Се појави видео од „магичните зборови“ кои на полувреме ги кажа селекторот на Саудиска Арабија за да се случи чудото против Аргентина!

Репрезентацијата на Саудиска Арабија беше креатор на сензационалната победа над Аргентина со 2:1, и тоа со пресврт во второто полувреме. Сите беа збунети од тоа како одиграа Саудијците, посебно во првите неколку минути од второто полувреме, кога и ги постигнаа двата гола за пресврт.

Многумина се прашуваа што биле советите на селекторот Ерв Ренар за фудбалерите на Саудиска Арабија да влезат со таков мотив во вториот дел, а сега излезе видео од соблекувалната за тоа што се случувало на паузата од 15 минути. Францускиот стратег беше жесток критичар за тоа како одиграа неговите избраници во првиот дел и како го гледале Меси како игра, а тие стојат на теренот.

„Ова е пресинг? Пресинг не е тоа што вие го правите. Меси ја има топката на средината од теренот, а ти стоиш во одбрана. Мораш веднаш да тргнеш. Земете ги вашите мобилни телефони и потоа фотографирајте се со нив ако сакате, затоа што ете тие мора да ја имаат топката во нивните нозе. Ти кога си во одбрана и кога ќе видиш дека тие ја имаат топката, веднаш тргнуваш да го следиш“, викаше Ренар, а преведувачот со иста жестина ги пренесуваше неговите зборови на арапски јазик. Интересно е дека селекторот Ренар во минатото има работено и како чистач, а сега е херојот кој ја „исчисти“ Аргентина.

Саудијците објавија и видео во кое се покажува како репрезентацијата се подготвува за мечот со Аргентина, каква била целата атмосфера за време на дуелот и, секако, како славеа по победата над двократниот светски првак.

- Оглас -

Најнови вести