Македонската ракометна репрезентација на 20 јануари ќе го одигра првиот меч од главната фаза, а ривал ќе ни биде Словенија. Тоа е селекција против која досега имаме играно вкупно шест пати. Македонија има две победи, додека противникот четири пати се радувал.
На Светските првенство против Словенија имаме играно два пати и два пати бевме поразени. Реално и сега Македонија ќе биде во улога на аутсајдер. Словенија попладнево славеше против Белорусија со 29:25 и на тој начин со две победи и еден пораз го обезбеди второто место во групата, каде прва е Русија. Белорусија со поразот од Словенија заврши на третото место во групата.
Во групата во која е и Македонија, Шведска со 24:23 го победи домаќинот Египет, па во оваа група Шведска заврши како прва со 6 бода, пред Египет со 4 и Македонија со 2 бода.
Според распоредот на Мундијалот, Македонија следните три меча ќе ги игра во следните термини:
20 јануари: Македонија – Словенија
22 јануари: Македонија – Русија
24 јануари Македонија – Белорусија