9 милиони евра за да избегне долга затворска казна.

Интересно е што Кокорин лани играше за Зенит против Вардар во Европа Лигата и во Скопје беше стрелец на два гола во победата од 5:0.

Зоран Чоко Бошковски: Македонија живееше за фудбал, време е за нова еуфорија

Зоран Чоко Бошковски ќе биде едно од познатите лица, кои задутре пред мечот со Лихтенштајн во Лигата на Нации ќе продефилираат на националната арена во Скопје, при одбележувањето на убавиот јубилеј. Ќе одбележиме 25 години од првиот меч на македонската фудбалска репрезентација. На 13. октомври 1993 година ја декласиравме Словенија со 4:1 во Крањ, а нашиот Чоко беше стрелец на првиот гол за Македонија.

„Владееше некаква еуфорија, некаква убава атмосфера и во репрезентацијата и околу неа. Не може да се опише со зборови, тоа треба да се доживее. Бевме сигурни дека ќе ја победиме Словенија, излеговме на терен и го декласиравме противникот. Имаше многу Македонци на трибините, по моја проценка 4-5 илајди. Навиваа погласно и повеќе од домаќините, што ни даде дополнителен мотив. Акцијата по која Дарко Панчев ми асистираше за голот не се заборава. Низ глава во момент ми мина мислата `Еј јас сум стрелец на историскиот гол за Македонија`. Имавме неверојатно добра генерација на играчи со Дарко, Најдоски, Јаневски, Канатларовски, Бабунски… и да не заборавам некого. Штета што неколкумина од нив веќе беа во залез на кариерата, верувам дека можевме да постигнеме многу повеќе“, се потсети за СПОРТ МАНИЈА Бошковски, на историските моменти од Крањ.

Словенците беа преслушани на терен, а потоа на ред беа големите дуели со тогашниот европски првак Данска, со Белгија, Шпанија, Кипар…

„Данците го играа првиот меч како актуелни европски прваци со нас во Скопје. Кога ќе погледнев кон трибините мислев дека ќе се урнат. Мислам дека стадионот никогаш не бил пополн. Атмосферата беше бразилска и на такви мечеви, со таква поддршка едноставно не можеш да не дадеш се од себе. Бевме рамноправни со Данците и не им дозволивме да победат, иако веројатно мислеа дека тоа лесно ќе го сторат. Потоа следеа дуелите со Белгија, со Шпанија… Тоа беа натпревари за незаборав. Се сеќавам дека бевме во карантин во хотел во центарот на Скопје. Кога ќе излезевме на прошетка ни приоаѓаа луѓе и не бодреа `Ајде момци Македонци само храбро`. Се живееше за фудбал, едвај чекавме да играме за репрезентацијата“, додава Чоко.

Љубителите на фудбалот кај нас се уште чекаат голем резултат на А селекцијата и прв настап на ЕП, или СП.

Бошковски како помошник на селекторот Бобан Бабунски во младата селекција, во периодот од 2009 до 2014 година ги имаше на „радарот“ поголемиот дел од сегашните репрезентативци. Има нешто и од неговото искуство и знаење во развојот на кариерите на Стефан Ристовски, Кире Ристевски, Стефан Спировски, Ферхан Хасани, Илија Несторовски, Александар Трајковски… и помладите Николов, Зајков, Муслиу, Бејтулаи, Велковски…

„Поголемиот дел од сегашните репрезентативци одлично ги познавам, бидејќи беа дел од младата репрезентација. Се радувам што се во позиција да атакуваат сериозно на пласман на Европското првенство во 2020 година. Лигата на Нации е голема шанса за нас, бидејќи преку редовните квалификации тешко се пробива патот до големо натпреварување. Штета што нема повеќе публика, бидејќи овие момци заслужуваат поддршка. Сум соработувал со нив и знам дека имаат голем потенцијал и одлични фудбалски квалитети. Очекувам да не израдуваат со пласман на ЕП и ја повикувам публиката да дојде во што поголем број и да ги бодри“, заврши стрелецот на првиот гол за македонската репрезентација.

Надал е човек со големо срце – По поплавата во Мајорка излезе на улица да чисти (видео)

Страшно невреме вчера го зафати шпанскиот град Мајорка, во поплавите животот го загубија околу десет лица. Невремето направи и огромна штета, насекаде низ улиците е тотален хаос, а Шпанија прогласи тридневна жалост.

Голем број на луѓе веднаш излегоа на улиците да помогнат на оние кои им е потребна помош, а меѓу нив беше и моментално најдобриот тенисер во светот, Рафаел Надал. Светскиот рекет број 1 нудеше помош на било кој начин. Прво ги повика сограѓаните да се скријат од невремето во неговиот центар за тренинг, а потоа и самиот со метла и лопата во рацете помагаше во чистење на улиците.

Покрај тоа, Надал купи опрема, односно гумени чизми, наметки и ракавици за сите оние кои учествуваа во акцијата. Навистина голет гест од првиот тенисер во светот кој покажува дека е човек со големо срце.

https://www.youtube.com/watch?v=sWlZTFO7Atk

Интер му нуди нов договор на Брозовиќ

Фудбалерот за врска на Интер, Марсело Брозовиќ, во најскоро време треба да стави потпис на нов договор со клубот. Италијанските медиуми велат дека според новиот договор Брозовиќ ќе се обврзе до 2021 година, а ќе добие и зголемување на платата од 2.4 милиони на три милиони евра.

Исто така и неговата клаузула ќе порасне за 10 милиони евра, а ќе изнесува вкупно 70 милиони евра. Клаузулата важи само на клубови надовр од Италија, која нема да биде важечка во последната година од неговиот договор.

