25.8 C
Skopje
четврток, 14 август 2025
Дома Blog Страница 9771

Белуски: Ни недостасуваат головите на Несторовски

Илија Несторовски остана во Палермо и покрај најавите за трансфер во друг клуб, а токму од него соиграчите и сите во клубот очекуваат голови и добри игри за да се оствари целта, пласман во Серија А.

„Несторовски е голем професионалец и не се сомневам дека повторно ќе игра на препознатливо ниво. Ни недостасуваат неговите голови, неговиот ефект од минатите сезони. Верувам дека ќе влезе во форма, бидејќи нè интересира само пласман во Серија А и ништо друго“, вели искусниот Џузепе Белуски.

Палермо тргна скромно во новата сезона, исто како и нивниот најдобар стрелец Илија Несторовски, па по две кола, првиот фаворит за враќање во Серија А има два бода со две нерешени средби. Несторовски го чека првиот гол во новата сезона во „розевиот“ дрес на Палермо, а следна шанса за пробивање на мразот ќе биде дуелот со Фоџа на гостински терен во недела од 21 часот.

Тажна приказна, но спортскиoт дух не се предава: Освои две олимписки злата, а сега не може да оди

На Олимписките игри во Лондон во 2012 година, германската велосипедистка Кристина Фогел го освои тимското злато во спринт. Четири години подоцна, на Игрите во Рио де Жанеиро го повтори тој успех, но во поединечна конкуренција.

Освен двете олимписки злата, Фогел дури 11 пати била и светска шампионка. Покрај сите овие успеси, животот само за еден миг целосно ѝ се промени. Летово, на еден тренинг во спортскиот центар во Котбус, таа падна ѝ се здоби со тешки повреди на рбетот и градите.

„Си зборував самата себеси ‘диши, диши, диши’. Кога си ги соблеков патиките, веднаш знаев дека повеќе нема да можам да одам. Но, што е тука е. Солзите нема да ми помогнат. Подготвена сум за новиот предизвик и ќе се обидам да извлечам нешто и од тоа“, вели несреќната 27-годишна Германка, која за првпат јавно потврди дека веќе никогаш нема да може да оди.

Таа вели дека е среќна што била спортистка и знае како е да се бори за да се добие нешто. Сега се обидува да ги мотивира сите оние кои претрпеле слична несреќа.

„Прашањето ‘зошто мене ми се случи’ нема ништо да ни донесе и да ни промени. Сакам да се вратам повторно во живот, а тоа не зависи од никого, освен од самата јас. Морам да ја користам силата која ја имав за време на натпреварувањата“, додава несреќната Кристина, која во 2009 година имаше тешка сообраќајна несреќа, кога со велосипедот се судри со минибус, па одреден период поминала во индуцирана кома. Таа битка Фогел ја добила, а сега ја очекува уште поголема животна борба.

Семејството му го „расипа“ трансферот на Џон Тери во Русија

Легендата на Челзи, Џон Тери, сепак нема да потпише за рускиот прволигаш Спартак Москва. Иако беше речиси договорено Тери да игра во Спартак една година, сепак тој се премисли. Ветеранот минатата недела ги помина и лекарските прегледи, но кога требаше да отпатува за Москва, ги смени плановите.

Семејството на Тери било против овој трансфер, а Џон во последен момент се решил да ги послуша

.
„Откако внимателно размислив, решив да не ја прифатам понудата која ми ја даде Спартак. Сакам да се заблагодарам на довербата која ми ја дадоа и да му посакам сè најубаво на клубот и на нивните навивачи. Тоа е амбициозен клуб, со голем професионализам. Сепак, откако ја согледав ситуацијата, со моето семејство проценивме дека не треба да го прифатам овој договор“, објасни Тери.
Некогашниот англиски репрезентативец останува слободен играч, откако во мај го раскина договорот со Астон вила.

Се работи за пласман на ЕП? Повикајте го голманот да даде гол (Видео)

Марек Родак е новиот херој на младинската репрезентација на Словачка. Тоа е голманот кој успеа да постигне гол во последната минута за победа на гостувањето кај Исланд, во еден од најважните мечеви од квалификациите за пласман на Европското првенство 2019 година за играчи до 21 година.

Словачка и Исланд се во трка за второто место во групата каде што Шпанија е сигурно прва. Исланд беше домаќин и на полувремето водеше со 1-0. Во вториот дел Словачка израмни, а во 90-тата минута поведе и со 2-1. Исланд успеа со гол од пенал во 93-тата минута да израмни на 2-2, но тоа не беше крајот.

Во последните моменти од дуелот гостите изведоа корнер, а во напад тргна и голманот Родак, кој успеа со глава да даде гол за победа од 3-2 и второ место на Словачка во групата.

Де Лаурентис сака да го зголеми семејството – По Наполи и Бари, ќе го купи и Хајдук?

