11.8 C
Skopje
сабота, 22 ноември 2025
Дома Blog Страница 9855

„Децата“ на Реал со половина дузина голови ја испратија Мелиља назад во Африка

Реал Мадрид немаше никакви проблеми и убедливо со 6:1 го победи нисколигашот Мелиља во реваншот од Купот на Шпанија. Гостите успеваа повеќе од половина час да ја сочуваат својата мрежа незатресена на „Сантијаго Бернабеу“, но потоа следуваше гол-шоу.

Асенсио погоди во 33-тата минута за 1-0, а две минути подоцна тој зголеми на 2-0. До полувремето, во листата на стрелците се запиша и младиот Хавиер Санчес. Во вториот дел, Реал даде уште три гола. Иско погаѓаше во 47-мата и 83-тата минута, а во листата на стрелците се запиша и Жуниор Винисиус во 75-тата минута.

Дури и гостите успеаја да постигнат гол, и тоа преку Касми во 81-вата минута од пенал. Реал оди понатаму во осминафиналето од Купот на Шпанија со вкупен резултат од 10-1 против клубот чие седиште е во Африка.

Во првиот меч одигран денеска ,Леванте со 2-0 го победи Луго, а вечерва се играат уште три средби.

 

Сонот му стана кошмар: Детето кое доби дрес од Меси, сега живее во постојан страв

Муртаза Ахмеди е детето од Авганистан кое стана светски познато откако носеше импровизиран дрес од кеса на кое стоеше бројот 10 и пишуваше Меси. Тие фотографии стигнаа и до ѕвездата на Барселона, Лионел Меси, па Аргентинецот тогаш реши да му го оствари сонот на детенцето.

На меч кој беше одигран во Дубаи, малиот Муртаза беше специјален гостин на Меси. Пред почетокот на мечот, Меси го изнесе детенцето на теренот, а потоа еден цел ден поминаа заедно. На крајот, во знак на спомен, Меси на Муртаза му подари дрес со потпис и фудбалска топка.

Тогаш Муртаза имаше само шест години и беше едно од најсреќните деца во светот. Сепак, сега само две години подоцна, ситуацијата целосно е сменета. Животот на детенцето се претвори во кошмар. Поради немирите во Кабул, семејството на Муртаза мораше да замине во Пакистан, но поради сиромаштија, брзо се вратија во главниот град на Авганистан, каде што се води војна. Сега ова семејство живее во изнајмена соба.

„Ми недостасува куќата. Овде немам ни топка, не можам да играм фудбал, бидејќи постојано се слушаат експлозии. Дресот и топката ми останаа дома, затоа што моравме веднаш да заминеме, а мајка ми рече да оставиме се дома“, раскажува малиот Муртаза.

Талибанците го бараа детето со закана дека ќе го убијат бидејќи тие не толерираат некој да сака фудбал. Се заканија дека ќе го киднапираат и дека ќе го убијат. Поради овие закани, малиот Муртаза не смее да излезе ниту на улица и да си игра со другарчињата, бидејќи неговите родители живеат во страв дека некој може да го киднапира.

Сега Муртаза има само еден сон, а тоа е повторно да го види Меси. „Се надевам дека повторно ќе го видам Меси“, рече малиот Авганистанец, кој е вљубен во фудбалот, но, за жал, војната и немирите во неговата земја му го одземаат правото да се радува на топката.

 

 

Мурињо секогаш има одговор кога ќе биде обвинет за слабите резултати

Манчестер јунајтед синоќа одигра 2-2 против Арсенал во дербито на Премиер лигата. „Топчиите“ двапати беа во водство, но домаќинот не дозволи пораз на „Олд Трафорд“. Ова е второ коло по ред како Манчестер игра 2-2, а четврти дуел по ред на кој најтрофејниот англиски клуб не може да победи во Премиер лигата.

Моментно, Манчестер е на осмото место на табелата и има дури 18 бода помалку од градскиот ривал Сити, кој е лидер во шампионатот. Поради овие резултати, притисокот врз тренерот на Манчестер, Жозе Мурињо, е сè поголем, но Португалецот секојпат има одговор кога ќе биде обвинет поради слабите резултати.

„Не можам да се согласам со луѓето кои сакаат да нѐ споредуваат со славните екипи на Манчестер јунајтед. Тие во своите редови ги имаа Рој Кин, Руд ван Нистелрој, Немања Видиќ… Оставете нѐ на мира и дајте ни малку време. Задоволен сум од срцето и душата која ја има во овој тим, но немаме константност и хомогеност“, вели Мурињо.

