Дома Blog Страница 21

Оклахома сити тандер фуриозно ја започна одбраната на титулата (Видео)

Кошаркарите на Оклахома сити тандер фуриозно ја започнаа одбраната на титулата. Со феноменална одбрана го скротија Феникс, а погодуваа некои тешки шутеви и на крајот славеа со 119-84.

Се чини дека на Феникс му се заканува вистинска катастрофа во оваа серија.

Импресивно е како функционираше одбраната на актуелниот НБА шампион, а од другата страна Холмгрен успеваше да погодува и постигна дури 13 поени во првата четвртина.

Во нападот му се придружи Гилџес-Александер во втората четвртина, а кога Феникс ќе направеше неколку добри акции преку Брукс или Букер, веднаш следеше конкретен одговор на спротивната страна.

Принудени на тешки шутеви, кошаркарите на Санси многу промашуваа, а предноста требаше да биде уште поголема за Оклахома според прикажаното до почетокот на последната четвртина, кога на семафорот стоеше 97-66.

Шеј Гилџес-Александер имаше 25 поени, седум асистенции и четири скока, Вилијамс 22 поени, седум скока и шест асистенции, а Холмгрен застана на 16 поени, сите постигнати во првото полувреме.

Бостон селтикс беше убедлив на домашен терен против Филаделфија и славеше со 123-91. Џејлен Браун постигна 26 поени, а Џејсон Тејтум уфрли 25 поени за победничкиот тим.

Сан Антонио спарс го совлада Портланд трејлблејзерс со 111-98, а прв играч на средбата беше Виктор Вембањама со 35 поени, пет скока и една асистенција.

Орландо меџик славеше на гости против Детроит пистонс со 101-112. Иако Кејд Канингем уфрли 39 поени за домашниот состав, сепак, Детроит со тимска игра стигна до триумф. Паоло Банкеро беше стрелец на 23 поени, а Фриц Вагнер постигна 19.

Шок за Дончиќ, најдобриот стрелец на НБА-лигата не е меѓу кандидатите за МВП

НБА-лигата ги објави кандидатите кои останаа во најтесниот избор за наградите што им се доделуваат на кошаркарите во најквалитетната лига во светот за постигнувањата во текот на регуларниот дел од сезоната. Најголемо внимание привлече одлуката кои се тројцата играчи меѓу кои ќе се избере освојувачот на најпрестижната индивидуална награда – МВП, односно најкорисен играч во лигата.

Тоа се Шеј Гилџес-Александер, актуелниот освојувач на МВП-наградата, како и шампионската титула во НБА со Оклахома сити тандер. Втор кандидат е Никола Јокиќ од Денвер нагетс, а трет е Виктор Вембањама од Сан Антонио спарс.

Шеј Гилџес-Александер го заврши регуларниот дел од сезоната со просек од 31,1 поен по натпревар, со што е втор најдобар стрелец во лигата. Дополнително има 4,3 скока и 6,6 асистенции по меч, додека процентот на шут му изнесува 55%.

Никола Јокиќ, освојувач на МВП наградата во 2021, 2022 и 2024 година, регуларниот дел го заврши со трипл-дабл просек од 27,7 поени, 12,9 скокови и 10,7 асистенции по натпревар. Тој е најдобар во лигата по скокови и асистенции, а шутираше со успешност од 56,9%.

Виктор Вембањама, дебитант на годината за 2024, бележеше 25 поени, 11,5 скокови и 3,1 асистенција по натпревар, со 51,2% успешност на шутот.

Шокантна е веста за Лука Дончиќ дека не се најде меѓу кандидатите за МВП, иако одигра брилијантна прва целосна регуларна сезона за Лос Анџелес лејкерс. Тој е најдобар стрелец во лигата со 33,5 поени по натпревар, има и 7,7 скокови, додека со 8,3 асистенции е трет најдобар асистент. Дополнително е и меѓу водечките по украдени топки со 1,6 по натпревар. Сепак, сето тоа не беше доволно за да влезе меѓу трите финални кандидати за МВП.

Малус ги собра индивидуалните признанија: „Трофеите се освојуваат со срце!“

Ракометарот на Вардар, Јака Малус, освои две индивидуални признанија во финалето од Купот на Македонија против Охрид. Словенечниот интернационалец ги освои наградите за најдобар стрелец на завршниот турнир, како и за најкорисен играч на завршницата во Струмица.

