Дуото на Сан Антонио Спарс Виктор Вембањама и Крис Пол испишаа историја на Ол-стар викендот и тоа негативна. Тие двајца се првите кошаркари кои биле дисквалификувани од натпреварувањето за вештини (skills challenge), затоа што нивните шутеви кон кошот не беа исправни.
Вембањама признава дека тој го смислил планот за тоа како побрзо да се „отарасат“ од топките.
„Јас го смислив тоа и не жалам. Мислам дека беше добра идеја“, рече Вембањама по дисквалификацијата. Францускиот репрезентативец вели дека добро ги прочитал правилата и дека сфатил дека ќе заштедат многу време ако само ги фрлаат топките кон кошот, а не да бидат тоа вистински шутеви.
На крајот, двоецот од Сан Антонио имаше убедливо најдобро време (47,9 секунди), но челниците на НБА ги дисквалификуваа. „Имавме најдобро време. Бројките тоа го покажаа“, гордо рече центрот на Сан Антонио.
На крајот, трофејот за најдобри во играта „Вештина“ го освои двоецот на Кливленд, Донован Мичел и Еван Мобли. Тие во финалето беа подобри од Мозес Муди и Драјмонд Грин од Голден Стејт.
Најдобар тројкаш е бекот на Мајами, Тејлор Хиро кој имаше најпрецизен шут во финалната серија и на крајот зад себе ги остави Бади Хилд и Даријус Гарланд.