Трајковски и Бајиќ се задоволни: Одговоривме на предизвикот, но не значи ништо ако не победиме уште двапати

Бојан Трајковски и Драган Бајиќ се задоволни со начинот на кој нашите кошаркари одговорија по поразот од Швајцарија и ја совладаа Словачка со 69:47 на патот кон квалификациите за настап на Мундијалот во 2023 година.

Капитенот Трајковски беше најдобар стрелец со 16 поени, имаше и 8 скока и одлично ги предводеше македонските кошаркари до првиот триумф на претквалификациите во Скопје.

„Задоволен сум од начинот на кој одигравме против Словачка и особено од начинот на кој се вративме по поразот од Швајцарија. Сепак сега треба брзо да го заборавиме овој меч, како што тоа го сторивме и со претходниот и да се подготвиме за реванш против Швајцарија. Ни требаат две победи за сигурно да играме квалификации за Светското прввенство и верувам дека имаме квалитет да ја исполниме целта“, изјави Трајковски.

Македонија одигра фуриозна последна четвртина и имаше неверојатна серија од 20:0, без примен кош нешто над 7 минути и покажа дека се уште е прв фаворит за првото место во претквалификациската група за настап на Мундијалот, што за две години ќе го организираат Индонезија, Јапонија и Филипини.

Турнирот во Скопје продолжува со вториот круг, а Македонија задутре ќе игра пак против Швајцарија. Сите три селекции имаат по една победа и пораз.

„Им благодарам на навивачите што дојдоа и не поддржаа да го прегрмиме незгодниот поразод Швајцарија. И момците на паркетот покажаа дека Македонија има квалитет за настап во следната фаза. Ни останува еден ден да се одмориме и се надевам потоа и да одиграме уште подобро од вечерва“, изјави селекторот Бајиќ.

Против Швајцарија ќе играме во понеделник од 19 часот, а со Словачка ќе го завршиме турнирот во Скопје, со нов меч во среда исто така од 19 часот.

Двете првопласирани репрезентации ќе играат во квалификациите за СП 2023.

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести