Дома Blog Страница 12

Дибала сака да остане во Рома, дури и за помала плата

Пауло Дибала се надева дека ќе го продолжи договорот со Рома и ќе остане во клубот и следната сезона и покрај понудите од Аргентина и Турција, пишува „Кориере дело спорт“.

Аргентинецот веќе три месеци закрепнува од повреда, но се надева дека ќе биде подготвен за натпреварот против Болоња. До истекот на неговиот договор со Рома остануваат уште околу 70 дена, а сè уште нема конечна одлука дали ќе остане на „Олимпико“ и следната сезона.

Сепак, и покрај интересот од странство, фудбалерот е решен да остане и е подготвен да прифати значително намалување на платата, во замена за бонуси поврзани со неговите настапи. Тоа би можело да биде клучен чекор кон постигнување нов договор и задржување на „Ла Хоја“ во редовите на Рома.

Во меѓувреме, уште еден офанзивен играч на Волчицата, Стефан Ел Шарави, ќе го напушти клубот по истекот на договорот летово. Меѓу заинтересираните за негов ангажман како слободен агент е и неговиот поранешен клуб Џенова.

Коби Мејну уште пет години ќе остане на „Олд Трафорд“

Играчот за врска на Манчестер jунајтед, Коби Мејну, постигнал договор за нова соработка со клубот, пренесуваат повеќе релевантни медиуми од Англија. Фудбалерот ќе потпише петгодишен договор со плата од 150.000 фунти неделно, што е околу четирипати повеќе од неговата сегашна заработка.

Ова претставува значаен потег за клубот од „Олд Трафорд“, кој подолго време водеше преговори со цел да ја обезбеди иднината на еден од своите најперспективни млади играчи. Се очекува продолжувањето на договорот официјално да биде објавено по завршувањето на сезоната.

Ова е импресивен пресврт во ситуацијата на Мејну, кој добиваше многу ограничена минутажа кај поранешниот менаџер Рубен Аморим. Токму тоа доведе до бројни шпекулации дека би можело да го напушти клубот уште во зимскиот преоден рок. Сепак, околностите драстично се променија по доаѓањето на Мајкл Карик.

Под водство на привремениот менаџер, Мејну брзо се наметна како еден од клучните играчи во тимот и повторно ја зацврсти својата позиција. Новиот договор е јасен показател дека на „Олд Трафорд“ сериозно сметаат на него и планираат иднината на Манчестер јунајтед да ја градат околу својот младинец.

Свечено е отворено Светското првенство во ракомет за ученици (Фото+Видео)

Плоштадот „Македонија“ во Скопје беше местото каде што во стилот на отворањата на Олимписки игри, свечено беше отворено Светското првенство во ракомет за ученици, настан на кој нашата земја првпат е во улога на организатор и домаќин.

На првенството ќе настапат 20 земји од целиот свет во машка и 16 во женска конкуренција, со повеќе од 700 учесници кои дефилираа на плоштадот минувајќи од едната на другата страна на Камениот мост.

На отворањето говори одржаа Елена Мицковска (претседателка на Федерацијата на училиштен спорт на Македонија), Жељко Танасковиќ (претседател на Светската федерација на училиштен спорт), министерот за спорт, Борко Ристовски, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, која и свечено го прогласи првенството за отворено.

Сите истакнаа дека овој настан не е само спортски, туку и како мост за поврзување, прилика за дружба и стекнување искуство кое ќе го паметат цел живот.

Натпреварите почнуваат утре. Машката селекција на Македонија утре од 10.30 часот во салата „Македонско сонце“ во кругот на ОУ „11 Октомври“ во центарот на Скопје игра со Бугарија, а женската репрезентација има дуел со Белгија, исто така од 10.30 часот во салата „Крсте Мисирков“ во Гази Баба.

Триумф за Атлетик Билбао, Валенсија освои бод против Мајорка

Фудбалерите на Атлетик Билбао ја совладаа Осасуна со 1-0 на домашен терен. Избраниците на Ернесто Валверде остварија многу важна победа во борбата за пласман во европските натпреварувања следната сезона.

Домаќините до водство стигнаа во 16-тата минута, кога по ударот на Вилијамс, на одбиената топка налета Горка Гурусета и го совлада голманот Ерера.