„Финале како финале. Финале е секогаш многу тешко да се игра, има тактика, има се, но на вакви натпревари одлучува срцето. Честитки и за Охрид за одличниот натпревар. Овие награди што ги освоив не се само мои, ова е признание за целата екипа. Без соиграчите немаше да ги освојам признанијата. Работиме цела година, но нема да застанеме тука. Имаме уште месец и пол до крајот на сезоната. Имаме уште две цели. Најголемата секако е трофејот од првенството да се врати во Скопје и фајнлфорот во Лигата на Европа“, рече Јака Малус.

Чупиќ по првиот трофеј како тренер: „Ние сме Вардар, сакаме двојна круна“

Вардар со победата од 24-23 над Охрид дојде до 18-тиот трофеј од Купот на Македонија. Иван Чупиќ го освои првиот трофеј како тренер на „црвено-црните“, но најавува дека целта е двојна круна, а Вардар е многу блиску до такво нешто, бидејќи има осум бода предност на пет кола пред крајот на Супер лигата.

„Честитки за Охрид за фер и коректниот меч. Знаевме дека играме против добра екипа, против екипа која игра добра одбрана и машки ракомет. Бевме подготвени на се, но мора да кажам дека Охрид одигра супер турнир. И пред два дена и денеска. Малку среќа, малку индивидуален квалитет, но најмногу карактер и победнички менталитет на Вардар беше пресуден за денешната победа. Нема разлика помеѓу освојување трофеј како играч и како тренер. Сакаме оваа сезона да ја завршиме со двоја круна. Тоа бара многу труд и откажување од многу нешта. Бескрајно сум среќен за моите играчи. Треба да тренираш, да работиш до април, за да донесеш еден трофеј. Мора да создадеме победнички менталитет, а тоа значи дека и кога се игра лошо дека мора да се победува. Горд сум на овој тим. Трката за титулата не е завршена, имаме осум бодови предност, а десет се во игра. Респект кон сите екипи, но сепак ние сме Вардар и мора да се бориме на секој меч. Утре е слободен ден, а од вторник повторно борба – маратонот уште не е готов.“ – рече тренерот на Вардар, Иван Чупиќ.

Ќе има драма и во Франција: ПСЖ загуби дома, но останува лидер (Видео)

Фудбалерите на ПСЖ неочекувано се поразени на домашен терен од Лион со 1-2, па му дадоа надеж на Ленс дека може да стигне до титулата.

Ендрик го отвори резултатот уште во шесттата минута, а Мореира во 18-тата веќе зголеми на 0-2. Следуваше промашен пенал на Рамос, а конечните 1-2 ги постави Кварацкелија во 94-тата минута.

„Светците“ имаат еден бод предност во однос на Ленс, но и натпревар помалку, оној против Нант кој ќе се одигра во среда.

Трета победа по ред: Лигата на шампионите е реалност за Јувентус (Видео)

Пласманот во Лигата на шампионите станува реалност за Јувентус, откако пред својата публика славеа со 2-0 над Болоња и му побегнаа на Комо на +5.

Победата над Болоња ја донесоа Дејвид во втората и Турам во 57-мата минута, со што Јувентус сега има три победи по ред, но и седум меча во низа без пораз во Серија А.

Јувентус е четврти со 63 поени, пет повеќе од Комо и Рома, додека болоња останува на осмото место со 48 бода.

Ројевиќ по поразот од Вардар: „Повредите нѐ спречија да го освоиме Купот“

Ракометарите на Охрид не успеаја во своето прво финале да дојдат и до првиот трофеј од Купот на Македонија. На крајот на тирофејот се радуваа ракометарите на Варадр, кои славеа со минимални 24-23, а тренерот на охриѓани за поразот ги обвини повредите.