Контроверзниот сопственик на Наполи и на Бари, Аурелио де Лаурентис, сака да го прошири бизнисот и да купи уште еден клуб. Познатиот филмски продуцент е заинтересиран за влез во хрватскиот гигант Хајдук.
„Подготвен сум да го купам Хајдук, но не сакам да разговарам за биснис со навивачите. Знам дека сега тие се мнозински сопственици на акциите во клубот. Ако градот Сплит ми понуди договор, би прифатил. Но, со навивачи не преговарам“, изјави Де Лаурентис.
Тој е познат по тоа што го наследи семејниот бизнис и во филмската индустрија, но и во фудбалот, од неговиот чичко Дино де Лаурентис, па покрај Наполи, го купи и Бари.

Голем проблем за Оклахома, Вестбрук се повреди

Расел Вестбрук, ол-стар бекот на Оклахома, се повреди и ќе мора да му биде извршена операција на десното колено, па ќе го пропушти комплетниот дел од претсезоната во НБА-лигата.
Можно е популарниот Рас да не игра и на стартот од новата сезона, но во Оклахома веруваат дека за рехабилитација ќе му бидат потребни само 4 седмици и тој да се најде на терените во НБА-лигата од 16-ти октомври. Тогаш почнува новото издание на најсилната кошаркарска лига на светот, а Вестбрук е најдобриот играч на Оклахома и без него тимот би бил значително ослабен.

Рајн Некар го доби дербито во ЛШ против Барселона

Филип Талески се радува на победата на Рајн Некар Левен против Барселона со 35-34 во првиот меч од групата А во Лигата на шампионите.

Нашиот репрезентативец не играше, но неговите соиграчи беа на висина на задачата и успеаја да го победат најтрофејниот ракометен тим на светот.

Германците имаа предност и од 6 погодоци, но на крајот славеа со минимален резултат.

Исланѓанецот Сигурдсон со 6 погодоци го предводеше домаќинот до првата и многу значајна победа во новата сезона во ЛШ. Грецки, Колбахер, Ларсен и Шмид постигнаа по пет голови.

Кај Барселона, но и на мечот, најефикасни со по 8 погодоци најрасположени беа Н`Гесан и Гомез.

Раул го смени Вардар, но навиките да победува му останаа

Поранешниот тренер на Вардар, Раул Гонзалес, успешно стартуваше во новата сезона во Лигата на шампионите како предводник на францускиот Пари Сен Жермен. Тимот од Париз е еден од главните фаворити за трофејот сезонава во елитната лига. „Светците“ на гостувањето кај Мотор во Запорожје победија со 35-29.

Раул, кој е актуелен селектор на македонската репрезентација, можеше на дело да ја види формата на Жарко Пешевски, кој игра за Мотор. Токму Пешевски беше стрелец на првиот погодок на мечот, кога домаќините го имаа и единственото водство.

Во продолжение на средбата, ПСЖ со доминантна игра не дозволи кикс во првото коло од Лигата на шампионите. Пешевски даде три погодоци за Мотор, додека најпрецизен кај победничкиот тим беше Надим Ремили со осум гола.

ВТА ѝ кажа чао на Јанковиќ, за збогум е рано

Српската тенисерка Јелена Јанковиќ нема играно тенис од лани, кога настапи на Отвореното првенство на САД и автоматски е избришана од рангирањето на ВТА, од светската тениска листа.

Системот на ВТА е таков, а без разлика на успесите на Јанковиќ, таа веќе не фугурира на листата со најдобрите тенисерки на светот.
Србинката сè уште официјално не се повлекла од тениските терени, а интересно е што ВТА мораше да си избрише поранешен број 1. Јанковиќ беше најдоброрангирана светска тенисерка на 11-ти август 2008, или пред малку повеќе од 10 години.

Во кариерата има освоено 16 ВТА-титули, а највпечатлив успех ѝ е настапот во финалето на Отвореното првенство на САД во 2008 година, кога по големата битка, загуби со 4:6,5:7 од Серина Вилијамс.

Бенфика се приклучи во трката – Елмас е цел на „орлите“ од Лисабон

Одличните игри на Елиф Елмас за Фенербахче и за македонската репрезентација сè повеќе го привлекуваат вниманието на големите европски клубови, а сериозно за ангажман на 19-годишното момче се интересира Бенфика.

Скаути на популарните „орли“ од Лисабон беа присутни на националната арена во Скопје, на дуелот меѓу Македонија и Ерменија, и дополнително се уверија во екстра талентот и квалитетот на Елмас.

Првично, Елиф ги воодушеви претставниците на Бенфика со игрите во двомечот во Лигата на шампионите, по којшто Фенербахче беше елиминиран од двојниот европски првак, но Елмас одигра одлично и на двата натпревари.

Многу комплименти му доделија и турските и португалските медиуми, па логичен е интересот на Бенфика за младиот македонски А-репрезентативец.

Интерес за Елиф има и од Лион, Манчестер сити, Манчестер јунајтед…, но засега тој останува во Фенербахче и ги има целосната доверба и минутажата од Филип Коку.