Дома Blog Страница 78

Раскол во Рома: Франческо Тоти во обид да ги смири Гасперини и Раниери

Легендата на Рома, Франческо Тоти, повика на единство во тешкиот период за клубот, кој е обележан со несогласувања меѓу тренерот Џанпјеро Гасперини и директорот Клаудио Раниери, пишуваат италијанските медиуми.

И покрај информациите дека поранешната легендарна „десетка“, Франческо Тоти, е подготвен за враќање во клубот, тој се фокусира на потребата тимот да го даде максимумот за да се постигне целта – пласман во Лигата на шампионите.

Во врска со конфликтот меѓу Раниери и Гасперини, Тоти објасни:

„Не сакам да се мешам во тие односи. Како навивач на Рома, нашата заедничка и главна цел е да останеме обединети, дури и ако има внатрешни несогласувања. И Гасперини и Раниери треба да имаат почит кон навивачите на Рома и кон клубот.“

„Лигата на шампионите? Во игра сме, на три бода зад Јувентус… Се надевам дека сите ќе ги здружат силите, а потоа на крајот од сезоната ќе направиме пресметка. Единствената наша цел е Рома и ние, навивачите на Рома, се надеваме дека ќе се движиме во иста насока. Проблеми има насекаде, но нивното јавно изнесување во овој момент, не изгледа како соодветно време“, истакна Франческо Тоти.

Лионел Меси обвинет за фудбалска измама

Лионел Меси се најде во фокусот на сериозен скандал откако промоторската компанија „Вид“ од Мајами поднесе тужба против него и Аргентинската фудбалска асоцијација, обвинувајќи ги за значителна финансиска загуба поради неговото отсуство од договорен пријателски натпревар.

Според наводите, станува збор за договор вреден 7 милиони долари, кој опфаќал ексклузивни права за две пријателски средби одиграни во октомври минатата година – против Венецуела и Порторико. Во договорот било наведено дека Меси треба да настапи најмалку 30 минути на секој натпревар, освен ако не е повреден.

Проблемот настанал кога аргентинската ѕвезда не се појавила на теренот против Венецуела на стадионот „Хард Рок“, туку го следела натпреварот од трибините. Дополнителен сомнеж кај организаторот предизвикал фактот што веќе следниот ден Меси настапил за Интер Мајами, што според нив, значи дека немало оправдана причина за неговото отсуство.

Од компанијата истакнуваат и дека претрпеле дополнителна штета поголема од еден милион долари поради преместување на еден од натпреварите од Чикаго во Форт Лодердејл, што негативно се одразило врз продажбата на билети и целокупната организација.

„Вид“ дополнително тврди дека им било ветено обештетување преку идни натпревари, вклучувајќи и можен дуел во Кина во 2026 година, но тоа никогаш не било реализирано.

Овој случај следува по уште еден правен спор поврзан со Меси, кога неодамна беше постигната спогодба во колективна тужба во Канада, поради наводно доведување во заблуда на навивачите во врска со негов настап за Интер Мајами.

ТФТ ја прегази Сутјеска и ќе игра финале во АБА 2 лигата

Кошаркарите на ТФТ ја победија Сутјеска со убедливи 90-77 во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје и обезбедија историски резултат, пласман во финалето на АБА 2 лигата, каде што ќе се сретне со Широки Брег. Победникот ќе избори пласман во АБА-лигата.

Македонскиот состав по триумфот на првиот меч на гости, максимално мотивирано влезе во овој втор натпревар во Скопје и првата четвртина ја доби со 29-14. На полувреме имаше 16 поени разлика, а двоцифрената предност ја одржуваше во текот на целиот дуел.

Во еден момент предноста достигна и +23 поени, а потоа Сутјеска направи серија од 10-0, но, за среќа на ТФТ, и немаше доволно сили да продолжи во ист стил до крајот.

ТФТ имаше неколку навистина расположени поединци. Стенли Дејвис јуниор постигна 23 поени, Виктор Ташовски уфрли 19, а ефикасни беа и Гордон Виндел (17) и Ентони Говенс (17).