„Дојдовме без два клучни бека, Петриќ и Борозан, а на полувреме го загувиме и Стрмљан. Мислам дека тоа е главната причина зошто го загубивме овој натпревар. Буквално една топка, без толку играчи. Замислете да ги имавме тие играчи за во ротација ќе бевме многу поблиску до победата. Му честитам на Вардар. Имаа поширок ростер. Ако и ние имавме таков ростер, ќе бевме многу блиску до победата. Дадовме многу повеќе и од очекуваното оваа сезона. Останавме буквално со два бека. Жал ми е, мислам дека ова не го заслуживме. Работевме напорно, но мора да се занимаваме само со себе. Очекувавме дека ќе го освоиме Купот, иако Вардар беше апсолутен фаворит. Сепак, повредата на Стрмљан беше голем шок за нас.“ – рече тренерот на Охрид, Борис Ројевиќ.

Партизан ја победи Црвена ѕвезда, „Гробари“ со импресивна кореографија за Вујошевиќ

Кошаркарите на Партизан ја совладаа Црвена ѕвезда со 81-74 во меч од Јадранската лига, па сега ќе го чекаат исходот од мечот помеѓу Босна и Дубаи за да дознаат дали ќе завршат како први или втори.

„Црно-белите“ одиграа одлично прво полувреме, кое го добија со 50-37, а Црвена ѕвезда се врати резултатски во третата четвртина. Сепак, тоа не беше доволно за целосен пресврт и победа над вечниот ривал.

Мечот во Белград ќе остане запаметен и по кореографијата на навивачите на Партизан, „Гробари“, кои му одадоа почит на нивниот поранешен тренер кој неодамна почита, Душан Вујошевиќ.

И покрај поразот, Црвена ѕвезда го имаше најефикасниот кошаркар на мечот, Монеке со 19 поени.

Охрид немаше сили за ново изненадување, Вардар ја освои 18-тата титула од Купот на Македонија

Ракометарите на Вардар дојдоа до својот 18-ти трофеј од Купот на Македонија, откако во драматичен меч во Струмица го совлада Охрид со минимални 24-23.

„Црвено-црните“ се апсолутни рекордери во најмасовното ракометно натпреварување кај нас со 18 трофеи, Металург има шест, а Пелистер пет титули.

Вардар имаше контрола во поголемиот дел од првото полувреме, постојано водеше со повеќе од еден гол, се до финишот кога Охрид успеа да израмни на 12-12, но „црвено-црните“ со голот на Малус дојдоа до водство на паузата.

Израмнето се играше и во првите десеттина минути во второто полувреме, кога Охрид со серија од 4-0 не само што првпат дојде во водство, туку имаше и плус три (20-17 и 21-18). Сепак, Вардар возврати со иста мера, па со серија од 4-0 дојде во водство од 22-21. Следуваше израмнета завршница со многу промашувања, но и со одлични одбрани на голманите на двете страни.

Во последната минута се влезе со водство на Вардар од 24-23, но откако Малус направи пробивање, Охрид доби шанса да го организира последниот напад за израмнување. Додека траеше нападот исклучен беше Гоце Георгиевски, па Охрид имаше 16 секунди со играч повеќе да израмни, но и овој напад заврши со престап, а тоа беше знак за славје на ракометарите на Вардар и сите кои навиваа за „црвено-црните“.

Јака Малус со осум гола беше најефикасен на мечот, додека голманот Валах имаше 10 одбрани.

Навивачите на Сити со стих од позната песна ги поздравија гостите од Лондон (Фото)

Манчестер Сити на својот „Етихад“ го победи Арсенал со 2:1 во натпревар од 33. коло во Премиер лигата, а домашните навивачи имаа подготвена порака во случај на триумф.

Имено, тие истакнаа транспарент на кој пишуваше „Паника по улиците на Лондон“, што е стих од песната „Panic“ од 1986 година на групата „The Smiths“.

Очигледно е дека паниката е реалност за сите што навиваат за Арсенал, бидејќи предноста од девет бода што „топчиите“ ја имаа пред Сити пред десетина дена целосно се стопи.

Арсенал остана прв на табелата со 70 бода, но има само три повеќе од второпласираниот Манчестер Сити, кој има и натпревар помалку.

Во случај на ист број бодови, шампионот се одлучува според гол-разликата.

Сити до победата во овој многу важен дуел во борбата за титулата стигна со головите на Рајан Шерки и Ерлинг Халанд, додека единствениот гол за Арсенал го постигна Каи Хаверц.