31.8 C
Skopje
сабота, 12 јули 2025
Дома Blog Страница 9605

Лион победи и поцрвене, лудница во Марсеј

Олимпик Лион со победата вечерва, и поразот на Лил, се искачи на второто место во францускиот шампионат, како најблизок ривал на неприкосновениот лидер Пари Сен Жермен.

Освен тоа што триумфираше во Дижон со три гола во првото полувреме, екипата на Лион доби и еден црвен картон. Судиите беа расположени за покажување црвени картони, па исклучен беше и играч на домашниот тим.

Црвен картон имаше и во редовите на уште четири екипи, а една од нив беше Олимпик Марсеј. Тимот од југот на Франција долго го држеше водството од 2-1, но во претпоследната минута од регуларните 90, Стразбур изедначи. Кога се чинеше дека двата тима ќе освојат по еден бод, Жермен постигна гол за голема радост на „Велодром“ и Марсеј се искачи на третата позиција, со еднаков број бодови како вториот Лион.

Резултати: Амиен – Рен 2:1, Бордо – Лил 1:0, Каен – Монпелје 2:2, Дижон – Лион 0:3, Марсеј – Стразбур 3:2, Ним – Гингамп 0:0. Вечерва играат ПСЖ – Ремс.

Титулата уште не е загубена за Фетел

Трката за големата награда на Русија, која ќе се вози во недела, во Сочи, може да биде еден од првите чекори на Себастијан Фетел кон намалување на бодовниот минус кој го има во однос на Луис Хамилтон. Пилотот на Ферари заостанува дури 40 бода, но историјата покажува дека не е сè загубено за Германецот.

Нема да биде лесно да се надомести заостанувањето, особено што Мерцедес засега не прави грешки како Ферари. Но, Фетел веќе има направено еден пресврт во кариерата, кога за шест трки, надомести минус од 29 поени против Фернандо Алонсо. Во ситуација кога победата се вредува со 25 поени, Германецот има теоретски шанси да го помине Хамилтон.

Во далечната 1964 година, Џон Суртис освои само еден поен на првите четири трки, па неговиот ривал Греем Хил направи голема разлика. На шест трки до крајот, Суртис имаше 14 бода помалку, но во текот на сезоната заостануваше и со 43 поени, па направи пресврт.

Друг пример на освоена титула по заостанување од 40 или повеќе поени е оној од 1976 година. Ники Лауда ја имаше титулата в раце, но се случи оној катастрофален инцидент кога Австриецот се запали и мораше да паузира. Тоа го искористи Џејмс Хант, кој ја освои титулата.

 

Барса и Андонова, влегоа во осминафинале на ЛШ

Женскиот тим на Барселона се пласираше во осминафиналето од Лигата на шампиони за жени откако вечерва на свој терен славеше со 3-0 против Киран Шимкент од Казахстан, и со тоа го надомести минусот кој го имаше по првиот натпревар, кога каталонките беа шокирани со 1-3.

Македонската репрезентативка Наташа Андонова во игра влезе во 69-тата минута, при резултат 2-0, а во финишот Барселона постигна уште еден погодок. Барселона има серија од 17 меча по ред без нерешен исход.

Два сета „казачок“, па три сета „самба“ во Торино

Репрезентацијата на Бразил со пресврт ја совлада Русија со 3:2 во сетови, по 2 часа и 16 минути жестока борба во топ-6 фазата на Светското првенство за мажи во одбојка.

Русите делуваа разиграно во првите два сета, кои ги добија со 25-20 и 25-21, потоа Бразил влезе во посакуваниот ритам и во третиот сет врати со 25-22. И четвртиот сет беше неизвесен, но и тој им припадна на „кариоките“ со 25-23, па тај-брејкот одлучуваше за тоа кој ќе биде победник и ќе направи чекор кон полуфиналето.

Во петтиот сет, Бразил имаше константно водство и на крајот славеше со 15-13, за радост на нивните фанови во салата во Торино.

Утре, Русите играат против САД, а Бразилците ќе се одморат и задутре ќе играат против засега непоразените Американци, по што ќе се знае кои две селекции од оваа група ќе одат во полуфиналето. Вечерва, во рамките на другата група, играат Италија и Србија, а слободна е Полска.

Трајковски и Несторовски добија нов тренер

Роберто Стелоне е нов тренер на Палермо, италијанскиот фудбалски второлигаш чиј дрес го носат македонските интернационалци Александар Трајковски и Илија Несторовски. Стелоне, кој има 41 година, на функцијата доаѓа на местото на Бруно Тедино, кој попладнево доби отказ.

Палермо синоќа загуби од прилично слабата Бреша, и тој прв пораз сезонава во Серија Б беше кобен за стратегот Тедино.

Новиот стратег Стелоне бил тренер на Фрозинине и Бари, а се враќа во Палермо откако го водеше и пролетоска и ова му е втора шанса во третиот клуб во тренерската кариера. Стелоне првиот тренинг со Сицилијанците ќе го има во петок.