Кај Сутјеска најефикасен беше Кристофер Мартин со 22 поени.

Луис Енрике: „Баерн или Реал? Мирно ќе гледам и ќе пијам ладно пиво“

Тренерот на Пари Сен Жермен, шпанскиот стручњак Луис Енрике, не кажа кого би посакал во полуфиналето на Лигата на шампионите, Баерн Минхен или Реал Мадрид, кои вечерва ќе одлучат кој од нив оди на мегдан со ПСЖ.

„Секогаш кога кажувам дека преферирам некој тим за противник, играме со другиот. Ќе го гледам мечот во Париз и ќе пијам добро ладно пиво“, рече некогашниот играч на Реал Мадрид, но не е омилен бидејќи го направи најголемото предавство кога од Реал премина во Барселона пред 30-тина години.

Откако Луис Енрике дојде во ПСЖ пред три години, тимот од Париз секогаш стигнува барем до полуфинале во ЛШ, а лани ја освои титулата.

 

Нова тура плејин во НБА, Бостон и Феникс ќе дознаат против кого ќе играат

Филаделфија го пречекува Орландо во меч кој треба да одлучи кој од овие два тима ќе му биде ривал на Бостон селтикс во првото коло од плејофот на НБА-лигата.

Сиксерс се фаворити, но и Магичните имаат на што да се надеваат. Поразениот тим ќе има уште една шанса, а тоа е дуел со Шарлот кој ќе го одреди ривалот на Детроит пистонс, кој беше најдобар на Истокот во регуларната сезона.

Во другиот меч во плејин разигрувањето кој се игра вечерва, ЛА клиперс е домаќин и фаворит против Голден стејт вориорс. Подобриот оди на мегдан со Феникс санс за да се одреди ривалот на Оклахма Сити тандер, додека за тој што ќе загуби, завршува сезоната и може да почне со планови за наредната.

Спортинг никогаш не стигнал до полуфинале, не го победил Арсенал, во Англија редовно губи

Арсенал веќе е виден во полуфиналето на Лигата на шампионите, а има и зошто, сите бројки се на негова страна пред вечерашниот реванш од четвртфиналето против Спортинг Лисабон.

Арсенал нема пораз во меѓусебните дуели против актуелниот шампион на Португалија, а одиграл осум натпревари, што го прави Спортинг тимот со кој Арсенал се соочувал најчесто во Европа, а никогаш не победил.

Спортинг никогаш не бил во полуфинале на ЛШ и нема победа на последните 10 гостувања во Англија. Од друга страна, Арсенал не го почувствувал вкусот на поразот во 11-те натпревари од ЛШ оваа сезона и ако таа серија продолжи, ќе се соочи со Атлетико Мадрид во полуфиналето.

На страната на Арсенал е и податокот дека кога победувал на гости во првиот натпревар од двомеч во нокаут-фазата во европските натпреварувања, продолжил понатаму во 19 од 20 случаи, единствено испаднале против Олимпијакос во Лигата на Европа 2019/20.

Единствениот пораз на Арсенал дома на последните 23 европски натпревари беше против Пари Сен Жермен во полуфиналето на ЛШ минатата сезона. Арсенал не примил гол во 16 од последните 22 европски натпревари на стадионот „Емирати“. Кога ќе се собере ова, се доаѓа до заклучок дека би било чудо ако Спортинг ги елиминира Топчиите. 

Алкарас се повлече од турнирот во Барселона поради повреда

Карлос Алкарас не закрепна од повредата на десниот зглоб што ја заработи во вторникот против Финецот Ото Виртанен, па денеска објави дека не е подготвен да продолжи да игра на Барселона опен 500 турнирот. 

