Познато е колку дена сигурно нема да има НБА-мечеви

Пандемијата со Коронавирусот го парализираше спортот. Сè поголем е бројот на спортски настани, првенства кои се откажуваат поради страв од ширење на оваа опасна болест. Во НБА-лигата беше ставен знакот „Стоп“ откако беше откриено дека играчот на Јута џез, Руди Гоберт, има Коронавирус.

Францускиот центар не ја сфатил сериозно опасноста од болеста, па неколку дена пред да биде тестиран дека е позитивен, дури и се шегувал со вирусот. Сега веќе нема шега, посебно ако се знае дека тој успеал да го зарази и својот соиграч Донован Мичел.

Челниците на НБА-лигата забраната ја донесоа непосредно пред да започне мечот Оклахома – Јута, кога пред преполни трибини сите очекуваа мечот да започне, а официјалните лица најавија дека нема да се игра, а со тоа и дека сопираат сите настани во НБА лигата, но и во училишните кошаркарски возбудувања. Овој е период кога требаше да се стартува популарното „Мартовско лудило“ во НЦАА. Завршниот кошаркарски турнир во НЦАА, на кој настапуваат 64-те најдобри училишни тима, се игра секоја година од 1939 досега.

Сега се знае дека најмалку 30 дена нема да има НБА-кошарка, а како би било понатаму, не се знае.

„Не можеме да бидеме прецизни околу тоа колку време точно нема да има натпревари. Премногу е рано нешто да се прогнозира. Сè ќе зависи од тоа како вирусот ќе се шири“, рече комесарот во НБА-лигата, Адам Силвер, кој додаде дека 30 дена е најмалку што може да се очекува да нема кошарка во најсилната лига.

- Оглас -

Најнови вести