Осасуна можеше да израмни на почетокот од второто полувреме, кога Алварес играше со рака во својот шеснаесетник, но Унаи Симон го одбрани ударот на Будимир од пенал.

До крајот на натпреварот резултатот не се промени, иако Хаурегисар беше исклучен во првата минута од судиското продолжение. Со тоа, Билбао остана на деветтата позиција со 41 бод, три помалку од Селта, која ја држи последната „европска“ позиција. Осасуна е десетта со 39 бода.

Мајорка на домашен терен одигра 1-1 против Валенсија. Тоа е важен бод за тимот на Столе Димитриевски во битката за состанок.

По мирно прво полувреме, Мајорка поведе во 49-тата минута, кога Саму Коста погоди со глава по центаршут на Серхи Дардер.

Изгледаше дека домаќините ќе победат, но Умар Садик израмни во 67-мата минута по асистенција на Гера, поставувајќи го конечниот резултат 1-1.

Валенсија со овој бод остана со предност од еден бод пред Мајорка и се наоѓа на 13-тото место со 36 бода.

Арне Слот ќе остане на клупата на Ливерпул и следната сезона

Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, се очекува да остане во клубот и следната сезона и покрај разочарувачките резултати на тимот. Според „Скај спортс“, Холанѓанецот ќе продолжи со работата, а дилемите околу неговата иднина се намалени откако Црвените се доближија до обезбедување пласман во Лигата на шампионите за следната сезона.

По победата над Евертон за време на викендот, Ливерпул има предност од седум бода во однос на шестопласираниот Челзи, а шансите на лондончани да ги стигнат се минимални. Петтото место на табелата би им обезбедило на фудбалерите на Ливерпул настап во најпрестижното европско клупско натпреварување.

Слот го предводеше Ливерпул до шампионската титула во Англија во својата прва сезона, но во втората се соочува со сериозни предизвици. И покрај големата летна селекција, тимот се очекува да ја заврши сезоната без освоен трофеј и значително зад главните конкуренти за титулата, Арсенал и Манчестер сити.

Во Италија разоткриена мрежа на елитна проституција, а клиенти биле и фудбалери од Серија А

Во Италија е спроведена обемна полициска акција која разоткрила мрежа на луксузна проституција, поврзана и со фудбалери од највисок ранг.

Италијанската полиција, под надзор на обвинителката Бруна Албертини, разбила организирана група која, под маската на Агенција за организација на настани, нудела ексклузивни аранжмани со ескорт-дами за богати клиенти.

Како што пишува „Газета дело спорт“, во целиот систем биле вклучени посредници и ПР агенти.

Истрагата покажала дека станува збор за добро разработен бизнис-модел, во кој на клиентите им биле нудени излегувања во елитни клубови во Милано, а потоа и престој во луксузни хотели со дополнителни услуги. Особено се издвојувала „услугата по натпреварите“, наменета за спортисти, меѓу кои и фудбалери од Серија А.

Вкупниот промет на организацијата се проценува на над 1,2 милиони евра, а во судските документи се споменуваат најмалку 50 познати клиенти.

Во бизнисот, покрај професионални ескорт-дами, биле вклучени и помлади девојки кои добивале половина од заработката. Четворица главни осомничени се соочуваат со сериозни обвиненија, меѓу кои поттикнување и искористување на проституција, перење пари и здружување во криминална организација.

Одлуката е донесена, наскоро и официјално: Алушовски веќе не е тренер на Еурофарм Пелистер

Стевче Алушовски го напушта кормилото во стручниот штаб на ракометниот клуб Еурофам Пелистер.

Алушовски и сè уште актуелниот шампион се разделија само по четири месеци соработка. Неофицијално, тој понудил оставка уште по поразот од ГРК Охрид во Битола, но не била прифатена, па тој остана на клупата и во победата над Алкалоид во Скопје и во полуфиналето на Купот, кое беше капак на кризата. Пелистерци претрпеа болен и убедлив пораз од Охрид, по што останувањето на Алушовски веќе не е можно.

Се чека само официјална потврда од клубот за заминувањето на Алушовски и информација кој ќе го води тимот до крајот на сезонава во која битолчани нема да освојат трофеј и може да завршат на третото место во Суперлигата, што би било огромен неуспех за нив.