Манчестер ќе може да ја прекине серијата без победа веќе на дуелот во сабота, кога на „Олд Трафорд“ ќе гостува последнопласираниот Фулам.

 

Ван Дајк открива како во 2012 година можел да умре

Откако Вирџил ван Дајк дојде во Ливерпул на почетокот на 2018 година, овој тим стана најдобар во дефанзивата во Англија. Ниту еден клуб нема повеќе мечеви во кои успеал да не прими гол. Тој успех, Ливерпул многу му го должи токму на Ван Дајк.

Столбот на одбраната на Ливерпул неодамна откри како пред неколку години за малку се спасил од смртта. Немилиот настан се случил во 2012 година, додека играше за Гронинген. Дефанзивецот почувствувал болки во стомакот и со мајка му заминал во болница. Лекарите го прегледале и му рекле дека нема ништо, па затоа и го пуштиле да си оди дома.

Сепак, болките станале посилни, па Вирџил морал да замине во друга болница. Таму констатирале дека имал запаление на слепо црево и инфекција на бубрезите. Веднаш бил пратен на операција, а рехабилитацијата траела два месеца.

„Уште се сеќавам на тоа време кога лежев во болницата. Сè што можев да видам, беа тие цевчиња над мене. Целото тело ме болеше и не можев никако да си помогнам. Во тие моменти размислував за најлошото сценарио. Животот ми беше во опасност, можев да умрам“, открива Ван Дајк.

Холанѓанецот не само што успеа да закрепне по таа операција, туку сега е и еден од најдобрите дефанзивци во светот.

 

Позната причината за кобниот пад на хеликоптерот во кој загина и газдата на Лестер

По малку повеќе од еден месец од хеликоптерската несреќа во која загина газдата на Лестер, Вишај Шриваданапраба и уште четворица, се дознаа резултатите зошто се случил кобниот пад. Британската агенција за истражување на воздухопловни несреќи ги објави резултатите од истрагата.

Според извештајот, несреќата на хеликоптерот „аугуста AQ 169“, кој се сруши непосредно по полетувањето од стадионот на Лестер и падна на паркингот, е поради откажување на контролата која ги поврзува педалата во кокпитот и роторот на опашот на леталото.

Засега не е познато која е причината за откажувањето на оваа контрола, но откако се случил дефектот, пилотот бил немоќен да направи ништо за да го спречи најлошото.

Магичен снукер: Стивен Мегвајер со потег за историјата (Видео)

Стивен Мегвајер и Марк Вилијамс синоќа одиграа дуел за историјата во снукерот. Мегвајер губеше со 0:4 во меч кој требаше да се реши со шест добиени фрејма. Иако беше во голема негатива, Мегвајер успеа да се врати во игра и стигна до 5:5. Решавачкиот 11-ти фрејм беше еден од највозбудливите. Шкотот поведе со 6:0 во решавачката партија, но потоа згреши и му даде шанса на Вилијамс, кој стигна до 33 поени и потоа направи грешка.

Мегвајер дојде на ред да удира, и тоа беше крајот за Велшанецот. Најинтересниот момент се случи при водство на Мегвајер од 59:33, кога една црвена топка остана залепена за „ѕидот“, но Шкотот со неверојатен потег успеа да ја внесе во средната дупка. Со тој потег, беше јасно кој ќе биде победник на еден од највозбудливите дуели.

Последниот фрејм од мечот може да го погледнете, а неверојатниот потег кој значеше и победа на Мегвајер е на 15:30 минута.

https://youtu.be/e5Cf8oZ31dA

 

 

Ѓоковиќ ќе ја бодри Ѕвезда против ПСЖ

На 11-ти декември на трибините на најголемиот стадион во Србија, „Рајко Митиќ“ ќе биде и Новак Ѓоковиќ. Најдобриот светски тенисер е голем навивач на Црвена ѕвезда и не сака да го пропушти спектаклот и дуелот против Пари Сен Жермен од Лигата на шампионите.

Ѓоковиќ во септември присуствуваше на мечот на Ѕвезда со Радник Сурдулица, а потоа и на отворањето на АБА-лигата, кога кошаркарскиот тим на Ѕвезда играше со Цибона.

На Ѕвезда ѝ треба победа за место во Лигата на Европа, а „светците“ со три бода ќе одат во осминафиналето од ЛШ.

