35.8 C
Skopje
вторник, 12 август 2025
Дома Blog Страница 9762

Дербито Пелистер – Еурофарм Работник одложено поради технички проблеми

Новата сезона во ракометната Суперлига нема да се отвори како што беше планирано, со градското дерби во Битола. Мечот Пелистер- Еуфорфарм Работник нема да се игра утре, откако управата на зелените“ поднесе барање до федерацијата да се одложи мечот.

Причините се технички проблеми во салата „Боро Чурлевски“, а по барањето до федерацијата се согласи и противникот на Пелистер. Дербито најверојатно ќе се одигра во вторник, во предвиденото исто време од 18:30 часот.

Во останатите средби во првото суперлигашко коло, силите ќе ги одмерат,  Борец – Струга (19ч, сабота), Вардар Јуниор – Радовиш (18.30ч сабота), Бутел – Прилеп 2010 (12ч недела), Пролет – Охрид (19.30ч недела).

Романија без двајцата капитени ќе дојде во Скопје

Кошаркарската репрезентација на Романија во Скопје ќе допатува без двајцата капитени во составот, Андреј Мандаке и Влад Молдавеану. Новиот селектор Тудор Костеску одлучи да не ги вклучува последните двајца капитени во составот кој треба да се пресмета со избраниците на Јорданчо Давитков.

Исто така, Јулијан Орбенау пред извесно време заработи повреда на еден од контролните натпревари, па неговиот настап засега е под знак прашалник.

Комплетниот состав на Романија за дуелот против Македонија:

Дан Лукас Тохатан, Џордан Вотсон, Драгош Дикулеску, Мирел Лав, Јулијан Орбеану, Тудор Георге, Раду Палициуц, Богдан Никулеску, Александру Олах, Емануел Каце, Нандор Куци, Антон Диаконеску.

Средбата е закажана за во недела, 16-ти септември, со почеток од 18:15 часот, во СЦ „Борис Трајковски“.

Големите клубови не забораваат – Супер најава во чест на Ристовски

Стефан Ристовски за Спортинг Лисабон дебитираше на 19-ти септември 2017 година во официјален меч против Маритимо, и во негова чест и со негов лик е постерот за најава на новиот дуел на овие две екипи.

Повторно во Лисабон и повторно во меч од Купот на Португалија, во недела ќе играат Спортинг и Маритимо, а ликот на Ристовски е на постерот што е искористен како најава за овој дуел.

Македонскиот репрезентативец пред помалку од една година го одигра целиот меч против Маритимо, прв за него, а мрежите мируваа, па Спортинг како првопласиран мина во плејофот од Лига купот.

Сега двете екипи повторно се во иста група, заедно со Есторил и Феиренсе, а од задутре со меѓусебен меч ја почнуваат битката за првото место, кое повторно води во плејофот.

Во меч кој буди убави спомени за Ристовски, кој се сеќава на дебитантскиот настап од пред една година во дресот на Спортинг, а тој момент не го заборавија ниту во неговиот сегашен клуб.

„Маракана“ ќе биде тип-топ за ЛШ

Црвена ѕвезда по 26 години пауза, се враќа во луксузното друштво, во Лигата на шампионите, а за мечот против Наполи во вторник „Маракана“ ќе биде подготвена за спектакл.

Стандардите на УЕФА се ригорозни, особено за луксузно натпреварување од калибарот на Лигата на шампионите, па раководството на „црвено-белите“ мораше дополнително да го средува теренот.

Според изјавите на првите луѓе на Црвена ѕвезда, до вторник, до 21 часот, кога ќе почне мечот, сè ќе биде во ред.
Српскиот шампион за првпат игра во ваков формат на ЛШ, а ќе бие битка во групата Ц против Наполи, Пари Сен Жермен и Ливерпул.

Црвена ѕвезда е поранешен европски првак, еден од ретките од Источна Европа, и ја освои титулата во тогашниот Куп на европски шампиони во сезоната 1991/92.

„Милионери“ против „банкари“ во дербито на Бундеслигата

„Милионерите“ од Дортмунд против „банкарите“ од Франкфурт, или со фудбалски речник Борусија против Ајнтрахт е дерби на денот во нашиот избор.

Борусија е непоразена во дуелите со Ајнтрахт речиси две години, а и вечерва на „Вестфален“, или како што официјално се нарекува „Сигнал Идуна парк“, е фаворит против гостите од Франкфурт.
Последниот меч во Дортмунд беше драматичен, а го одлучи Миши Батшуаји со погодокот во 94-тата минута, доволен за победа на Борусија од 3-2.

Популарните „милионери“ ќе мора да играат без повредените Омер Топрак и Рафаел Гереро, а веројатно нема да настапи и Кристијан Пулишиќ. Борусија мора да мисли и да штеди сили за стартот на Лигата на шампионите, за гостувањето во Бриж, но и да го победи Ајнтрахт.

Гостите имаат силен адут во првиот стрелец Себастиен Aле. Францускиот напаѓач лани беше топ голгетер на тимот со 13 погодоци, а и сезонава ја почна ефикасно со два од трите погодоци што ги постигна Ајнтрахт.

Тимот од Франкфурт ќе биде ослабен без Јетро Вилемс, кој беше исклучен на претходниот меч и нема право на настап.
Подобрите настапи во последно време во меѓусебните дуели, но и моменталната форма, ја прават Борусија голем фаворит за победа.

„Кецот“ во Бонус Тип во нашите обложувалници е со коефициент 1.56, ремито вреди 4.60, а победа на Ајнтрахт е со квота 6.60.

