Варди гo спречи Јунајтед да влезе во рекордните книги на Премиер лигата (видео)

Боксинг деј во Англија тргна со ефикасно реми меѓу Лестер и Манчестер јунајтед со конечните 2-2 на „Кинг пауер“ стадионот. Ако денот се познава по првиот натпревар, тогаш нè очекува вистинска празнична голеада со оглед на тоа дека Лисиците и Црвените ѓаволи отворија доста добро.

Веќе во втората минута од средбата Рашфорд можеше да отвори со погодок, меѓутоа промаши голем зицер со глава од непосредна близина. Сепак, англискиот голгетер се оправда точно 20 минути подоцна кога погоди за водство од 1-0 во корист на гостите.

Домаќините потоа запнаа што побрзо да израмнат, а успеаја во тоа преку Харви Барнс и неговиот одличен удар од далечина со кој го совлада Де Хеа за 1-1 во 31-та минута.

Второто полувреме продолжи со исто така висок ритам. Рашфорд повторно се најде во голема прилика која ја одбрани Шмајхел со одлична интервенција. Се чекаше дури до 79-тата минута за промена во резултатот, кога Фернандеш својата асистенција за првиот гол ја украси со погодок за 2-1 во корист на гостите.

И кога се чинеше дека Манчестер ќе ја запише 11-тата последователна гостинска победа во Премиер лигата со која ќе се израмни со Челзи и Манчестер сити во овој рекорд, Џејми Варди не дозволи разочарување и реализираше за конечни 2-2 во 86-тата минута.

- Оглас -

Најнови вести