Веќе традиција стана таеквондистката Милијана Рељиќ да ја завршува годината со многу значајни признанија. Рељиќ во 2024 година беше прогласена за најдобра спортистка во Македонија во изборот на Министерството за спорт, а оваа 2025 година ја заврши како најдобра спортистка во изборот на Македонскиот олимписки комитет и ја доби Златната Олимпија.

Сите овие признанија и награди се повеќе од заслужени за Рељиќ бидејќи таа во текот на сите 12 месеци напорно тренира, се натпреварува и жнее успеси и добри резултати.
„Оваа сезона претставува уште едно значајно поглавје во мојата спортска кариера, исполнета со силни настапи и континуиран напредок. Во текот на годината остварив значајни меѓународни успеси, меѓу кои се: сребрен медал на Swedish Open, сребрен медал на Polish Open, како и освоено петто место на European President Cup, натпревари кои потврдија дека сум на вистинскиот пат и дека вложениот труд носи резултати,сите овие турнири се бодовни за олимписката ранг-листа. Овие достигнувања за мене се голема мотивација, но и дополнителна одговорност да продолжам со уште поголема посветеност, дисциплина и верба во процесот“, вели Рељиќ, која пошироката спортска јавност многу добро ја запозна на ЛОИ 2024.

И во годината која доаѓа главниот фокус на популарната Мила ќе биде континенталниот собир кој во 2026 година ќе биде во Германија.
„Следната голема цел која ја поставувам пред себе е настапот и успехот на Европското првенство во Германија, каде што ќе се стремам кон уште повисок пласман и ново спортско докажување. Благодарна сум за поддршката од ‘Спорт-Лаиф’ што ја имам на овој пат, како и на сите кои веруваат во мене и се дел од мојата спортска приказна“, вели Рељиќ, која на долги патеки во фокусот и е втор настап на Олимписки игри кои во 2028 година ќе се одржат во Лос Анџелес.