Погба е понуден на Јувентус, но Зидан може да е препрека

Пол Погба се враќа во Јувентус. Ова го најавуваат италијанските медиуми, кои пишуваат дека Погба во јануарскиот преоден рок сигурно ќе си замине од Манчестер јунајтед доколку тренер на „Олд Трафорд“ остане Жозе Мурињо.

Францускиот репрезентативец започна во Манчестер јунајтед, но потоа играше во Јувентус во периодот од 2012 до 2016 година, кога и го покажа целиот свој талент. Во 2016 година, за сума од 105 милиони евра се врати на „Олд Трафорд“, но не ги покажува истите игри како во дресот на „старата дама“.

Токму затоа и самиот Погба сака да се врати во Јувентус. Според најавите, најголем проблем би било доколку дојде до смена на клупата на Манчестер јунајтед. Ако Мурињо добие отказ и на негово место биде поставен Зинедин Зидан, францускиот тренер сигурно нема да сака да го пушти Погба да си замине.

Бјелса е воодушевен: Никој нема подобри навивачи од Лидс

Аргентинскиот стратег Марсело Бјелса е пријатно изненаден од атмосферата на „Еланд роуд“, а со многу комплименти ги фали навивачите на Лидс, клубот којшто го предводи од клупата од ова лето.

„Никој нема подобри навивачи од Лидс. Повеќе од 30 години ја работам оваа работа и тврдам дека во сите елементи се над конкурентите. Атмосферата е неверојатна, со нив и на играчите им е многу полесно да играат, а и се однесуваат како вистински џентлмени. Им аплаудирам од срце за тоа што не бодрат до максимум“, вели Бјелса.

Честопати тоа го потенцира и нашиот репрезентативец Џани Алиоски, кој е една од главните алки во играта на лидерот во Шампионат лигата во Англија. Лидс е без пораз по шест кола, фудбалерите играат одлично, а како што вели Бјелса, со навивачи какви што има Лидс и Премиер лигата не е далеку од Јоркшир.

Вардар казнет со 25.000 евра од УЕФА

Најтрофејниот македонски клуб Вардар летово само по еден двомеч ги заврши настапите во Европа. „Црвено-црните“ беа елиминирани од Пјуник со вкупни 3-0, во првото коло од квалификациите во Лигата на Европа.

На мечот во Скопје, гостите од Ерменија славеа со 2-0 и ја најавија раната елиминација на Вардар, кој само пред една година играше во групната фаза од Лигата на Европа. Токму на средбата во Скопје, домаќинот поради слабата организација, ќе мора да плати казна од 25.000 евра.

Ова е сумата која ја одреди дисциплинската комисија на УЕФА во Нион, а како образложение за казната наведени се користењето на пиротехнички средства на фановите на Вардар како и националистичките скандирања од трибините.

За учеството во квалификациите од Лигата на Европа на Вардар му следуваат 260.000 евра, а речиси една десетина од бонусот кој ќе го добие, ќе мора да го врати во касата на УЕФА.

Фетел: Самиот себеси сум најголем непријател

Повеќекратниот светски првак во Формула 1, Себастијан Фетел, сезонава ја започна одлично и долго време беше лидер во шампионатот. Сепак, по неколку неочекувани грешки, Германецот не само што ја загуби лидерската позиција, туку сега и заостанува 30 бода зад Луис Хамилтон. До крајот на првенството има уште седум трки.

„Јас самиот себеси сум најголем непријател. Ако имаме нешто што може да расипеме, имаме големи шанси да го направиме на наш начин“, вели Фетел, кој киксираше на трките во Азербејџан, Франција, Германија и Италија.

Тие грешки на четирите трки го чинеа Фетел повеќе од 60 бодови. Доколку продолжи во тој стил, секоја следна грешка може да го чини и крај во трката за титулата.

„Работата е јасна. Луис Хамилтон е лидер и мора него да го победувам. Ние и понатаму имаме многу добри шанси, но самите на себе ќе си бидеме главни непријатели, а не тој со неговата екипа. Мораме да мислиме на самите себе и ако тоа го направиме како што треба, имаме шанси да почнеме да победуваме и да ги поправиме работите“, објасни Фетел.

Шампионатот во Формула 1 овој викенд е во Сингапур, каде што Мерцедес традиционално има проблеми на патеката „Марина беј“.

Клупскиот фудбал повторно на сцена, во фокусот е дербито Тотенхем – Ливерпул

Репрезентациите го промовираа новото натпреварување Лигата на нациите, а по двонеделната пауза, повторно на сцена се враќа клупскиот фудбал.

Топ 5 првенствата земаат замав, битката за подобри позиции на табелата ќе станува сè пожестока, а во фокусот викендов ќе биде англиското дерби меѓу Тотенхем и Ливерпул. Двете екипи имаат амбиции да ја освојат титулата, па овој меч од петтото коло во Премиер лигата е вистинско дерби.

Интересна ќе биде и бундеслигашката пресметка во Минхен меѓу Баерн и Баер Леверкузен, во Италија меч на колото е дуелот меѓу Интер и Парма во конкуренција на средбата меѓу Наполи и Фиорентина.
Барселона во последно време најде начин како да се прескокне „Аноета“, но Сан Себастијан и Реал Сосиедад остануваат на мапата на Каталонците како мошне незгодно фудбалско патување и гостување. Тој меч ќе се игра утре, од 16.15 часот, и е дерби во четвртото коло во Ла Лига.

Репрезентациите ги испративме на пауза од еден месец, па викендов повторно ќе гледаме и уживаме во клупскиот фудбал, со напомена дека веднаш потоа од вторник ќе почне и новото издание на Лигата на шампионите.