Новак полека почна со тренинзи и подготовки за наредната сезона, но реши да го посети Белград на 2-3 дена и да го гледа фудбалскиот меч. Тој од Монте Карло доаѓа во Белград на денот на мечот, а на трибините ќе биде заедно со браќата Марко и Ѓорѓе. По два или три дена, повторно ќе мисли само на тенисот и ќе продолжи со подготовки.

МЗТ без Младеновски и Соколов во битка со Сутјеска

Враќање на победничкиот колосек и искачување на второто место на табелата се мотивите на МЗТ Скопје Аеродром во пресрет на вечерашниот натпревар од втората АБА-лига против Сутјеска. Дуелот во „Јане Сандански“ почнува во 19 часот.

Сутјеска е тим против кој „штрковите“ имаат играно и во главната АБА-лига, а актуелни членови на црногорскиот тим се плејмејкерот Никола Павличевиќ и крилниот центар Радосав Спасојевиќ, кои лани го носеа дресот на МЗТ. Павличевиќ беше избркан од клубот откако некултурно се однесуваше кон „Фемили“, па интересно ќе биде да се види на каков прием ќе налета Павличевиќ од страна на фановите на аеродромскиот клуб.

„Сутјеска прикажа доста добри игри и мораме крајно сериозно да ги сфатиме како противник. Главни адути им се нашите поранешни играчи, кои во мечот ќе влезат мотивирани. Ослабени сме со неиграњето на Младеновски и Соколов, но очекувам тие што ќе се појават на теренот, решително да го надоместат нивното отсуство“, изјави тренерот Ѓорѓи Кочов.

МЗТ е најефикасен тим во Лигата, еден од подобрите поединци е Џејмс Вудард, кој оваа средба ја гледа како шанса за враќање во натпреварувачки ритам.

„Со нетрпение го чекаме почетокот бидејќи одамна немаме играно. По паузата за настапите на репрезентациите, повторно ќе имаме натпревар, и тоа против нималку лесен противник. Искуството е нивен најголем квалитет, но верувам дека имаме сили и знаење да ја продолжиме победничката серија на домашен терен“, вели американскиот бек.

Милан со конкретна понуда за Фабрегас: 10 милиони евра за две и пол години

Претстанвиците на Милан силно притискаат да го доведат Сеск Фабрегас во своите редови уште во јануарскиот преоден рок. Веќе е доставена конретна понуда до агентот на Шпанецот, договор на две и пол години, според кој ќе заработува четири милиони евра по сезона или вкупно 10 милиони евра.

Иако Маурисио Сари сака да го задржи Фабрегас во својот тим, плејмејкерот на „сините“ има желба да добива поголема минутажа, а воедно и договорот кој му истекува налето да му биде продолжен на подолг период, што е спротивно на филозофијата на клубот кога се однесува за играчи постари од 30 години.

Во Милан сигурно ќе има поголема улога, но италијанските медиуми пренесуваат дека „росонерите“ не сакаат да ја исплатат сумата која ја бара Челзи, а таа изнесува 12 милиони евра. Причина за тоа е што Фабрегас налето ќе биде слободен играч доколку не ја обнови соработката со клубот од Лондон, па Милан може да го добие и без пари, а не им е проблем да чекаат да заврши сезоната за да го ангажираат искусниот Шпанец.

„Отпишаниот“ Иско вечерва капитен на Реал Мадрид

Само пред една недела против Рома, Иско не се најде ниту на клупата за резерви кај Реал Мадрид, а вечерва на дуелот од Купот против Мелиља тој ќе биде со капитенската лента. Иско првпат ќе биде стартер откако на клупата седна тренерот Сантијаго Солари. Последен пат во почетниот состав Иско беше на гостувањето кај Барселона, во дебаклот од 1-5.

Мечот не е многу важен, но Солари ќе има даде шанса на „отпишаните“, како Иско, Кејлор Навас и Маријано Дијас, кои воопшто или речиси воопшто не му се во плановите за мечевите од првенството и Лигата на шампионите. Иско во дресот на Реал има 254, а Навас 148 меча.

Иско беше незаменлив стартер кај Лопетеги, но Солари повеќе му верува на Лукас Васкес. Викендов против Валенсија, Иско играше 10 минути, влезе на местото на Себалјос. Одморот за Рамос, Марсело, Карвахал, Модриќ, Варан и Бензема значи дека судбината сака Иско да ја има честа да биде капитен.