Дваесет и петгодишниот хрватски репрезентативец ја игра третата сезона во дресот на Интер, откако во 2016 година направи преселба вредна шест милиони евра од редовите на Динамо Загреб.

Азар: Ја посакувам Златната топка, но за да ја освојам треба да играм во Шпанија

Ѕвездата на Челзи, Еден Азар, само неколку дена откако откри дека размислува да го напушти Лондон и да се пресели во редовите на Реал Мадрид, ја истакна причината зошто би направил трансфер во Шпанија. Имено, Белгиецот смета дека само на тој начин би можел да ја освои Златната топка, откако последните десет престижни награди ги освојувале играчи од Ла Лига (се мисли на Меси и Роналдо, кои делат по пет Златни топки во последните 10 сезони).

„Сакам да ја освојам Златната топка, но, за да стигнам до таа награда очигледно треба да играм во шпанското првенство. Последните 10 освојувачи се од таа лига. Но, нема да го напуштам Челзи во јануари, веќе кажав премногу за мојата иднина. Немам донесено одлука“, изјави Азар за англиските медиуми.

Белгискиот фудбалер веќе неколку сезони флертува со Реал Мадрид, особено му беше желба да игра под палката на Зинедин Зидан, но францускиот стратег ги напушти „кралевите“ по освојувањето на третата европска титула во низа. Но, работите можат да се сменат, бидејќи „сините“ играат далеку подобар фудбал од лани. Со смената на тренерот дојде до смена и во тактиката, која очигледно му одговара на Азар, па ако убавиот фудбал од Сари носи резултати и трофеи, Белгиецот може да се предомисли и да го прифати новиот договор кој му стои на маса веќе извесно време.

Монако го отпушти Леонардо Жардим

Монако и Леонардо Жардим ја прекинаа соработката по четири години, раководството одлучи дека е време за промена откако „кнезовите“ играат катастрофално на почетокот од сезоната. Екипата се наоѓа на 18-тата позиција во францускиот шампионат, Жардим никако не можеше да го врати тимот на победничките патеки, па отказот беше неизбежен.

Португалскиот стратег застана на клупата на Монако во 2014 година, ги преводеше на 232 натпревари во кои „кнезовите“ забележаа 125 победи, 52 ремија и 55 порази, како најголем успех ќе се памети освојувањето на титулата во Франција во сезоната 2016/2017.

Раководството засега е во потрага по нов предводник, а меѓу конкурентите се наметна и Тиери Анри, легендата  на Арсенал, кој своевремено играше во дресот на „кнезовите“.

Младите фудбалери не го положија испитот против Полска

Фудбалската репрезентација на Македонија до 19 години претрпе пораз од 4-3 против Полска на пријателскиот натпревар кој се одигра во Белхатов. Иако нашата селекција прва стигна до водство по автогол на домаќините во 28-та минута, полските фудбалери за брзо се вратија во игра, па во 38-та и 41-та минута направија пресврт во своја корист.

Во второто полувреме Полјаците до 60-тата минута постигнаа уште два погодоци, додека Македонија до крајот на средбата возврати со два гола и успеа да ја намали негативата на 4-3.

Следен предизвик за нашата млада репрезентација е пријателски натпревар против селекцијата на Англија. Мечот кој е закажан за 16-ти октомври, ќе се одигра во Бирмингем во базата на англиската фудбалска федерација.

 

Почнува Евролигата и потерата по тронот на Реал Мадрид

Петемесечната пауза во елитната европска клупска кошарка заврши. Најдобрите тимови во Европа вечерва ја отвораат новата сезона во Евролигата, и ја почнуваат битката за освојување на тронот на кој седи Реал Мадрид. Мадриѓаните вечерва од 21 часот играат со Дарушафака, која го освои Еврокупот во минатата сезона и со тоа доби право да се врати во елитата.

Издвојуваме десет причини зошто треба да се гледа Евролигата.

Претстои спектакл од седум месеци, многу изненадувања (Реал како петти во регуларната сеозна стана првак), и трка за прогласување на новиот крал. Од 2015 наваму, европски првак биле Реал, ЦСКА и Фенер, затоа и сега се први на листата. До плејофот ќе се дојде доста тешко, конкуренцијата е силна и патот е долг.

Нови имиња во однос на минатата сезона се Будуќност, Баерн Минхен, Гран Канарија (нивото присуство значи играње Евролига и на Атлантскиот океан) и Дарушафака, кои внесуваат свежина. Ќе има 53 играчи кои биле дел од НБА лигата. Битката за индивидуални награди е интересна, се бара наследникот на Дончиќ. Досега само еден Американец бил МВП. Швед од Химки повторно е фаворит за прв стрелец.

Ќе има големи тактички надмудрувања ако се знае листата на тренери на 16-те тима. Оваа сезона во полн капацитет се враќа Љуљ, највозбудливиот играч во Европа, кој лани играше само 72 минути. Басконија е домаќин на фајнал-форот, ќе ја дочекаат ли првата титула?

Двојки за денеска: ЦСКА Москва – Барселона, Панатинаикос – Макаби, Баерн – Анадолу Ефес, Реал Мадрид – Дарушфака.

Дел Потро се повреди и го предаде мечот против Чориќ

Хуан Мартин Дел Потро го предаде мечот против Борна Чориќ откако се здоби со повреда на коленото. Аргентинецот го повреди коленото при крајот на првиот сет, се обиде да игра и покрај болките во коленото, но откако Хрватот стигна до водство од 1-0 (7-5), Дел Потро немаше сили да ја продолжи средбата.

Чориќ во четвртфиналето ќе игра против Метју Ебден, кој претходно беше подобар од Гојовжик со 2-0.