 

Бостон, Лејкерс и Сан Антонио одат по потврда на одбрана на домашниот терен

Екипите на Бостон селтикс и Сан Антонио спарс се големи фаворити за победа во вечерашните дуели од првото коло на НБА-плејофот и сензација би било ако не поведат со 2-0 во сериите против Филаделфија, односно Портланд.

Но, на третиот меч кој се игра вечерва по полноќ, или подобро кажано утре рано наутро, се очекува да биде драматично. Лос Анџелес лејкерс е домаќин на Хјустон рокитс, а Лејкерс води со 1-0, но најверојатно повторно ќе бидат без првиот стрелец во лигата, Лука Дончиќ, и ќе треба да најдат начин како да го надоместат неговото отсуство. Затоа и гостите се фаворити на хартија, квотата за победа на Хјустон е многу помала од таа за победа на Езерџиите.

Ако Манчестер сити и Арсенал завршат со еднаков број бодови и иста гол-разлика, решаваат две работи

Трката за титулата во Премиер лигата максимално се вжештува по победата на Манчестер сити од 2-1 над Арсенал викендов, разликата меѓу двата тима е само три бода, а Граѓаните утре имаат можност да ги стигнат своите ривали со победа во заостанатиот натпревар со Барнли.

Доколку Сити победи како што се очекува, двата водечки тима ќе имаат еднаков број бодови на пет кола до крајот.

Според правилата на Премиер лигата, ако најдобрите два тима на крајот на сезоната имаат еднаков број бодови, првакот ќе се одлучува според гол-разликата. Тоа би бил само втор ваков случај во историјата откако легендарниот гол на Кун Агуеро во последен момент против КПР во 2012 година им ја донесе на Граѓаните од Манчестер првата титула во лигата по 44 години.

А, доколку Сити и Арсенал ја завршат сезоната изедначени и по бодови и по гол-разлика, што во моментов е реалност (лондонскиот клуб има гол разлика +37, наспроти Сити кој има +36), следниот критериум е вкупниот број на постигнати голови. И во таа статистика, клубовите се речиси изедначени, тимот на Пеп Гвардиола има дадено 65 гола, а тимот на Микел Артета 63 гола.

Ако биде нерешено и во овој елемент, тогаш титулата ќе му припадне на тимот со подобар скор во меѓусебните натпревари. Е, тука Сити има предност откако ремизира 1-1 на „Емирати“ и победи со 2-1 дома.

Квотите во Sport Life велат дека сега Сити е поблиску до трофејот. Моментот е на нивна страна, а и фокусурани се само на Премиер лигата, додека Арсенал има за играње и полуфиналиња и евентуално финале во Лигата на шампионите.

 

Шанса за Синер, Алкарас и Ѓоковиќ нема да бидат на 100 проценти на „Ролан Гарос“

Откако Карлос Алкарас рече дека наскоро ќе се знае дали воопшто ќе игра на „Ролан Гарос“ бидејќи повредата на раката му е посериозна од тоа што првично се мислеше, и Новак Ѓоковиќ ги загрижи своите навивачи, па сега постои реалност тој да не игра на ниту еден турнир пред гранслемот „Ролан Гарос“.

На Србинот му остануваат Мастерсот во Рим и турнирот во Женева на кој лани ја освои 100-тата титула во кариерата, а синоќа најави дека не е сигурен дека ќе игра на овие два турнира кои се многу важни за прилагодување на бавната земјена подлога. На Новак досега никогаш во кариерата не му се случило да игра на „Ролан Гарос“ без претходно да настапи на некој друг турнир на земјена подлога и парискиот гранслем да му биде прв турнир на земја во годината.

Ѓоковиќ во 2026 играше само на Отвореното првенство на Австралијан и на Мастерсот во Индијан Велс.

„Имам повреда, се надевам дека ќе бидам подготвен барем за Ролан Гарос. Се обидувам да стигнам до Рим, но не можам да давам прогнози сега бидејќи зависи од темпото на рехабилитација од повредата. Барем да бидам подготвен за Ролан Гарос“, рече Новак во Мадрид за време на церемонијата на доделување на наградите „Лауреус“.