Освојувачот на Златната топка нѐ пофали, но не нѝ дава шанси: Ќе се врати италијанскиот дух од ЕП и ќе играме со Португалија за пат во Катар

Фабио Канаваро вели дека Македонија не смее да се потцени и очекува во бараж дуелот на 24. март идната година Италија да го покаже духот што го имаше на Европското првенство ова лето, кога Аѕурите ја освоија титулата.

„Верувам во тандемот Кјелини-Бонучи и нивните лидерски капацитети. Тие ќе го покренат тимот да го врати духот и атмосферата што ја имавме на ЕП, а беше фантастична и не донесе до европскиот трон. Македонија не смееме да ја потцениме, бидејќи сите селекции кои играат во баражот имаат квалитет. Но, ако Италија игра како што умее нема да има проблеми. Очекувам да играме со Португалија за место на Светското првенство во Катар“, изјави Канаваро за „Газета дело спорт“.

Освојувачот на Златната топка во 2006 година, една деценија претходно беше дел од репрезентацијата на Италија што во бараж двомеч ја елиминира Русија со вкупен резултат од 2:1.

Во Русија првиот меч заврши нерешено 1:1, а Италија славеше во Неапол со 1:0 и се пласира на Мундијалот во 1998 година. Таму четирикратните светски шампиони испаднаа во четвртфиналето на пенали од Франција, која потоа стана и светски првак.

Италија има и лошо искуство со бараж дуелите и тоа е многу тазе. Во бараж двомеч со Шведска за претходниот Мундијал во Русија во 2018 година, Аѕурите не постигнаа гол за 180 минути игра и беа елиминирани со пораз на гости од 0:1 и со реми без голови на домашен терен.

Во тој циклус за настап на СП, Македонија одигра два извонредни дуели си Италија. Во Скопје загубивме со 2:3 во трилер меч, а потоа во Торино одигравме нерешено 1:1.

Вчера на ждрепката што се одржа во Цирих, Италија ја доби Македонија за противник во полуфиналните баражи и ќе ни биде домаќин на 24. март од 20.45 часот. Италијанците кои се актуелни европски прваци дополнително ќе одредат каде ќе се игра мечот.

Победникот ќе и гостува на Португалија, или на Турција во финалето на 29.март и победникот од тој дуел ќе игра на Светското првенство во Катар, идната година во ноември и декември.

 

 

- Оглас -

Најнови вести