Романките се мачеа, Норвежанките потсетија на старите времиња

Романија ја победи Шпанија со 27:15, а Норвешка беше подобра од Холандија со 29:16 во двата денешни натпревари на Европското првенство во ракомет за жени. По ваквиот расплет на настатните, во групата 2 само Шпанија нема шанса да оди понатаму, сите други пет селекции со свои калкулации влегуваат во последното коло.

Романките во Нанси одиграа лошо прво полувреме, во кое имаа 14 загубени топки, но предводени од Кристина Неагу, која даде 7 гола, и Крина Пинтеа со 6 заиграа подобро во вториот дел, па направија пресврт и славеа против „црвената фурија“, која уште нема освоено бод. Во последното коло, на Романија доволен ќе ѝ биде и бод против соседот Унгарија за пласман во полуфиналето, а теоретски, дури и со пораз може да биде прва или втора.

Холанѓанките не знаеја за пораз во првите три кола, на некој начин беа пријатно изненадување, но вечерва налетаа на Норвешка, која им одржа час по ракомет. Норвешка 19 години нема пораз од Холандија и традицијата продолжи.

И покрај победата, седумкратниот европски првак Норвешка има два бода помалку од Холандија, па ќе мора да триумфира и во последната рунда против Шпанија. Холандија уште зависи само од себеси и утре треба да победи против Германија.

- Оглас -

Најнови вести