 

Заврши сезоната за Серина Вилијамс

Серина Вилијамс одлучи предвреме да ја заврши тековната сезона, откако го откажа своето учество на турнирот во Пекинг, кој ќе почне следната недела. Некогашната најдобра тенисерка на светот ќе го отстапи местото на Екатерина Макарова.

Настапот во Пекинг требаше да биде последен за неа за оваа година, но поразот од Наоми Осака во финалето на Отвореното првенство на САД очигледно ќе биде нејзиното последно излегување на терените за оваа сезона. Триесет и седумгодишната тенисерка сезоната ја завршува со 18 победи и шест порази.

Фудбалот повеќе наликува на шоу-бизнис отколку на спорт

Во понеделникот се одржа церемонијата за доделување на наградите „The Best“ од страна на ФИФА, на која Лука Модриќ беше прогласен за најдобар фудбалер на светот. Ваквиот тип церемонии не му се допаѓаат на тренерот на Барселона, Ернесто Валверде, кој смета дека на тој начин го прават фудбалот повеќе да личи на шоу-бизнис отколку на спорт.

„Во минатото немаше толку многу награди за индивидуалци, и оние кои постоеја не беа толку промовирани. Сѐ повеќе се доделуваат признанија, се организираат гала-вечери, на сѐ се посветува посебно внимание. Тие настани служат како промоција на организации кои немаат многу врска со фудбалот. Фудбалот е спорт, но сѐ повеќе личи на шоу-бизнис“, истакна Валверде.

Џовинаци ќе биде партнер на Раиконен во Заубер

Антонио Џовинаци ќе биде партнер на Кими Раиконен во Заубер од наредната сезона во Формула 1. Дваесет и четиригодишниот возач моментално е „бекап“ за тимот на Заубер, односно трет возач, но од следната сезона ќе добие шанса редовно да се појавува на Ф1 патеките.

Џовинаци во сезоната 2017 настапи на две трки како возач на Заубер, како привремена замена за Паскал Верлејн, а истакна дека ќе му биде чест и гордост да го претставува тимот од следната сезона. Ова значи дека Маркус Ериксон ќе биде деградиран во трет возач на тимот.

„Како Италијанец, се гордеам што добив можност да претставувам легендарен и успешен бренд како што е Алфа Ромео во овој спорт“, истакна Џовинаци.

ПМФЛ: „Лавовите“ го декласираа Работнички, Шкендија шокирана во Тетово

Академија Пандев претрпе изненадувачки пораз од тимот на Ренова на домашен терен откако „гипсарите“ без главен предводник се изборија за победа од 2-0 во Струмица. Стрелец на двата погодоци за гостите беше Влатко Стојановски во 14-тата, односно 70-тата минута од средбата.

Победа го шокираше македонскиот првак Шкендија на градскиот стадион во Тетово, откако прилепчани освоија три бода при конечни 2-0. Киријан Чиразорм во 61-та минута го постигна водечкиот гол, а во самиот финиш на средбата Ѓорѓи Танушев го постави конечниот резулата, со што Победа им го нанесе првиот пораз на тетовчани во домашниот шампионат во оваа сезона.

Вардар со минимални 1-0 очекувано славеше против тимот на Силекс. Виктор Јуфо по 71 минута игра, конечно го најде патот до мрежата на гостите. Минимален триумф од 1-0 издвои и Беласица против Шкупи на свој терен со голот на Балдовалиев во седмата минута од средбата.

Македонија ЃП со убедливи 3-0 триумфираше над Работнички во градското дерби. „Лавовите“ потполно ја надиграа екипата на Ѓоре Јовановски нанесувајќи им го четвртиот пораз за сезонава. Стојчевски го отвори резулатот по седум минути игра, а Кировски зголеми на 2-0 дваесет минути подоцна. Во второто полувреме, Божиновски ги реши сите дилеми околу победникот на оваа средба, со гол во 59-тата минута од мечот.

Со поразите на Академија Пандев и Шкендија, Вардар се избори за првото место на табелата со 17 бода, додека веќе споменатите екипи заостануваат со два бода, односно со минус три бода. По ова коло, Вардарци се единствениот тим кој по седум натпревари во домашниот шампионат се непоразени. Победа се искачи на четвртата позиција со 11 бода, Работнички има девет, Беласица осум, Ренова седум, Македонија ЃП шест, а по пет бода имаат Шкупи и Силекс.

РЕЗУЛТАТИ ПМФЛ 7. КОЛО:

Академија Пандев – Ренова 0-2

Беласица  – Шкупи 1-0

Македонија ЃП – Работнички 3-0

Шкендија – Победа 0-2

Вардар – Силекс 1-0

 

 

Батлер сака да ја напушти Минесота

Кошаркарот на Минесота тимбервулвс, Џими Батлер, испратил барање до управата да му озовможат преселба во редовите на Мајами хит. Шутерот на „волците“ не е во добри односи со неговиот тренер Тим Тибадо и сака што поскоро да ја смени средината со цел да се фокусира на кошарката.

Иако следната сезона Батлер ќе биде слободен агент, тој не сака уште една сезона да помине во дресот на Минесота, а смета дека преселба во франшизата од Флорида е најдобра опција за него.