Неговото повлекување го спречува да се врати на првото место на АТП-листата. Тоа беше можно само ако го освоеше турнирот на кој лани беше финалист, а вака губи 280 поени и Јаник Синер останува светски рекет број 1 со 390 поени предност

Петта година по ред, Карлитос не може да ги заврши сите турнири на земјена подлога пред „Ролан Гарос“. Неговата следна станица е Мастерсот во Мадрид, кој започнува на 22 април, а Шпанецот првиот меч треба да го игра на 24 или на 25 април. Таму ќе бидат и Синер и Новак Ѓоковиќ. Потоа Алкарас планира да се појави и во Рим и на гранслемот во Париз, па не сакаше да ризикува со играње повреден во Барселона. 

Откако мурсијанецот се повлече од турнирот во Барселона, отстапувајќи му место на чешкиот играч Томаш Махач во четвртфиналето, сега најдобро рангиран играч таму е Лоренцо Музети.

Лотар Матеус е убеден дека Баерн е фаворит број 1 во Лигата на шампионите

Легендата на германскиот фудбал и на Баерн Минхен, Лотар Матеус, смета дека Баерн е главен фаворит за освојување на трофејот во Лигата на шампионите.

Вечерва од 21 часот, Баварците го пречекуваат Реал Мадрид во реваншот од четвртфиналето. Германците го добија првиот натпревар со 2-1 на „Бернабеу“, но беа елиминирани во последните четири пресметки против шпанскиот гигант во ЛШ. 

„Ова единство на теренот, оваа радост што ја чувствуваат заедно… Го гледам Баерн Минхен како фаворит и против ПСЖ во полуфиналето и за освојување на титулата“, изјави Матеус.

Тој е убеден дека Баерн ќе го елиминира Реал ако не се случи ништо необично, алудирајќи на некаков црвен картон, автогол или слично.

„Баерн е фаворит, но не значи дека ќе биде лесно. Ако Реал Мадрид игра како во последните 25 минути од првиот меч, сè може да се сврти наопаку, особено ако Нојер не брани добро како во Мадрид. На вакви мечеви и најмали грешки се казнуваат“, анализира Матеус.  

Мекинро: На тенисот му треба трет човек какви што бевме јас или Ѓоковиќ

Американската тениска легенда, а сегашен телевизиски коментатор, Џон Мекинро, смета дека актуелната ситуација во тенисот во која двајца доминираат не е добра и тоа треба што побрзо да се смени за доброто на спортот.

Јаник Синер и Карлос Алкарас прават тенисот да станува здодевен бидејќи немаат сериозна конкуренција. Италијанецот и Шпанецот победија на последните девет гренслам-турнири, а еден од двајцата ги освојуваше последните 20 турнири на коишто играле и двајцата. За да продолжи тенисот да се развива, потребен е тој трет човек, а можеби и четврти, смета Мекинро.

„Уште еден одличен играч, а можеби и двајца се неопходни за тенисот да стане поинтересен. Се сеќавам, јас кога напредував, Бјорн Борг и Џими Конорс беа двајцата најголеми шампиони и сите зборуваа само за нив. Новак Ѓоковиќ помина низ слична ситуација. Секогаш Рафаел Надал и Роџер Федерер беа на чело додека не се појави тој “, рече Мекинро, кој е седумкратен гренслам-шампион.

Рафиња на фановите на Атлетико им порача: Во следното коло ќе испаднете! (Видео)

По мечот Атлетико Мадрид – Барселона, додека траеше славењето на мадридските навивачи, Рафиња, кој поради повреда не играше во четвртфиналните дуели, ги провоцираше фановите на Јорганџиите.

Тој со раце им покажуваше дека во следното коло од Лигата на шампионите ќе испаднат. Од устата на Рафиња можеше да се прочита „Па фуера“, што значи „Одите надвор“ и јасно е дека сакаше да им каже дека во следната рунда против Арсенал (или можеби Спортинг) ќе бидат исфрлени.

Поради ова, а и јавното критикување на судиите, Рафиња може да добие суспензија од УЕФА. Во минатото, Нејмар за нешто слично беше казнет со забрана за настап на три натпревари.